Пет тажни години без ЕСМА: Цело Скопје ја памети нејзината свадба, а еве и зошто Тито ја обожувал!

На 11 декември 2016 година на 73 годишна возраст, по кусо и тешко боледување почина кралицата на ромската музика или како што ја ословуваат и кралицата на убавата песна, Есма Реџепова-Теодосиевска. Зад неа остана долга 55 годишна кариера исполнета со неверојатно многу успеси. Кога со сопругот Стево се врати во родната Македонија, по распаѓањето на Југославија, Есма стана вистински музички амбасадор на својата татковина во светот. Родена е како петто дете во семејствто на Чанија и Ибраим Реџепов, во мала сиромашна куќичка во центарот на Скопје.

Таткото Ибраим во април 1941 година на почетокот на Втората светска војна ја изгубил едната нога, но и како таков се трудел со сите сили да ги издржува четирите ќерки и двата сина. Беше уличен чистач на чевли, но бидејќи останал инвалид, некој постојано морал да му помага, да му ја носи кутијата со бои и четки. Покрај останатите браќа и сестри, и малечката Есма станала постојан помошник на татка си. Парите што и таа си ги заработувала всушност ги штедела за да оди во кино кое многу го сакала. Како девојче била многу бунтовна. Најмногу и пречеше што во тоа време ја понижувале со прекарот “Циганката“. Но, таа никогаш не се срамела од ниту една работа. И како деветгодишното девојче чистела и перела во богатите семејства. Од најраната младост се истакнува со прекрасен глас, дар од природата. Песната пополека почнува да и станува се на овој свет.