Македонија
Aвтoрoт нa трeтo пoлyврeмe: Прeдлагaм бyгaритe дa ce игнoрирaaт
По повод бугарскиот документарец „Последно Полувреме“ Дарко Митревски вели: Предлагам да ги ставиме Бугарите на игнор.
Десет години по „Трето полувреме“, бугарската филмска индустрија го сними својот одговор и видување на окупацијата на Македонија, во форма на документарецот „Последно полувреме“. Наменет е да ја прикаже „вистината“ за настаните раскажани во оригиналот. Го контактиравме авторот на „Трето полувреме“, Дарко Митревски, да ни каже што мисли за најновата провокација од Бугарија. – Пишува МКД.мк
Од снимањето на „Трето полувреме“ поминаа десет години.
Знаете што сѐ се смени во тие десет години?
Америка смени тројца претседатели. Македонија смени тројца премиери и едно уставно име. Истополовите бракови и марихуаната полека станаа прифатени и легални низ светот. Мобилните корисници престанаа да користат блекбери и се префрлија на ајфон и андроид. Интересот на публиката драстично се сврте од кино-филмови кон телевизиски серии. Музиката веќе не се даунлоудува туку се стримува. Човештвото сѐ помалку се информира од класичните медиуми, а сѐ повеќе од социјалните мрежи. Насекаде со себе носиме смартфон-камери и го снимаме животот што го живееме. Наместо да паметиме – гугламе. Наместо да одиме во канцеларија – работиме од дома. Потрошувачите масовно купуваат онлајн, што доведува не само до затворање на продавниците и трговските центри – туку во блиска иднина сосема ќе го смени изгледот на градовите. Приватноста стана мисловна именка. Електричните возила ги заменуваат бензинските. Светската пандемија ја доведе во прашање довербата во медицината. Луѓето се сѐ помалку среќни и сѐ повеќе загрижени за својата иднина.
Ете, сето ова се смени во изминативе десет години. Само во Бугарија ништо не се смени – таму и понатаму лелекаат за две, за нив многу болни и вечно непрежалени теми: едната им е „Трето полувреме“, другата им е Македонија.
И згора на сѐ, таа своја национална и општествена фрустрација ја претставуваат како некаква „борба за вистината“.

Океј. Ако им е до вистината, еве им ја нá:
- „Трето полувреме” е филм снимен по животната приказна на скопјанката Марија Младенова, родена како Нета Коен во денес непостоечкото Еврејско Маало. Доколку некого во Бугарија го интересира вистината за тетка Нета, еве им линк од интервјуто што со неа го работеше тимот на Спилберговата SHOAH фондација.
- Во филмот исто така е прикажана сторијата за фудбалскиот клуб „Македонија”, онака како што тоа мене ми беше раскажано од последниот жив играч на тој тим, голманот Васил Дилев. Доколку некого во Бугарија го интересира вистината за тој клуб и нивниот тренер Илеш Шпиц, еве им линк од интервјуто што го работев со Дилев.
- Филмот ја реконструира и депортацијата на македонските Евреи извршена од страна на окупаторската војска и полиција на Царството Бугарија. Доколку некого во Бугарија го интересира вистината за таа окупација и депортацијата што следувала, еве им линк од американскиот Меморијален музеј на Холокаустот од каде што црпев најголем дел од податоците за сценариото на мојот филм.
- Во филмот Царството Бугарија е прикажано онака како што го паметат моите тетки и чичковци, сите до еден учесници и соработници на Народноослободителната војна и партизанското движење во Македонија: како окупаторска и фашистичка држава, сојузник на нацистичка Германија. Доколку некого во Бугарија го интересира вистината за фашистичкиот карактер на тој режим, еве им линк за тогашното фашистичко движење СБНЛ (на бугарски: Съюз на Българските Национални Легиони), еве им уште еден линк за младинската фашистичка организација „Браник” (формирана по иницијатива на тогашниот нивен премиер, Богдан Филов), а еве им и линк за егзекуциите што „администраторите” ги вршеле врз политичките неистомисленици и цивилното население во Македонија.
- За жал, тој мој филм во Бугарија никогаш не е прикажан. Со други зборови, таму цели десет години небулозно критикуваат филм што никогаш не го гледале. Доколку некого во Бугарија навистина го интересира да го гледа филмот, еве му линк и за тоа.
Се разбира, сите овие линкови беа достапни сиве овие десет години – доколку кого било во Бугарија го интересираше вистината. Но таму не се води кампања за откривање на вистината, туку за нејзино сотирање. И таа кампања само навидум е против мојот филм, а всушност е продолжување на идеологијата поради која Бугарите загубија една балканска и две светски војни.
Во таа кампања цели десет години пукаа со најтешката медиумска, политичка и интелектуална артилерија, менажерија и бижутерија што ја поседуваат. Против мојот филм и мојата земја за екипата на Бугарија досега настапија: разни новинари што одработуваат за тајните служби, уредници на платен список на политички партии, благонадежни режисери, недоквакани историчари, наапани национал(социјалистички) романтичари, недуховити телевизиски ѕвезди со естрадни и политички амбиции, европратеници од неофашистичка провиниенција, погрешно зачешлани министерки, премиери со манири на улични силеџии, силеџии со премиерски аспирации, како и сите можни маалско-медиумски шовинистички ѕверки што конечно ги добија своите пет минути слава.
Сѐ живо извадија на бојното поле, освен една работа: не извадија фраер.
Се обидов да го преведам ова и на бугарски за да можат сите таму да ме разберат, ама не успеав – се чини дека не само што немаат таков човек, туку немаат ни таков збор.
Нејсе. Кога ќе го најдат (ако го најдат) и човекот и зборот, веднаш нека го пратат во Македонија – да уживаме барем малку во оваа нам наметната битка, борејќи се со достоен противник.
Но сѐ додека не го најдат, предлагам да ги ставиме на игнор.
До некоја наредна светска војна,
Дарко Митревски
Македонија
Еве кога ќе профункционираат камерите во сите градови од Македонија
Се надевам дека до јуни-јули идната година ќе го имплементираме „Безбеден град“ на целата територија на државата, а сигурен сум дека до крај на 2026 година ќе го имплементираме во секој еден град како паметен систем. Македонските граѓани заслужуваат и во Тетово, и во Скопје, но и во Берово, Делчево, Струга и во Охрид да имплементираме едно паметно решение кое би требало да ја следи европската стратегија на „нула жртви“, односно таа стратегија до 2050 година да немаме човечки жртви како последица непочитување на сообраќајни правила, истакна министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски во одговор на новинарско прашање на денешната промоција на фотоволтаична централа поставена на Центарот за обука на МВР, донација на ОКТА и притоа потсети дека тест периодот за регистрирањ ена прекршоци од системот „Бебеден град“ важи до 1 февруари идната година.
Според Тошковски, ова е само еден дел од чекорите коишто треба да се преземат, но и во овој краток временски период, во рамки на тест периодот, првичните информации се дека навистина македонските граѓани поинаку се однесуваат кога управуваат моторно возило отколку порано.
‒бвИ многу ми е мило што бројот на сообраќајни незгоди со тешки телесни повреди и генерално бројот на сообраќајни несреќи, таму каде што овој проект го имлементираме, се намалува. Тоа е многу битно. Прва и најголема цел, јас би рекол и последна цел на имплементацијата на овој систем, е спасување барем еден човечки живот повеќе од претходно. Така што, резултатите коишто треба да ги даде „Безбеден град“ се навистина многу големи, потенцираше министерот Тошковски.
Додаде дека никој нема да биде изземен од „Безбеден град“, освен возилата на полицијата кога преземаат дејства, итната медицинска помош и возилата на против пожарните единици. Притоа го спомна неговиот личен пример кога добил опомена за сторен сообраќаен прекршок и тоа го споделил јавно.
На новинарско прашање за отворањето на средното полициско училиште по 25 години, Тошковски истакна дека упатува голема благодарност до македонското Собрание затоа што поддржало закон којшто ќе овозможи следење на светските трендови и текови.
‒ За жал, 25 години во Македонија нема средно полициско училиште. За среќа се уште имаме кадри кои биле создадени пред 25 години во рамки на тогашното средно полициско училиште кои што се потпора и темел со најпрофесионална емпирија во рамки на своите знаења, луѓе кои се уште ги имаме во Министерството. Со овој закон овозможуваме враќање на категоријата професионален полицаец којшто по завршување на средно образование ќе може да одговори дека е полицаец со завршено средно полициско училиште. Навистина ова е револуционорен проект во делот на враќање на професионалните капацитети, особено во рамки во образовниот процес кој е креиран со професионалци во рамки на полицијата, подвлече министерот за внатрешни работи.
Тошковски е убеден дека во рамки на сегашниот Центар за обука, во иднина Полициска академија, земјава за две и пол години отсега ќе ја има првата генерација, затоа што ова средно полицискко училиште ќе се однесува на трета и четврта година од средното образование.
‒ Еве, ги повикувам сите заинтересирани ученици од втора година без оглед во кое средно училиште се запишани, доколку имаат желба да станат полициски службеници, доколку си ја сакаат државата, да расмислат да се запишат од 1 септември, идната година во средно полициско училиште кое го враќаме во Република Македонија, рече Тошковски.
Во одговор на друго новинарско прашање дали има доволен број на полициски службеници, министерот рече дека државата има доволен број полициски службеници, а проблемот на невидливоста, проблем кој го чувствува секој еден граѓанин од неприсутност на полицијата не е заради бројката, туку континуираното долгогодишно нефункционално менаџирање со кадрите во рамки на Министерството.
-Заради тоа, измените на законите беа едни од круцијалните чекори кои мораме да ги направиме ако сакаме да се реорганизираме како Министерство. Тоа е направено. Во овој период работиме на нова систематизација во МВР што ќе биде предложена до Владата и ќе биде усвоена од страна на Владата за од почетокот на мај 2026 година да почнеме со новата организирана структура во рамки на МВР, посочи Тошковски.
Најави дека огоромен дел од полицајците во иднина ќе бидат во униформа. Тој смета дека покрај полициските службеници кои се во униформа и други служби како крим полицијата и припадници од Одделот за заштита и обезбедување на вип личности и објекти ќе бидат униформирани.
Во иднина, како што рече, најавува видливост на полицијата, зашто огромен дел од овие служби кои не биле униформирани, сега ќе бидат униформирани и ќе бидат на терен.
Според министерот Тошковски, целта е да се создаде оперативна и ефикасна служба во рамки на МВР која ќе биде видлива за граѓаните, бидејќи со присуство на полицијата на терен, со присуство на полициските службеници меѓу граѓани ќе се поткрене безбедносната состојба во државата и позитивната перцепција на граѓаните.
Македонија
Со три забрани за возење – „збогум“ на возачката
Пратениците ги изгласаа законите потребни за целосно да профункционира системот безбеден град: Законите за возила, за полиција, за извршување санкции и за безбедност на сообраќајот. Останува да ги доусвојат уште измените во Законот за прекршоци, кој е во второ читање.
Покрај тоа, предложени се и измени во Кривичниот законик за да се усогласат со пакетот закони поврзани со системот „Safe city.“
Законските измени детално ја уредуваат целата постапка – од констатирањето на прекршокот, до изрекувањето на најстрогите мерки, а доуредуваат и други прашања.
Возачите што трипати ќе добијат забрана за возење, ќе останат без возачка дозвола.
Македонија
Обвинени директор и управител: Комунален отпад ја загрозувал животната средина во Скопје
По спроведена истрага, Основното јавно обвинителство Скопје подигна обвинение против две лица, кои се обвинети дека заеднички извршиле сериозно кривично дело – загрозување на животната средина и природата со отпад, казниво по член 230 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Според наодите од истрагата, во текот на октомври годинава обвинетите, со сериозни пропусти во вршењето надзор врз собирањето, транспортот и управувањето со отпадот, создале реална опасност од значително загадување на почвата, воздухот и водата, како и ризик по здравјето и животот на граѓаните и уништување на растителниот и животинскиот свет во поголем обем.
Првиот обвинет, како вршител на должност директор на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, постапувал спротивно на Статутот на претпријатието, Законот за комунални дејности и одлуките на Управниот одбор. Тој не ја спроведувал деловната политика, не ги извршувал своите основни надлежности, не ги следел и анализирал плановите и договорните обврски и не преземал мерки за нивна реализација. Дополнително, не обезбедил соодветна заштита на животната средина и не се грижел комуналните услуги да се вршат континуирано, квалитетно и со исправна опрема и инфраструктура, иако тоа му било законска обврска како раководител на јавно претпријатие.
Заедно со вториот обвинет – управител за отпад (подгрупа 5), вработен во областа на комуналните дејности и носител на уверение за положен стручен испит за управување со отпад издадено од Министерството за животна средина и просторно планирање – тие, според обвинителството, со умисла постапувале спротивно на Законот за животна средина и Законот за управување со отпад. Наместо да преземат мерки за заштита на околината, тие не ги спроведувале плановите и програмите за управување со комуналниот отпад на територијата на Град Скопје.
Како директна последица на нивното постапување, редовното собирање и транспорт на безопасен комунален отпад не било извршувано, ниту била побарана измена на Оперативниот план и програмата. Со тоа, обвинетите овозможиле формирање диви депонии на јавни и сообраќајни површини, при што отпадот се одлагал околу и во непосредна близина на садовите за собирање.
Со оглед дека доказната постапка е целосно завршена и дека обвинетите повеќе немаат можност да влијаат врз истрагата, јавниот обвинител предложи притворот да им биде заменет со мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето, обврска за повремено јавување во суд, како и привремено одземање на патната исправа или забрана за нејзино издавање.
За обвинетиот управител со отпад, кој и понатаму е вработен во ЈП „Комунална хигиена“, обвинителството предложи и дополнителна мерка, со цел спречување на понатамошно загрозување на јавниот интерес и животната средина.
Трендинг
-
Црна Хроника5 days agoХорор на патот Охрид–Струга: Возач двапати тргнал кон полицајци и успеал да избега
-
Црна Хроника5 days agoДрама на автопатот Тетово – Гостивар: Ги пресретнале со ротација им го пресекле патот, па ги истепале
-
Црна Хроника2 days agoКривична пријава за командир и полицајци – МВР со детали
-
Црна Хроника5 days agoКривични пријави против полицајци од Штип – МВР со детали
-
Република3 days agoУтре дел од Тетово и три тетовски села без електрична енергија
-
Црна Хроника3 days agoХорор во Тетовско: Физички нападнати полицајци
-
Црна Хроника6 days agoФизички нападната девојка на работно место во Брвеница
-
Македонија2 days agoСреќни вести за пензионерите: Еве кои ќе добијат 6.000 денари за празниците















