Изгоре куќа во Адвокатската улица во Скопје, пожарот изгаснат

Куќа на ул. „1737″ во близина на Адвокатската улица во Скопје изгоре во пожар што избувнал ноќеска. Во Пожарна бил пријавен во 3.20 часот и интервенирале 13 пожарникари со шест возила.

Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски, за МИА изјави дека пожарот зафатил површина од околу 350 квадратни метри и дека бил во фаза на распламтување низ целиот објект кога пожарникарите дошле да го гасат.

-Почнат е од подрумските простории, проширен е на приземје и на катот, рече Томевски, додавајќи дека е изгаснат и во моментов се расчистува локацијата, а бидејќи се работи за стар објект, изграден од дрво, на терен е сè уште противпожарна екипа.

Сопствениците на опожарената куќа ја имаат издадено под кирија и во неа работат печатница и адвокатски канцеларии. Тие беа на местото на пожарот и се сомневаат дека е подметнат зашто во септември изгорела и соседната куќа, како што велат – исто така во недела./МИА