Средношколките во Скопје ќе добиваат бесплатни ментруални влошки

Средношколките во училиштата во Скопје под надлежност на Градот ќе добиваат бесплатни менструални производи. Во буџетот за наредната 2022 година за оваа намена ќе бидат предвидени 2 милиони денари (32.000 евра), откако на вчерашната расправа за буџетот беше прифатен амандманот на советничката во Советот на Град Скопје од редовите на ДОМ Теодора Крстевска.

„На седницата на која се гласа буџетот на Град Скопје за 2022 година, од моја страна беа предложени 4 амандмани, од кои еден беше изгласан за, а останатите 3 беа изгласани против. 2 милиони денари ќе бидат наменети за обезбедување на бесплатни хигиенски менструални производи за девојчињата во средните училишта во годишните јавни набавки за хигиенски производи и со тоа ќе се ублажи проблемот со менструалната сиромаштија. Од јануари 2022 година, секое девојче ќе може нормално да функционира за време за менструалниот циклус“, напиша Крстевска на својот фејсбук профил.

Македонија се наоѓа високо на листата на земји кои не успеваат да управуваат со менструалната хигиена. Петнаесет отсто од девојчињата во земјава користат весници наместо хигиенски влошки за време на менструалниот циклус, поради високата цена на средствата за лична хигиена, покажа истражувањето на здружението Новинари за човекови права и Институтот за јавно здравје.

Истражувањето покажува дека во Македонија нема ниту едно основно училиште или средно училиште во кое тоалетите се адаптирани за управување со менструална хигиена. Во Македонија 90 отсто од ученичките во руралните средини не одат на училиште 4 до 5 дена кога имаат месечен циклус, додека 75 отсто од ученичките во урбаните средини изостануваат 2 до 3 дена поради истите причини. Истражувањето покажа дека 19 отсто од девојчињата воопшто не купуваат никакви средства.

Жената во Македонија во текот на својот живот троши осум месечни плати само за трошоци поврзани со менструални производи и лекарства за менструална болка, покажуваат резултатите од студијата за пристапот до менструална хигиена во Македонија насловена „Менструална правда: проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките“, промовирана минатиот месец, објавува СДК.мк