Макрон сака да ги тормози и нервира невакцинираните: Ќе им го направам животот тежок

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави во разговор за весникот Le Parisien дека сака да ги изнервира Французите кои сѐ уште не се вакцинирале против Covid-19 и, колку што е можно повеќе, да им го ограничи простапот до јавниот живот.

„Сакам да ги изнервирам невакцинираните. Тоа и натаму ќе го правиме, докрај. Таква е стратегијата“, вели Макрон, додека истовремено во францускиот парламент продолжува жестоката расправа за предлог-законот за потврдите за вакцинираност.

Франција минатата година воведе потврди со кои на лицата со негативен PCR тест и на вакцинираните им овозможува влез во рестораните, кафулињата и во други објекти, што владата сега сака да го промени и да воведе само потврди за вакцинираност.

Макрон вели дека не се залага за нервирање на Французите, но кога станува збор за невакцинираните нив сака да ги изнервира.

„Не сакам да ги испраќам во затвор, не сакам да ги присилувам на вакцинирање. Ним треба да им се каже: од 15-ти јануари веќе нема да можете да одите во ресторани, на пијалак, на кафе, во театар, во кино…“, додава францускиот претседател.

Овие изјави на Макрон, кандидатот на крајната левица на претседателските избори во април Жан-Лук Меланшон од Непокорена Франција ги оцени како „запрепастувачки“.

Според кандидатката на крајната десница Марин Лепен од Национален собир, претседателот на земјата не би требало така да зборува.

„Гарантот на единството на нацијата упорно сака да ја дели и сака невакцинираните да ги претвори во граѓани од втор ред. Емануел Макрон не е достоен за својата функција“, оцени Лепен.

Функционерот од конзервативната партија Републиканци, Бруно Ретејо тврди дека „нема таква здравствена институција којашто би ги оправдала таквите зборови“.

Макрон во споменатото интервју ја отфрли можноста од воведување нови мерки за сузбивање на Covid-19, наведувајќи дека одлуките донесени минатата седмица остануваат на сила.

Во разговроот за Le Parisien, Макрон вели и дека би сакал да се кандидира на претседателските избори кои би требало да се одржат за четири месеци, но и овојпат јасно не потврдува дали тоа и ќе го стори.