Connect with us

Македонија

Обвинувам за помор на македонскиот род, македонското име, за се што е македонско

Никогаш во историјата на една држава, вклучувајќи ја и нашата, или народ, вклучувајќи го и нашиот, не се случило тоа што се случува деновиве во Македонија: лидер да продаде сѐ, дури и своите предци, своите поколенија, внуци, правнуци…, а на крајот и својата партија (која единствено навидум му веруваше), за да опстои на власт

Насловот на денешнава колумна – „Обвинувам!“ е позајмен од писмото објавено на насловната страница во весникот „Зора“ на 13 јануари 1898 г., во кое Емил Зола ги обвинува француските власти за антисемитизам, корумпираност и монтиран судски процес, во кој неправедно го осудуваат Алфред Драјфус.

За оваа ангажираност на писателот Зола, академик Луан Старова ќе напише: „Зола дотогаш се сметаше за значаен писател-реалист, додека со пишувањето на памфлетот и ангажирањето во аферата ’Драјфус‘ станува интелектуалец. Така, во француската интелектуална историја почнува дистинкција помеѓу интелектуалецот и писателот, интелектуалецот и носителите на другите професии. Така, може да се биде носител на која било професија од духовната сфера, но не и интелектуалец“.

Зошто, пак, јас се одлучив за ваков наслов? Никогаш во историјата на една држава, вклучувајќи ја и нашата, или народ, вклучувајќи го и нашиот, не се случило тоа што се случува деновиве во Македонија: лидер да продаде сѐ, дури и своите предци, своите поколенија, внуци, правнуци…, а на крајот и својата партија (која единствено навидум му веруваше), за да опстои на власт. Екстремноста оди дотаму што, во името на нарачателите, дури и порачува: „Меѓу 14 декември и 15 јануари е периодот кога може да се одржи Советот за општи работи. Тоа е можност да се исчекори напред и, конечно, по 16 и пол години да почнеме преговори.“

Меѓутоа, дали сте се запрашале што, всушност, значат овие зборови? Дали е тоа повторно безобѕирна лага и политичка манипулација, слично на веста од 24 март 2020 година, што сѐ уште може да се прочита на веб-страницата на МНР, според која, Македонија „ги започнува преговорите за членство во ЕУ: по 15 години чекање во овие тешки моменти од Брисел стигна верификацијата за успехот на нашите напори“?

Или, пак, ако не е лага ниту манипулација, дали станува збор за уште пострашен и поподмолен чекор, за веќе договорен конечен, завршен, судбоносен удар врз македонската самобитност? Во тој контекст, едно нешто би нагласил: надворешните булдожери дури и малку да го исчистат теренот, сепак, тоа не може да го смени фактот дека македонскиот јазик постои повеќе од илјада години и дека тој е „единствената наша целосна татковина“ којшто ги обединува сите Македонци – и оние во државата Македонија и оние во пиринскиот и егејскиот дел на Македонија и оние во дијаспората. Освен, ако ние самите не го смениме тоа одвнатре.

Адам Смит, познат по прекарот татко на економијата, инаку раководител на Катедрата за морална филозофија на Универзитетот во Глазгов, потенцирам МОРАЛНА филозофија, во 1776 година, пред 245 години, ќе напише: „Трговците и производителите ниту се, ниту треба да бидат владетели на човештвото“.

За жал, токму тоа ни се случи нам. Вознемирен од тековните случувања, не само како граѓанин на оваа наша татковина туку и, пред сѐ, како член во храмот на науката и уметноста, кој е општествено должен да не остане нем и слеп на стварноста, ве повикувам да направиме сѐ за да престане ова лудило, со разумност, низ соодветните правни институционални рамки на едно демократско општество. Ве повикувам да направиме сѐ да не згасне Македонија.

Да не згасне Охридската книжевна школа формирана во 886 година! Да не згасне македонскиот духовен универзум, да не згаснат МАНУ, УКИМ и МПЦ! Ве повикувам да се обединиме!!! Нека трговците и производителите го прават тоа што знаат и треба да го прават, ама дефинитивно изречно НЕ да ја водат Македонија. Доживеавме да се распродаде речиси сѐ, па така станавме „северномакедонци“ лишени од својата историја, од својата колективна меморија, од своите културни и идентитетски атрибути. Нема повеќе македонска Македонија!

Македонија веќе со години е „заробена држава“ – термин што подразбира партизација на институциите во една држава. Да бидат нештата појасни, би се повикал на двајца писатели, Џорџ Орвел и Олдос Хаксли, кои, првиот во книгата „1984“, а вториот во новелата „Храбриот нов свет“, визионерски предвидуваат во што би можела да се претвори нашата цивилизација.

Имено, Орвел стравува од „заробена цивилизација“ во којашто информациите ќе бидат манипулирани, додека, пак, Хаксли се плаши од „тривијална цивилизација“ во којашто луѓето ќе бидат преплавени со непотребни информации. Книгата „Заробениот ум“ (Чеслав Милош) е студија за „разбивањето на човекот на две личности“ (Карл Јасперс) под влијание на огромниот идеолошки притисок на тогашниот СССР (книгата е пишувана во 1951 година). Но и притисокот на западната либерална демократија, во заробена држава во која информациите или се манипулирани или се целосно бесмислени, може да доведе до заробени умови. Токму тоа и се случи во Македонија.

„Каква ќе му биде ползата на човекот, ако и сиот свет го добие, а својата душа ја загуби!? Има ли нешто повредно од твојата душа“ (Ев. Марко 8:36-37)? Каква ќе биде ползата од пристапување во ЕУ, ако ја загубиме нашата душа, ако ги загубиме македонскиот јазик, нашата историја, колективна меморија, културни и идентитетски атрибути? Дали треба да проговориме за тековните настани во Македонија или да премолчиме?

По кој пат треба да тргнеме? „Два патишта се делат во шумата, а јас – / Го избрав оној по кој помалку се патуваше, / И тоа ја направи сета разлика“ (Роберт Фрост). Па така, патот што треба да го избереме за ЕУ треба да биде пат поплочен со принципи, а пристапувањето и влезот во ЕУ ќе бидат достоинствени само ако македонскиот јазик, кој постои повеќе од илјада години, се зборува не само во државата Македонија туку и во соседните држави.

Според Конфино, интелектуалците се карактеризираат со следните особини:

„(1) длабока грижа за проблемите и прашањата од јавен интерес – социјални, економски, културни и политички;

(2) чувство на вина и лична одговорност за државата и решавање на овие проблеми;

(3) склоност да се гледаат политички и социјални прашања како морални прашања;

(4) чувство на обврска да се бараат крајно логички заклучоци – во мислењето и во животот – по која било цена;

(5) убедување дека работите не се такви какви што треба да бидат и дека треба да се стори нешто.“ Оттука, не секој духовен или мисловен деец е и интелектуалец.

Слично на тоа, може да се биде носител на која било професија од политичката сфера, но не и интелектуалец. А токму огромниот недостиг од политичари во земјава што се истовремено и интелектуалци, што е големa пречка за здрав развој на една држава, ме поттикна, во духот на писмото на Зола, да ја завршам денешнава колумна со неколку обвинувања што сведочат за тоа.

Обвинувам за велепредавство, за изневерување на македонските принципи, за плиткост, за неукост, за кусогледост, за самоукинување, за немање визија, за властољубие, за користољубие, за неправда, за немање осет за геополитичка стратегија, за работење против државните интереси.

Обвинувам за распаѓање на Македонија по сите основи, по сите шевови.
Обвинувам за поробена Македонија, демакедонизирана Македонија, за тоа што ја предадоа Македонија, онака, доброволно, од ќеф, за грст долари, за нестварен сон, за илузија, за „повисока цел“.

Обвинувам за големи лаги, круцијални предавства и празни ветувања што ги направија нашите животи да станат бесцелни, безидејни, нестварни, анксиозни, вознемирени, депресивни, конфузни, очајни.
Обвинувам за помор на македонскиот род, македонското име, за сè што е македонско, пишува академик Коцарев во својата колумна за „Нова Македонија“.

Македонија

Рекордна година за Скопје – аеродромот со 3 милиони патници, растот продолжува до 3,2 милиони

Меѓународниот аеродром Скопје денес го дочека својот тримилионити патник во една календарска година. Среќничката, Милена Таскова, беше изненадена на нејзиниот лет Скопје – Бари.

Раководството на аеродромскиот оператор ТАВ Македонија, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, приредија емотивно изненадување за госпоѓа Таскова.

Милена Таскова беше облеана во подароци: бесплатни аеродромски услуги од сестринските компании на ТАВ и два бесплатни авионски билета од авиокомпанијата Виз Ер (Wizz Air).

Неџат Курт, генералниот директор на ТАВ Македонија, не ја криеше својата возбуда:

„Го достигнавме тримилионитиот патник во една година! Првпат лета за Бари, и посакав среќа на неа и нејзиното семејство.“

Курт најави дека ова е само почеток. Според оптимистичките прогнози на ТАВ, Скопскиот аеродром до крајот на годината ќе заврши со 3,2 милиони патници, додека аеродромот во Охрид се очекува да достигне 262.000 патници.

Овој успех не само што го потврдува растот на авиосообраќајот во земјата, туку и ја зацврстува позицијата на Скопје како значаен регионален воздушен центар.

Continue Reading

Македонија

Автошколите под лупа: Дали договарале цени за обука на возачи?

Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) фрли сенка врз работата на авто-школите во земјава, откривајќи индиции за можно картелско договарање на цените за обука на возачи. Одлучувачката Комисија за прекршоци при КЗК соопшти дека извршила голем, интензивен увид во повеќе од 40 авто-школи ширум Република Македонија. Целта е утврдување можни драстични прекршувања на Законот за заштита на конкуренцијата.

Она што го откри комисијата е многу сериозно. При увидот, се појавиле силни индиции кои упатуваат на усогласено однесување на авто-школите, односно нелегален картелски договор при формирањето на цените за кандидатите за возачи.

Ова потенцијално претставува директно кршење на клучниот член 7 став (1) од Законот за заштита на конкуренцијата, кој го забранува договорното однесување кое ја попречува или ограничува конкуренцијата.

Комисијата нема да застане тука. Тие најавуваат интензивно прибирање докази и детално утврдување на сите факти поврзани со ова сомнително однесување.

Доколку истрагата го потврди постоењето на забранетото договорно дејствување – односно дека авто-школите им штетеле на граѓаните со вештачки надуени цени – КЗК порачува: ќе бидат преземени најостри мерки согласно законот.

Комисијата е посветена на заштита на фер пазарот и на интересите на потрошувачите – порачаа од КЗК, најавувајќи дека случајот ќе го следат до крај.

Continue Reading

Македонија

Голема полициска акција во Прилепската болница – има уапсени

finansiska

Финансиската полиција денес изврши апсење на лице директно поврзано со Општата болница во Прилеп.

Според информациите, станува збор за сериозен криминал – проневера на вртоглава сума од околу 16.000.000 (шеснаесет милиони) денари од болничките сметки.

Иако засега надлежните институции молчат и не изнесуваат официјални детали, истрагата е во тек.

Повеќе детали за овој скандал се очекуваат во текот на денот, веднаш по официјалната потврда од истражните органи.

Извор: Прес24 

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг