Малата црква „Успение на Св. Богородица“, која се наоѓа во комплексот на Лешочкиот манастир, спаѓа меѓу најстарите и многу значајни цркви за македонската историја. Според некои сознанија, изградена била во 10. век, била возобновена во првата половина на 14. век, а сегашниот лик го добила во време на турското управување. Иако е ставена под заштита на државата како културно-историски споменик, долго време беше запоставена. Беа извршени поправки на покривот, но поради нестручната изработка, тој со години протекуваше, а влагата оштети голем дел од фреските. Минатата година покривот повторно беше саниран, а пред крајот на 2020 се започна со конзерваторска работа за обнова и истражување на фрескоживописот во црквата.
„Се спроведува еден сложен зафат каде што правиме раслојување на ѕидното сликарство според периодите кога се правени фреските. Во овој дел на апсидата наидовме на три слоја фрескосликарство“, вели Владо Муковски, советник конзерватор за ѕидно сликарство.
Раслојувањето е зафат кој бара висока стручност бидејќи не се работи за едноставно отстранување на слоевите, туку и за нивно зачувување. Затоа зафатот го изведува стручна екипа од Националниот конзерваторски центар.
„Досега раслоивме неколку позиции. Најстариот слој најверојатно датира од 14. век, но, за жал, наидовме на малку фрагменти. Вториот слој е од 17. век, третиот од 19. век и тоа е оној што сега може да се види во црквата. Проектот предвидува да го тргнеме последниот слој во оние делови каде што е најмногу оштетен и да се презентира слојот од 17. век. Ова, сепак, е долгорочна работа. Во нашето фрескосликарство, во апсидата на црквите најчесто биле претставувани ликовите на архиереите. Останува дилемата дали да се тргне и слојот од 17. век за да видиме што има во слојот од 14. век, но за тоа ќе се одлучува понатаму, откако ќе добиеме повеќе информации во наредните фази од истражувањето, бидејќи не знаеме колку е сочуван тој најстар слој фрески. Сега работиме парцијално на деловите од фрескоживописот каде што е најоштетен. Го тргнуваме оштетениот слој од 19. век на оние места каде што имаме податоци дека слојот од 17. век е добро зачуван. Слојот што го тргнавме ќе се постави на платно и потоа ќе биде изложен во конаците на Лешочкиот манастир или на некое друго место. Ова е првиот дел од реставрацијата, зафатот ќе продолжи и оваа година, а можеби и во наредните години“, вели Муковски.
Во Лешочкиот манастир се реконструира и стариот конак, кој исто така е под заштита на државата. Неговиот надворешен изглед ќе биде зачуван, а се зајакнува конструкцијата и се обновува внатрешноста.
„Извадени се гредите од сите три ката и поставени се масивни плочи, сменет е и покривот на еден дел од конакот. Во наредниот период ќе се уредуваат собите, ќе се стават прозорци и ќе се изградат кујна и трпезарија, кои ќе бидат во приземјето. Конакот ќе има повеќе соби за сместување на посетителите“, вели отец Александар Станковски од Лешочкиот манастир.
Отворен шалтер за корекција на неточни прекршочни известувања
Сообраќајниот прекршок го прави еден возач, а казната завршува во рацете на сосема друго лице. Ваква неправда во изминатиот период погодува дел од граѓаните, откако системот „Безбеден град“ започна да испраќа известувања со погрешни податоци. Наместо вистинските прекршители, санкциите ги добиваат луѓе кои немаат никаква врска со сторениот прекршок. Од Министерството за внатрешни работи појаснуваат дека проблемот произлегува од неправилности во евиденцијата при регистрацијата на возилата, што доведува до сериозни пропусти во автоматизираниот систем.
За надминување на ваквите ситуации, МВР отвори посебен шалтер на приземјето во Одделението за граѓански работи, во зградата на МРТ, каде граѓаните ќе можат директно да пријавуваат случаи во кои добиле казна што не им припаѓа.
„Од денес шалтерот за ‘Безбеден град’ е целосно во функција. Секој што добил известување со неточни податоци за сообраќаен прекршок може да поднесе барање за корекција на информациите“, соопштуваат од МВР.
Истата постапка, како што појаснуваат од Министерството, може да се заврши и преку станиците за технички преглед на возила, на локациите каде што е присутен службеник на МВР. Граѓаните ќе имаат можност да ги ажурираат контакт-податоците оставени при регистрацијата на возилото, доколку тие се променети или доколку добиле погрешно известување.
„Граѓаните можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците што ги доставиле при регистрацијата на своите возила, во случај на промена или при добиено известување со неточни информации“, изјави портпаролот на МВР, Гоце Андреев.
Шалтерот ќе работи секој работен ден од 8:00 до 17:00 часот, а дополнително, граѓаните можат да пријавуваат нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со системот „Безбеден град“ и по електронска пошта на адресата bezbedengrad@moi.gov.mk.
Пресврт во случајот „Синџир“: „Ѓаволот“ се предаде, затворот заменет со домашен притвор поради загрозена безбедност
Првообвинетиот во мега-аферата за даночно затајување „Синџир“, Љупчо Пецов – познат како Ѓаволот, по долг период во бегство, од вчера е во рацете на правдата, но не зад решетки во Шутка, туку во својот дом.
Во ненадеен пресврт, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) се откажа од барањето за затворски притвор. Наместо тоа, обвинителството предложи, а Кривичниот суд прифати на Пецов да му биде одреден куќен притвор под строг 24-часовен полициски надзор.
„Судијата немаше избор – законот не му дозволува да одреди построга мерка од онаа што ја предлага самиот обвинител,“ појаснуваат од Кривичниот суд.
Обвинителството го оправда ваквиот „попуст“ со неколку клучни причини:
Влошено здравје: Пецов доставил медицинска документација за претходно болничко лекување и препораки за понатамошна терапија.
Безбедносен ризик: Обвинителите процениле дека неговата лична безбедност во истражниот затвор не може да биде гарантирана.
Сериозни влијанија: Постојат индиции за притисоци врз постапката и врз самиот обвинет.
Доброволно предавање: Пецов сам се појавил пред органите на прогонот и веднаш ги предал своите два пасоша.
Овој случај доби филмски пропорции по неодамнешното апсење на неговиот адвокат, поранешниот државен правобранител Фехми Стафа. Стафа „падна“ во полициска заседа под сомнение дека примил поткуп од 50.000 евра (од првично побараните 100.000) за да изврши притисок врз судии во Апелација за укинување на притворот на Пецов. Додека Стафа сега е во затворски притвор, неговиот клиент успеа да издејствува престој дома.
Случајот „Синџир“ е една од најобемните истраги за финансиски криминал во државата. Пецов е првообвинет во група од 26 лица и 28 компании кои, преку шема со фиктивни фактури и лажен ДДВ, се сомничат дека „испумпале“ 8 милиони евра од државниот буџет.
Иако Апелација претходно ја одби неговата милионска гаранција за слобода, неговото доброволно предавање и „кревкото здравје“ ги отворија вратите на неговиот дом, каде под будното око на полицијата ќе го чека продолжението на судскиот процес.
Само 15 од 3.690 автобуси во Македонија се електрични – јавниот транспорт останува далеку од еко-трансформација
Иако македонските патишта се преплавени со автобуси, квантитетот во овој случај не значи и квалитет. Најновите податоци на Евростат откриваат фасцинантен, но загрижувачки парадокс: додека Европа активно оди кон „зелена“ мобилност, македонскиот јавен превоз останува заглавен во облак од дизел чад.
Со 2 автобуси на секои 1.000 жители, Македонија со леснотија го престигнува просекот на Европската Унија (1,6). На хартија, нашата мрежа е погуста од онаа на многу европски метрополи. Сепак, од вкупно 3.690 регистрирани автобуси во 2024 година, дури 97,8% се движат на дизел.
Додека европските градови инвестираат во тивок и чист транспорт, во Македонија само симболични 15 возила (0,4%) се електрични – капка во морето на фосилните горива.
Интересен е податокот дека Македонија го обновува својот возен парк со двојно побрзо темпо од ЕУ. Минатата година биле регистрирани 379 нови автобуси, што претставува стапка на обнова од 10,2% (наспроти европските 5,1%).
Но, ние купуваме нови возила, но купуваме стари технологии. * Во ЕУ: Речиси секој петти нов автобус (17,8%) е со нулта емисија.
Речиси секој нов автобус е повторно – дизел.
Додека автобуската мрежа е натпросечно застапена, кај патничките автомобили сликата е обратна. Со 319 автомобили на 1.000 жители, Македонија сè уште е далеку под европскиот стандард од 578 возила. Ова сугерира дека граѓаните сепак се потпираат на јавниот превоз, што само ја зголемува итноста тој да биде модерен и еколошки.