Connect with us

Македонија

Според народните верувања тоа што ќе го правите денеска, ќе го правите цела година

Свети Игнат, тоа што ќе го правите денеска, ќе го правите цела година според верувањата.

Според “Лозоровци“ – жители на село Лазарополе од денес почнува да “расте“ денот, односно денес за прв пат може да се забележи мало “растење“ на денот, колку врв од игла (сеќавање од баба ми Добринка, дојдена во Битола од Лазарополе).

Светата православна црква на 2 јануари го празнува споменот на Светиот свештеномаченик Игнатиј Богоносец, во народот познат како Св. Игнет, Игњат, Игнатов ден, итн. Овој ден уште и се наречува и “Прв Божик”, зашто тогаш започнуваат подготовките за празникот, поврзан со раѓањето на Исус Христос – Божик. Празникот Игнат секогаш е пет дена пред Божик 2. 1./20 XII и со него започнуваат свеченостите поврзани со зимските празници.

Кога Игнатиј бил дете Исус го зел во прегратка и на учениците им рекол: „Ако не бидете како деца нема да влезете во царството небесно”.

 Настрадал за време на римскиот цар Трајан, кога Христијаните одбиле на римските богови да им се принесат жртви.

Овој ден има две значења. Првото значење на овој верски празник е дека според народното верување од овој ден започнува да расте денот, а второто е дека  јануари, Свети Игнат е ден за кој се верува дека е одлучувачки за тоа што ќе ви се случува во текот на целата година.

На денешен ден, се верува, дека оној што ќе влезе прв во куќата носи среќа или несреќа. Ако тоа бил млад и убав човек (момче или девојка) се сметало дека носат среќа, а ако прв влезел некој старец или баба верувале дека не ќе оди најдобро. Обичајот е во врска со започнувањето на годината, кога се прогнозира среќата на поединецот и заедницата. 

Запомнете дека во сите обичаи од постарите и попаметни луѓе има и мала вистина. Затоа вие денеска направете нешто добро. Бидете внимателни, и не го правете она што не сакате да ви се случува цела година. Денеска заборавете на нервозите и проблемите, и насмејте му се на секој оној кој размислува поинаку од вас. Поканете ги пријателите во вашиот дом, нагостете ги, насмејте се, напијте се. Потоа пред спиење прочитајте некоја добра книга, за умно да ви тргне годината.

Не заборавајте да ги бакнете саканите, да им кажете колку ги сакате и колку тие ви се потребни. Затоа што запомнете, без љубов, новата година, без разлика на денешниот ден, со сигурност ќе ви тргне во погрешен правец.

Што се однесува пак до значењето дека од денес почнува да “расте“ денот, според верувања во Мијачкиот крај, денот од Варвара, ден пред Свети Никола, е најмал, а денес за прв пат може да се забележи мало “растење“ на денот, но според “Лозоровци“ – жители на село Лазарополе, тоа ќе биде колку врв од игла.

Македонија

Отворен шалтер за корекција на неточни прекршочни известувања

Сообраќајниот прекршок го прави еден возач, а казната завршува во рацете на сосема друго лице. Ваква неправда во изминатиот период погодува дел од граѓаните, откако системот „Безбеден град“ започна да испраќа известувања со погрешни податоци. Наместо вистинските прекршители, санкциите ги добиваат луѓе кои немаат никаква врска со сторениот прекршок. Од Министерството за внатрешни работи појаснуваат дека проблемот произлегува од неправилности во евиденцијата при регистрацијата на возилата, што доведува до сериозни пропусти во автоматизираниот систем.

За надминување на ваквите ситуации, МВР отвори посебен шалтер на приземјето во Одделението за граѓански работи, во зградата на МРТ, каде граѓаните ќе можат директно да пријавуваат случаи во кои добиле казна што не им припаѓа.

„Од денес шалтерот за ‘Безбеден град’ е целосно во функција. Секој што добил известување со неточни податоци за сообраќаен прекршок може да поднесе барање за корекција на информациите“, соопштуваат од МВР.

Истата постапка, како што појаснуваат од Министерството, може да се заврши и преку станиците за технички преглед на возила, на локациите каде што е присутен службеник на МВР. Граѓаните ќе имаат можност да ги ажурираат контакт-податоците оставени при регистрацијата на возилото, доколку тие се променети или доколку добиле погрешно известување.

„Граѓаните можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците што ги доставиле при регистрацијата на своите возила, во случај на промена или при добиено известување со неточни информации“, изјави портпаролот на МВР, Гоце Андреев.

Шалтерот ќе работи секој работен ден од 8:00 до 17:00 часот, а дополнително, граѓаните можат да пријавуваат нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со системот „Безбеден град“ и по електронска пошта на адресата bezbedengrad@moi.gov.mk.

Continue Reading

Македонија

Пресврт во случајот „Синџир“: „Ѓаволот“ се предаде, затворот заменет со домашен притвор поради загрозена безбедност

Првообвинетиот во мега-аферата за даночно затајување „Синџир“, Љупчо Пецов – познат како Ѓаволот, по долг период во бегство, од вчера е во рацете на правдата, но не зад решетки во Шутка, туку во својот дом.

Во ненадеен пресврт, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) се откажа од барањето за затворски притвор. Наместо тоа, обвинителството предложи, а Кривичниот суд прифати на Пецов да му биде одреден куќен притвор под строг 24-часовен полициски надзор.

„Судијата немаше избор – законот не му дозволува да одреди построга мерка од онаа што ја предлага самиот обвинител,“ појаснуваат од Кривичниот суд.

Обвинителството го оправда ваквиот „попуст“ со неколку клучни причини:

  • Влошено здравје: Пецов доставил медицинска документација за претходно болничко лекување и препораки за понатамошна терапија.

  • Безбедносен ризик: Обвинителите процениле дека неговата лична безбедност во истражниот затвор не може да биде гарантирана.

  • Сериозни влијанија: Постојат индиции за притисоци врз постапката и врз самиот обвинет.

  • Доброволно предавање: Пецов сам се појавил пред органите на прогонот и веднаш ги предал своите два пасоша.

Овој случај доби филмски пропорции по неодамнешното апсење на неговиот адвокат, поранешниот државен правобранител Фехми Стафа. Стафа „падна“ во полициска заседа под сомнение дека примил поткуп од 50.000 евра (од првично побараните 100.000) за да изврши притисок врз судии во Апелација за укинување на притворот на Пецов. Додека Стафа сега е во затворски притвор, неговиот клиент успеа да издејствува престој дома.

Случајот „Синџир“ е една од најобемните истраги за финансиски криминал во државата. Пецов е првообвинет во група од 26 лица и 28 компании кои, преку шема со фиктивни фактури и лажен ДДВ, се сомничат дека „испумпале“ 8 милиони евра од државниот буџет.

Иако Апелација претходно ја одби неговата милионска гаранција за слобода, неговото доброволно предавање и „кревкото здравје“ ги отворија вратите на неговиот дом, каде под будното око на полицијата ќе го чека продолжението на судскиот процес.

Continue Reading

Македонија

Само 15 од 3.690 автобуси во Македонија се електрични – јавниот транспорт останува далеку од еко-трансформација

Иако македонските патишта се преплавени со автобуси, квантитетот во овој случај не значи и квалитет. Најновите податоци на Евростат откриваат фасцинантен, но загрижувачки парадокс: додека Европа активно оди кон „зелена“ мобилност, македонскиот јавен превоз останува заглавен во облак од дизел чад.

Со 2 автобуси на секои 1.000 жители, Македонија со леснотија го престигнува просекот на Европската Унија (1,6). На хартија, нашата мрежа е погуста од онаа на многу европски метрополи. Сепак, од вкупно 3.690 регистрирани автобуси во 2024 година, дури 97,8% се движат на дизел.

Додека европските градови инвестираат во тивок и чист транспорт, во Македонија само симболични 15 возила (0,4%) се електрични – капка во морето на фосилните горива.

Интересен е податокот дека Македонија го обновува својот возен парк со двојно побрзо темпо од ЕУ. Минатата година биле регистрирани 379 нови автобуси, што претставува стапка на обнова од 10,2% (наспроти европските 5,1%).

Но, ние купуваме нови возила, но купуваме стари технологии. * Во ЕУ: Речиси секој петти нов автобус (17,8%) е со нулта емисија.

Речиси секој нов автобус е повторно – дизел.

Додека автобуската мрежа е натпросечно застапена, кај патничките автомобили сликата е обратна. Со 319 автомобили на 1.000 жители, Македонија сè уште е далеку под европскиот стандард од 578 возила. Ова сугерира дека граѓаните сепак се потпираат на јавниот превоз, што само ја зголемува итноста тој да биде модерен и еколошки.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг