Наскоро ќе биде лансиран најмоќниот телескоп направен досега кој ќе ни помогне да сфатиме како се создале првите ѕвезди и галаксии, но и да откриеме многу за мистериите на нашиот универзум.
Астрономите, како и љубителите на астрономијата, со нетрпение го очекуваат лансирањето на телескопот Џејмс Веб кој има потенцијал засекогаш да ги промени нашите знаења за универзумот.
Овој телескоп ќе може да погледне подалеку од кој било друг, дури и добро познатиот Хабл, а експертите се надеваат дека ќе открие како се формирале првите ѕвезди во универзумот.
Едноставно кажано, телескопот Џејмс Веб ќе може да погледне во минатото и да ни покаже како се родиле првите ѕвезди и галаксии.
Ова е најмоќниот, но и најскапиот телескоп направен досега – мисијата чини 10 милијарди долари.
Зошто се вика Џејмс Веб? Телескопот е крстен по Џејмс Веб, вториот администратор на НАСА кој бил на функција од 1961 до 1968 година.
За јавноста, Џејмс е најпознат по мисијата Аполо со која човекот стапна на Месечината, а од НАСА сметаат дека тој е личноста која направила повеќе за Агенцијата и науката од кој било друг на слична позиција.
НАСА обично ги нарекува леталата, мисиите и слично според научници, а не бирократи како Џејмс Веб, па името предизвика контроверзии и постоеше можност да се смени.
Но, поради уделот на Џејмс, сегашниот администратор на НАСА одлучи името да остане.
КОЛКУ ВРЕМЕ СЕ РАБОТИ НА ОВОЈ ПРОЕКТ И ЗОШТО ЧИНИ ТОЛКУ МНОГУ?
Инженерите работат на телескопот Џејмс Веб 30-тина години и велат дека ова е проект за којшто не смеат да си дозволат неуспех.
Бидејќи телескопот ќе се наоѓа на огромно растојание од Земјата, поправките нема да бидат возможни, барем не со сегашната технологија, па буквално секое делче од него е тестирано илјадници пати во изминативе три децении.
Поради ова, телескопот достигна цена од неверојатни 10 милијарди долари.
Џејмс Веб ќе биде многу помоќен од Хабл кој беше лансиран во 1990 година и неговите огледала, кој се најважниот дел, се дупло поголеми.
Огледалото на Џејмс Веб е всушност најголемото огледало што ќе биде испратено во вселената и има дијаметар од 6,5 метри. Направено е од берилиум, а горниот слој од злато.
Огледалото го сочинуваат 18 хексагонални делови кои ќе бидат контролирани со над 100 мотори.
Задачата на големото огледало е да ја детектира светлината од далечно небесно тело. Бидејќи е позлатено, ќе може да детектира и инфрацрвена светлина.
Оваа светлина ќе се фокусира во секундарното огледало кое потоа ќе ја испрати до инструментите кои треба да произведат слика.
Телескопот е соработка помеѓу НАСА и Европската вселенска агенција, а деловите се направени од неколку различни компании.
КАДЕ ЌЕ СЕ НАОЃА ТЕЛЕСКОПОТ И ШТО СЕ ОЧЕКУВА ДА НИ ПОКАЖЕ?
Сите телескопи на Земјата се соочуваат со исти проблеми – светлината и земјината атмосфера.
Бидејќи атмосферата содржи влага, сигналите што допираат до телескопот можат да бидат замачкани и искривени. Светлината, пак, го намалува интензитетот на ѕвездите и небесните тела што се набљудуваат.
Одлично решение за ова се вселенските телескопи – како Хабл и Џејмс Веб.
Џејмс Веб ќе се наоѓа многу подалеку од Хабл, односно на растојание од 1,5 милиони километри од Земјата. На ова растојание се наоѓа точка (L2) каде што гравитационите сили на Земјата и Сонцето се изедначени.
Телескопот нема да орибитира околу Земјата, туку околу Сонцето.
Како што напоменавме, телескопот ќе може да детектира и инфрацрвена светлина, поради што ќе може да гледа многу подалеку во вселената.
Светлината што ја емитувале првите ѕвезди и галаксии, кога универзумот бил само неколку стотици милиони години стар, веќе е претворена во инфрацрвена. Телескопот ќе ја детектира токму оваа светлина, што значи ќе ни овозможи да погледнеме во минатото.
Google ја укинува омилената апликација – еве со што ќе биде заменета
Google ќе го укине Google Assistant на повеќето Android уреди почнувајќи од почетокот на следната година, како дел од планот за замена на гласовниот помошник со новата вештачка интелигенција Gemini.
Google Assistant, лансиран во 2016 како конкурент на Apple Siri и Amazon Alexa, ќе биде надграден со Gemini, кој ќе се користи и на таблети, автомобили, слушалки, часовници и паметни куќни уреди. Новиот систем ќе овозможува природно гласовно управување и исти команди како претходниот помошник.
Google исто така претстави Gemini Home AI за паметни куќни уреди, а новиот Google Home Speaker се очекува во пролет 2026. Google Assistant ќе остане активен до март 2026, по што корисниците ќе бидат целосно префрлени на Gemini.
Претходно услугата се викала Bard, но беше ребрендирана во Gemini почетокот на 2024, кој сега покрива и AI модели и домашни уреди.
На ChatGPT и требаат 200 милијарди долари да продолжи со операциите
Според најново истражување на HSBC, OpenAI, сопственикот на ChatGPT, би можел до 2030 година да треба да обезбеди околу 207 милијарди долари за продолжување на своето работење, поради растечките трошоци за компјутерска инфраструктура и глобалната трка во областа на вештачка интелигенција.
Приходите се очекува да достигнат околу 129 милијарди долари, додека трошоците за cloud инфраструктура би можеле да достигнат 800 милијарди долари. ChatGPT би можел да достигне три милијарди редовни корисници, споредено со 800 милиони минатиот месец.
OpenAI во последните три години привлече големи инвестиции, а во октомври стана највредната приватна компанија во светот, проценета на околу 500 милијарди долари. Трошоците за раст се зголемуваат побрзо од приходите, што претставува ризик за компанијата и за технолошките партнери како Microsoft, Amazon и Oracle.
Еве што најмногу ја троши батеријата на вашиот телефон
И покрај поефикасните процесори, подобрените батерии и напредните системи за управување со енергијата, батеријата на смартфоните и понатаму брзо се празни – најчесто поради начинот на кој ги користиме уредите.
Апликации во позадина
Најголеми „скриени“ потрошувачи се апликациите што работат во позадина – социјални мрежи, фитнес-тракери, па дури и тастатури. Проверете во Поставки > Батерија кои апликации трошат најмногу енергија и ограничете ја нивната позадинска активност. Намалете ја и автоматската синхронизација кај мејлови, календари и облак-сервиси.
Екранoт – најголемиот потрошувач
Осветлувањето и високата стапка на освежување значително го скратуваат траењето на батеријата. Користете адаптивна светлина наместо рачна и ограничете го освежувањето на 60Hz кога не играте игри. Темниот режим е особено ефикасен кај OLED екрани, бидејќи исклучува дел од пикселите и штеди енергија.
Паметно полнење
Современите телефони нудат функции за заштита на батеријата кои го забавуваат полнењето над 80% за да се намали долгорочното оштетување – вклучете ја оваа опција. Користете полнење со кабел кога можете и избегнувајте честo брзо полнење, освен кога сте во итност.
Со внимателни поставки и неколку навики, батеријата може да трае значително подолго без разлика на моделот на телефонот.