ПЕНЗИОНЕРИТЕ ќе се возат БЕСПЛАТНО во вторник, петок, сабота и недела

Пензионерите во Скопје повторно ќе имаат бесплатен автобуски превоз во вторник, петок, сабота и недела. Оваа одлука треба да стапи на сила наредниот месец, а за таа цел од буџетот на Град Скопје ќе се дадат 650.000 евра субвенции на ЈСП „Скопје“. Бесплатниот автобуски превоз за пензионерите беше укинат лани во март поради пандемијата на ковид-19.

Оваа одлука за субвенционирање на претпријатието за да се воведе бесплатниот превоз треба да се гласа на седницата на Советот на Град Скопје в среда. Со одлуката се предлага бесплатен превоз преку цела недела како и до сега да продолжи да важи за редовни студенти на додипломски студии на државните универзитети.

Покрај за бесплатен превоз, со буџетот за 2022 ЈСП ќе добие субвенции и поради потешкотии во работењето и исплата на приватните превозници во износ од 4 милиони денари, како и 1 милион евра за функционирање на системот за автоматска локација на возилата (АВЛ).

„Согласно препораките на Меѓународната асоцијација за патен транспорт (ИРУ), како и Меѓународната асоцијација за јавен транспорт (УИТП), Советот на Градот Скопје уште во 2008 година започна да го субвенционира јавното сообраќајно претпријатие. Со цел подобрување на квалитетот на јавниот превоз на поширокото подрачје на Град Скопје, предвидени се 250.000.000 денари за потешкотии во работењето, а согласно на Одлуката за линиски поревоз на патници, средставата кои се наменети за ЈСП ‘Скопје‘ индиректно ќе бидат наменети и за приватните превозници  кои го имплементираат концептот исплата по изминат километар“, се вели во образложението на градоначалничката Данела Арсовска.