Димитров на заминување обвинува: Ме тргаат за да ме замолчат за Бугарија

Не си заминувам сам, туку сум сменет за да ме замолчат. Вицепремиерот за европски прашања се сомнева дека преговорите со Бугарија одат во погрешна насока и дека Владата е подготвена да попушти пред непринципиелните бугарски барања.

“Имав сериозна битка внатре особено во последната година во однос на дефинирањето на националните позиции, за суштината на самата мака, ама и за стратегијата односно за текот на самите преговори. Таа битка не беше тајна, разликите беа евидентни. Во два наврата таа битка кулминираше, јавноста тоа не го знае. Еднаш во Брисел, еднаш во Скопје. Тогаш јасно кажав дека за преку поставените граници нема да дозволам да се помине по каква било цена”, рече Димитров.

На последната прес конференција како владин функционер, Димитров посочи дека разликите меѓу неговите и ставовите на Владата, се во бугарските барања за македонскиот јазик и ветувањето за конкретни чекори, без контра отстапки од Софија.

Недовербата во постигнување на европско решение со Бугарија му ја засилува и министерот Османи.

“Да. Немам целосна доверба во Османи во однос на ова прашање… Имам чувство дека таму има еден драјв за успех по секоја цена, што мислам дека е непродуктивно и опасно”, вели Димитров.

Со цел да биде тргнат од преговарачката сцена, како што тврди Димитров, му било понудено амбасадорско место во Вашингтон кое тој го одбил. На предлог на меѓународната заедница бил и едно од имињата за наследник на Заев, но коалиционите партнери не се согласиле, со изговор дека не бил способен за партиски пазар, обелодени Димитров.

Прашан како ќе дејствува во иднина, вели дека нема намера да оформи движење или партија и дека во иднина се гледа себеси како пречка за лош договор со Бугарија.

Нарекувајќи ја Декларацијата од Софија нецивилизиран документ, Димитров вели дека има уште нешто со што не се согласува со Владата – решавањето на спорот да се ограничи со временска рамка, а смета и дека за секое конечно решение, Собранието треба да има последен збор.

Никола Димитров ја напушта владата по четири години и седум месеци. Во последните година и половина беше вицепремиер за европски прашања, а над три години претходно беше шеф на македонската дипломатија.

Тој е потписник на Преспанскиот договор, со кој во јуни 2018-та Македонија го реши спорот со Грција, што подоцна овозможи полноправно членство во НАТО.