Беќаровски: Ако уште утре не ги смените протоколите за изолација, на 10 јануари ќе нема кој да работи во државата

Д-р Нико Беќаровски упати порака до Комисијата за заразни болести.

„Ако уште утре не ги смените протоколите за изолација на контактите со ковид болни и не го намалите времето за изолација на позитивните, на 10 јануари ќе нема кој да работи во државата“, пишува на Фејсбук д-р Нико Беќаровски. 

Според него, изолацијата на контактите при вака раширен омикрон е неодржлива и без епидемиолошка оправданост. Вели дека задолжителната изолација за позитивните треба да се намали на 7 дена. 

„Добрата вест е што до крај на февруари ќе направиме колективен имунитет и за 8 март ќе може пак да играте чочеци“, додава тој.

Докторот проценува дека ако денес имавме 1.197 позитивни со регуларно направени тестови, сигурно има уште 5.000 кои се самотестирани и 25.000 недијагностицирани.