Нема К-15 за јавната администрација, Бесими не предвидел пари

Пари за К-15 за јавниот сектор нема. Министерот Бесими вели дека во буџетот за наредната година не е предвидена ваква ставка, но и покрај тоа Владата и ССМ се во преговори за исплата на регрес на сите вработени во јавниот сектор. Според договореното по протестот во неделата, до 20 јануари ќе бидат познати деталите.

Буџетот има пари за помош при плаќањето на сметките за струја за социјално ранливите категории граѓани. 35.000 семејства и 9000 пензионери за оваа намена ќе добиваат по 1000 денари  месечно. Преку поддршка на енергетските компании ќе бидат обезбедени и дополнителни количини струја за стопанството за да се ублажи ефектот од високите цени на берза. Како дополнителна поддршка за зголемување на ликвидноста на фирмите, државата ги намалува и увозните давачки за над 250 тарифи. Се работи за суровни кои се користат во фабриките во зоните, во металопреработувачката индустрија, во текстилкиот сектор.

За олеснување на работата на компаниите Владата го подигна и прагот за регистрација за  ДДВ обврзник од 2 на 3 милиони денари годишен промет.

Од синдикатот на УПОЗ се револтирани- велат не можат да ја разберат изјавата на министерот, бидејќи правото на регрес за 25.000 вработени во управата и правосудството е утврдено со колективен договор. Ако не ги добијат парите – се закануваат со тужби. Велат го поддржуваат  барањето на ССМ регрес да добијат сите 130.000 административци исто како што добиваат вработените во приватниот сектор.

Од синдикатот на УПОЗ велатт дека колективниот договор важи до февруари идната година, а на новите преговори со Владата ќе бараати повеќе права и К-15 не од 9.000 туку од 11.500 денари колку што е во приватниот сектор. ССМ пак со протестот во неделата побара да се потпише општ колективек договор за јавниот сектор со кој ќе се утврди правото на регрес за сите околу 130.000 административци.