Сарафов: БРЗИНАТА на автобусот од несреќата на „СТРУМА“ била НЕСООДВЕТНА со условите на патот

Со несоодветна брзина се движел возачот на автобусот во кој загинаа 45 македонски државјани. На автопатот во Бугарија возел повеќе од дозволените 90 километри на час, открива бугарскиот заменик главен обвинител Борис Сарафов.

Според првичните сознанија на  бугарските власти станува збор за човечка грешка, опдносно брзината со која се движел возачот била несоодветна со условите на патот.

„Брзината е прилично неусогласена, 90 километри на час биле надминати. Барањата за еден професионален возач на автобус се повисоки отколку за кој било друг возач. Затоа било неопходно и брзината да била соодветна на условите независно од ознаките на патиштата.“ – изјави Борис Сарафов.

Истражните органи не ја отфрлаат можноста дека ознаките на патот не биле соодветни, но според нив, причината за несреќата не е лошата патна сигнализација.

„Да, возможно е патните ознаки да не одговарале и тие очигледно не одговараат на барањата, но во никаков случај нема причинско-последична врска меѓу катастрофата и лошата патна сигнализација. Да, тоа во некаков степен придонесува возачот да биде повнимателен, да вози со соодветна брзина и со поголема концентрација и внимание. Тоа бара многу посериозна одговорност и ангажираност од тоа што било во случајот.“ – изјави Сарафов.

Епилог за автобуската несреќа се очекува кон крајот на месецов, односно истражните органи најавуваат дека истрагата е во завршна фаза. До 25 декември треба да бидат готови судското, техничкото и вештачењето кое треба да утврди како автобусот преполн со патници изгоре за само неколку минути.

Инспекторите кај нас пак досега не можеа да извршат инспекциски надзор во Беса транс, бидејќи во неколку наврати наидоа на затворени врати пред канцелариите на компанијата. ТВ 24 денеска разговараше со директорот на државен инспекторат за транспорт Руфат Хусеини, кој вели дека денеска во соработка со другите институции повторно ќе се обидат, но не се знае кој ќе биде исходот.

Истрагата за автобуската несреќа ја води бугарското обвинителство, со помош на експертски тимови од земјава. Првичната истрага покажа дека автобусот од непозната причина скршнал надесно и удрил во заштитната ограда, а од ударот се дупнал резервоарот по што избувнал пожар. Во несреќата животот го загубија 45 македонски државјани, а 7 беа повредени.