Connect with us

Македонија

Г.Г. Стефан: Само народи кои немаат свое, посегаат по туѓо

Published

on

“Само народи коишто немаат свое, посегаат по туѓо. Затоа никој и пред никого, нема право да се откажува од она коешто, како дар Божји и како сенародно наследство, им припаѓа и на поколенијата пред нас, како и на оние по нас. Ниедна привремена добивка не е достојна замена за последиците што можат да произлезат од загубата на она што нè прави посебен народ, на ова парче македонска земја, дарувано од Бога и зачувано со безбројните жртви на нашите предци.”

Од Божиќното послание на

г.г. Стефан Архиепископ Охридски и Македонски

Целото послание на поглаварот:

† СТЕФАН,
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО
СВЕТИОТ АРХИЈЕРЕЈСКИ СИНОД,
ПО ПОВОД БОЖИКНИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ,
ДО МОНАШТВОТО И ДО СИТЕ ЧЕДА НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА –
ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА

Божјата љубов кон нас се покажа во тоа што Бог
Го испрати во светот Својот Единороден Син
за да живееме преку Него1.

Возљубени чеда во Господа,
Радосниот празник на Христовото рождество е спасоносниот ден во кој се помириja небото и земјата и денот кога Синот Божји, Кој вечно се раѓа од Отецот, се роди во времето. Денес предвечниот Бог „стана човек заради човекот“2 и „Бог се вочовечи за ние да се обожиме“3. Денес, на овој величествен ден, Милостивиот Господ го ослободи човековиот род од ропството на гревот и му ги отвори вратите на рајот. Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има живот вечен4. А човекољубивиот Бог5 уште на почетокот го избрал човековиот род за спасение6, посиновувајќи го преку Својот Единороден Син – Господ Исус Христос7, со што дал можност …сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината8. Тоа единство меѓу Бога и човекот било посакувано и очекувано од сите праведни и богољубиви луѓе во старозаветната историја. Уште многустрадалниот Јов копнеел да биде во близина на Бога, воскликнувајќи: О, да знаев како да Го најдам, да можев да се приближам до престолот Негов! 9 Но дури кога се исполнило времето, Бог Го испратил Својот Син, Кој се родил од Пресвета Дева Марија и како Богочовек го спасил паднатиот во грев човеков род10.

Возљубени празникољупци,
По милоста Божја, еве, и годинава се удостоивме да го дочекаме Празникот на нашето спасение, па затоа да Му благодариме на Бога за непроценливиот дар на љубовта, дарот даден како белег на оние коишто се фалат со Неговото име. Токму во овие денови на празнувања, во време на дарови и во време на прославување, повикани сме да ја побараме смислата на празникот, смислата на дарувањето, смислата на славењето, да ја откриеме пораката не само на човековите обичаи, туку и на човековиот живот, и на неговата определба и цел. Зашто, има ли некаква корист за човекот празнувањето на Божик без Бога? Која е ползата од чествувањето без духовна радост? Божествениот Златоуст вдахновено го осмислува празнувањето: „Бидејќи сите се веселат од радост, и јас сакам да се веселам, сакам да играм, сакам да торжествувам. Но… наместо музички инструменти, ги носам даровите Христови. Зашто тие ми се надеж, тие ми се живот, тие ми се спасение…“11. Ваквото разбирање на празниците, ваквите зборови што придонесуваат за духовен спокој, се вистинскиот начин што ни е потребен во ова време на предизвици. Даровите Христови му ја донесоа на човекот надежта дека ќе празнува со Бога и во Бога и му ја објавија смислата на животот, што ја беше загубил поради престапот на прародителите.
И, еве, во време кога светот ги слуша само оние нешта коишто сака да ги чуе, Светата Црква го крева својот глас и му говори на современиот човек со зборови разбирливи, зборови нови, зборови од неговиот сопствен јазик, но коишто не се во согласност со неговиот начин на живеење. Црквата живее и постои во два света, но својот здив го добива од Небесното Царство, како од вистинска Татковина на секој човек. Ете, таа Црква нè повикува да ја разбереме суштината на Божик, на Божик како празник на Божјата подадена рака, како празник за обновување на човековите духовни сили и празник на возобновените можности на човековата личност.
Поради тоа, на овој ден да си спомнеме и за последниве исклучително тешки години, исполнети со искушенија, предизвици, болки и разделби. Навистина, како човештво се соочивме дека, и покрај големиот технолошки развој посведочен во нашиов животен век, над нас висат катастрофи со кои човекот е премал да се соочи сам… Црквата, таа духовна мајка, преживувајќи ја историската и општествена реалност, му го нуди својот топол глас на современиот изморен и исплашен човек, своето автентично сведоштво дека, сепак, причината за болеста и за распадливоста во човекот е гревот. Болеста, како и секое друго зло во светот, е последица на секој наш грев, на секоја наша неправда што ја нанесуваме, на секоја омраза што ја допуштаме, на секој гневен поглед што го упатуваме…

Возљубени чеда во витлеемскиот Богомладенец,
Во Црквата пееме дека Христос дојде во светот за да ја отстрани оддалеченоста на човекот од Бога, да го разруши ѕидот на поделбата меѓу небесните и земните12. Бог се соедини со човекот, а како што вели свети Григориј Богослов: „Тоа што се има соединето со Бога, тоа и се спасува“13. А Спасителот, Кој е пред нас и со нас на секоја Божествена Литургија, ни се дава како лек за секоја наша болка, како прошка на секое наше прегрешение, како залог за единство во Неговата благодат. Само Тој е моќен, преку овие дарови, да ни ја врати слободата, се разбира, доколку се определиме да Го следиме Неговиот пат.
Во време кога сите бараме и очекуваме промени во овој свет на економска и социјална нееднаквост и на политичка поделеност, воплотеното Слово Божјо е најдобар показател дека промената започнува од личноста. Богомладенецот Христос, Кој во овој свет се покажа како мало и навидум немоќно дете, ја започна најголемата промена во историјата на светот, промена која продолжува до денес и ќе трае до крајот на времето. Нам, како на членови на Неговото свето тело, на Црквата, Тој може да ни ја даде силата и способноста да бидеме и ние почеток и продолжение на промената во светот.
Христос, како Творец на сите, не се открива секому посебно, туку на својата Црква. Христос е Спасител на сите луѓе, и да се биде во Него значи да се биде дел од Неговата божествена заедница ‒ дел од Неговата Црква. Во секое разделено општество, во секоја разделена земја, христијаните се тие коишто треба да го понудат единството и да настојуваат на него, покажувајќи им Го на другите луѓе Оној Кој им дава можност за обединување ‒ не само помеѓу себе, туку и во Бога.
Единството во Светата Црква се остварува преку смирението и преку послушанието, преку согласноста во Светиот Дух. Гласот на полнотата на Црквата, е гласот на Светиот Дух, Кој говори од единството, а не од поединецот. А за да бидеме такви, треба да се облечеме во Господа14, да се удостоиме да учествуваме во Неговата вечна радост15 и да се исполниме со Неговиот божествен мир16. Впрочем, животот на секој вистински христијанин треба да е постојано доживување на Христовиот живот на земјата17. За да го исполниме тоа, треба да сме дос­тојни членови на Црквата, да живееме во Црквата и со Црквата, со која Господ Христос раководи18.
Бог е Оној Кој дава и зема, Кој помага и гради, без Кого залудни се сите човечки напори19. Она што можеме да го направиме за другите во секоја прилика, е да покажеме грижа. Грижата за доброто на човекот во еден свет што лежи во зло, грижата за здравјето на другите во едно време на погибија и на страдање, грижата за насушниот леб на оние кои се во тешкотии и во економска несигурност, грижата за ближниот – тоа е она што ќе го спаси светот и нас со него.
Затоа, и на овој Божик, и во сите дни, заедно со даровите, да подариме и грижа, да подариме и љубов! Милостивиот Бог нека ни дава сила да се покажеме и ние како Христоносни јасли, да ги издигнеме срцата кон небото и да не го забораваме својот призив и својата должност, благодарејќи Му на Спасителот за непроценливиот дар на љубовта, што им го дал како белег на оние кои Го носат Неговото име.

Возљубени чеда на мајката Македонска Црква,
Од нас, како од македонски народ, држава и Црква, во ова време преполно со искушенија, се бара поголема грижа и дополнителна внимателност при решавањето на наметнатите прашања, коишто во последно време некои ги исправија пред сите нас. Да внимаваме, зашто никогаш и никаде не се дошло до вистината со отстапки од своите духовни, национални, историски и културни посебности. Само народи коишто немаат свое, посегаат по туѓо. Затоа никој и пред никого, нема право да се откажува од она коешто, како дар Божји и како сенародно наследство, им припаѓа и на поколенијата пред нас, како и на оние по нас. Ниедна привремена добивка не е достојна замена за последиците што можат да произлезат од загубата на она што нè прави посебен народ, на ова парче македонска земја, дарувано од Бога и зачувано со безбројните жртви на нашите предци.
Честитајќи ви го Божик, на сите чеда на Македонската Православна Црква, овде во Татковината и насекаде по светот, ви посакуваме мир и изобилни дарови од Новородениот Богомладенец, поздравувајќи ве со радосниот поздрав:

Х Р И С Т О С С Е Р О Д И !
Честито и од Бога благословено новото лето Господово!

† СТЕФАН,
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
со членовите на Светиот архијерејски синод на
Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија
† ПЕТАР, Митрополит Преспанско–пелагониски и
администратор Австралиско–новозеландски
† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско–кичевски и
администратор Австралиско–сиднејски
† НАУМ, Митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско–канадски
† ПИМЕН, Митрополит Европски
† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско–гостиварски
† ГРИГОРИЈ, Митрополит Кумановско–осоговски

Македонија

Божиновска: Со јасна визија и конкретни чекори ја движиме енергетиката напред

Published

on

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска беше домаќин на премиерот Христијан Мицкоски во рамките на неговата посета на Министерството, каде што беше испратена јасна порака за поддршка на реформите и клучните енергетски проекти.

За време на посетата, премиерот се запозна со условите за работа, организацијата и стратегиите што Министерството ги спроведува за обезбедување енергетска стабилност, одржливи инвестиции и ефикасно управување со ресурсите.

„Владата стои зад стратегијата за посигурно, поекономично и еколошки поодговорно производство и снабдување со енергија. Со јасна визија и конкретни чекори, ја движиме енергетиката напред,“ истакна Божиновска.

Посетата ја потврди заложбата на Владата и Министерството за енергетика за одржлив развој, модернизација и стабилно енергетско снабдување, што ќе обезбеди сигурност за граѓаните и стопанството.

Continue Reading

Македонија

Денес се одбележуваат 132 година од смртта на Григор Прличев

Published

on

На денешен ден во 1893 година во Охрид умрел Григор Прличев, еден од темелните македонски писатели од 19 век. Љубовта кон книгата Прличев ја добил од неговиот дедо кој му го купил првиот грчки буквар кога Григор имал само четири години. На крајот од својот живот неговиот дедо и оставил завет на мајка му да го испрати Григор на училиште.

Прличев бил ученик на Димитрија Миладинов, кој во тоа време учителствувал во Охрид и кој имал големо влијание врз него.

Во 1859 година како студент на втора година по медицина во Атина ја пишува поемата „Сердарот“. Една година подоцна, во 1860 ја добива наградата на големиот конкурс во Атина за најдобра поема на грчки јазик. За оваа поема, Прличев е овенчан со лаворов венес и добива паричен дел. Истата година делото излегува од печат, а тој од стручната критика за делото добива епитет на втор Хомер.

Поетската творба „Сердарот“ се смета за апсолутен врв на сиот влог што во уметноста на зборот овој творец го дал. За книжевната наука оваа поема треба да се разгледува во контекстот на европската теорија на романтизмот. Други позабележителни негови творби се „Автобиографијата“ која е напишана во периодот 1883-1890 во бугарската машка гимназија во Солун, каде Прличев учителствувал, а е објавена по неговата смрт, како и словото-есеј „Чувај се себеси“. Тоа се комплементарни книжевни дела и ја доречуваат на директен начин основната порака на „Сердарот“. Со поемата “Сердарот”, историски ја верификувал големината на својот поетски талент. Ова поетско дело и до денешен ден според многу елементи на епското пеење се уште не е надминато.

Прличев заедно со Јаким Сапунџиев го започнал народниот подвиг во Охрид за воведување на народниот јазик во училиштата, односно борба против Цариградската патријаршија и нејзиното влијание. Во 1868 г. турската власт го затвора и го депортира во дебарската зандана, поради клевета од страна на грчкиот охридски владика.

Едно од поважните негови дела е и песната „Во илјада седумстотини шездесет и второ лето“ , која ја објавува во 1872 година во цариградскиот весник „Читалиште“ која подоцна е преобјавена и во неговата „Автобиографија“. Во цариградскиот весник „Право“ во 1872 година е објавена вест дека Прличев подготвил за печат книга песни за деца под наслов „Воспитание“ или 12 наравствени песни.

Гробот на Григор Прличев се наоѓа зад црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид.

Continue Reading

Македонија

БОНДСТИЛ СИ ЗАМИНУВА, ТУРСКИ АСКЕР СЕ ВРАЌА НА КОСОВО?! Се оладува односот на Вашингтон со Приштина

Published

on

Американците многу одамна, дури и пред првата деценија на 21 век, покажаа дека немаат желба да останат во Косово. Српскиот национален мит е приказна за Бондстил, околу 100 години американска контрола, за тајните интереси… Впрочем, одамна во Вашингтон веќе беше отворена тема дека САД може да го напуштат Косово бидејќи тоа не е нивен проблем, објаснува воениот аналитичар Александар Радиќ.

Одредени индикатори, по доаѓањето на Доналд Трамп на власт во САД, укажуваат на заострени односи помеѓу Вашингтон и Приштина, а според воениот аналитичар Александар Радиќ, САД веќе подолго време ја разгледуваат можноста за повлекување на своите сили од КФОР, а поголемата вклученост на Турција треба да се толкува преку желбата Косово да стане стратешка точка на Западен Балкан, објави Косово онлајн.

– Американците многу одамна, дури и пред првата деценија на 21 век, покажаа дека немаат желба да останат во Косово. Српскиот национален мит е приказна за Бондстил, околу 100 години американска контрола, за тајните интереси… Впрочем, одамна во Вашингтон веќе беше отворена тема дека може да го напуштат Косово бидејќи тоа не е нивен проблем. Тие останаа поради турбулентната ситуација, но за тоа како тие го доживуваат проблемот во Косово доволно говори фактот што Американците ја испраќаат само Националната гарда во таа мисија. За нив е важно нивното знаме да биде таму. Да, присутна е и американската армија, но тие не се единици на првата линија и се таму само за да покажат моќ, политички авторитет – изјави Радиќ.

„Европејците нека си се справат со своите проблеми“

Радиќ е убеден дека Трамп би можел да ја реализира таа идеја (повлекувањето на американските сили од Косово), со својот прагматичен став.

– Поради својот прагматичен став, Трамп лесно може да каже: „Зошто чуваме баталјон во Бондстил и што всушност прават тие таму? Дали тоа е европски проблем? Да. Дали Европа се плаши од проблеми на Балканот? Да. Па, нека се справат Европејците со тој проблем“ – смета Радиќ.

Според неговите зборови, досега е евидентно дека најголем интерес за учество во мисијата на КФОР искажуваат земјите кои географски се блиску до Косово.

Тука, нагласува, не треба да се вклучи Турција, која, како што тврди, има сосема поинаква „математика“.

– Турскиот фактор е нешто друго. Турција сака да ја проектира својата моќ на Балканот. Тие сакаат политичко влијание и за тоа имаат програми за соработка пред сѐ со Косовските безбедносни сили. Ги имаат и вооружените сили на Босна и Херцеговина, кои се составени од 3 конститутивни нации, но редовно се покажува дека на тоа се гледа поинаку од перспектива на Анкара – потенцира воениот аналитичар.

Во однос на БиХ, во Турција се измешани прагматичните интереси: обид да се продаде оружје и воена опрема и да се заработат пари, како и желба да се постигне политичко влијание.

– Но, односот кон Приштина е поинаков. Таму, освен што постигна комерцијални договори, Турција навистина се обиде да подари некои видови оружје што, на пример, другите членки на НАТО не сакаат косовските безбедносни сили (КБС) да ги поседуваат. Имено, ставот на КФОР е дека што се однесува до нив, на сила е стариот, прв закон за КБС, а не оној од 2018 година, и тие можат да имаат само лесно оружје и не можат да поседуваат офанзивни средства. Но, таа зона, меѓу дефиницијата за лесно оружје и нешто што би можело да биде посериозна техника во рацете на војниците кои ги извршуваат наредбите на Приштина, се пополнува со турска техника – појаснува Радиќ.

Тој смета и дека не е во ред најавите на Трамп да се поврзуваат со овие турски цели.

– Минофрлачите од 120 милиметри пристигнаа во Косово во време кога беше целосно неизвесно кој ќе биде следниот американски претседател по Бајден. Ова е сега замена на тезите бидејќи и Западот се грижи за Трамп, па после да поврземе сѐ со тие сценарија. Мислам дека Турција има јасно дефинирана стратешка политика на присуство на Балканот, со фокус на Косово, и дека испраќањето оружје е дел од таа политика – заклучува овој воен аналитичар.

САД и Турција не ги собира на исто место

– КФОР треба да може да ги продолжи своите операции во случај на повлекување на САД, главно бидејќи Косово се подготви за ова потенцијално сценарио со зајакнување на врските со Турција во последните години – појаснува американскиот експерт за безбедност, Џорџо Кафиеро за Форин полиси.

Неговиот аргумент, објавен во Форин полиси, се заснова на изјавата на новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп, дека може да ги повлече воените сили од различни делови на светот.

Многу поживописен во својата проценка е новинарот Батон Хаџиу.

Повлекувањето на САД од Косово би било „стратешка промена во пејзажот на регионот“, нагласува тој.

– Што ќе се случи ако Трамп продолжи со својата визија за повлекување од „надворешните војни“? Дали може да се замисли Косово без САД како негов постојан заштитник? Таквото сценарио, без разлика колку некому му изгледа малку веројатно, суштински би го променило политичкиот и стратегискиот пејзаж на регионот – тврди Хаџиу во авторски текст за Албаниан пост, се вели во анализата на Косово онлајн.

Ако им се верува на бројките, овој „пејсаж“ веќе е значително променет бидејќи САД одамна престанаа да имаат најголемо воено присуство во Косово.

САД му се наострија на Курти

Показател за промената на односите помеѓу САД и Косово е и изјавата на претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп за специјални мисии, Ричард Гренел, кој пред неколку дена упати остри критики кон косовската влада на Албин Курти, нарекувајќи го премиерот недоверлив додавајќи дека Курти со своите активности го дестабилизра регионот.

„Реториката што сега ја користи Курти, тврдејќи дека е близок со САД, е апсолутно лажна. Не залажувајте се“, напиша Гренел на социјалната мрежа Икс.

ГРЕНЕЛ ГО НАПАДНА КУРТИ „Апсолутна лага е дека е близок со САД“

Гренел во објавата вели дека администрацијата на Трамп и во претходниот мандат работела за мир за сите на Балканот и оти така ќе продолжи и сега.

„Имам многу пријатели во Косово и во Албанија… и многу пријатели во Србија и во целиот регион. Но, ни требаат доверливи партнери“, потенцираше тој.

Тој напиша дека и републиканците и демократите постојано го критикуваа Курти за преземање унилатерални активности кои го дестабилизираат регионот.

„Меѓународната заедница е обединета против Курти “, додаде Гренел

Според официјалните податоци на КФОР, мисијата моментално вклучува 4.302 војници од 29 земји. Најголемиот контингент доаѓа од Италија, со 855 војници, додека, пак, САД се рангирани на второто место, со 598 војници.

Меѓу земјите со над 300 војници на теренот, Турција е „насреде“ со 325 војници. Пред Турција е Унгарија со 365 војници, а по неа е Германија со точно 300 војници.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк