Сведоштво за трагедијата кај Сити мол: Слушнав крици што нема да ги заборавам, момче констатираше смрт кај девојката

Актерот Жарко Димоски на својот фејсбук-профил изрази сочувство за смртта на девојката која вечерва загина откако во неа удри автомобил кај Сити мол во Скопје. Тој вели дека случајно бил сведок на трагедијата и дека момче констатирало смрт кај девојката. Таа загина на самото место, а момчето е повредено и пренесено во болница. Улиците низ главниот град Димоски ги нарече минско поле. 

„Бев случаен сведок кога еден млад дечко ја констатира смртта на девојката, слушнав крици што нема да ги заборавам цел живот! Улиците ни се како минско поле, ризик е да излезеш од дома, за жалење сме!”, напиша Димоски.

Во девојката, која поминувала на пешачки премин кај Сити мол, удрило возило управувано од 22-годишен возач, потврдија од МВР. Еден маж е повреден и е однесен во болница.

Во неа удрило патничко возило „ситроен”, управувано од Ј.Ѓ. (22), потврдија од МВР.

Денеска „во 19.44 часот пријавено е дека на улица Московска со булевар Партизански одреди се случила сообраќајна незгода во која патничко моторно возило ‘ситроен’ управувано од Ј. Ѓ. (1999) од Скопје удрило во Л.Д. (1997) од Радовиш, кој е повреден и пренесен во ГОБ 8 Септември и В.Н. (1997) од Радовиш, која починала на самото место. Се врши првичен увид”, соопшти МВР.