Ни трага ни абер од младиот Петар: Го бараат над 100 полицајци, хеликоптер и доброволци

Голема потрага се спроведува во прилепско Мариово, кај селото Врбско, каде што полицајци, доброволци, војници и спасувачки екипи со кучиња, кои имаат и хеликоптерска поддршка, четврти ден трагаат по исчезнатото 10-годишно момче Петар Џобески.

Петар е дете со посебни потреби, кое тешко комуницира. Неговите најблиски велат дека ако го повикаш, нема да дојде, туку ќе се исплаши и ќе побегне.

Кога исчезнал, бил во лесна облека. Мајката и таткото на Петар се исплашени и вознемирени и се молат момчето што побргу да се најде. Во потрагата се вклучени членови на Територијалната противпожарна единица Прилеп, членови на спасителната служба „Златоврв“, ловното друштво „Мукос“ – Прилеп, жители на околните села, како и граѓани доброволци од неколку градови.

Според таткото Стојо Џобески, детето последен пат било забележано во дворот на куќата пред три дена околу 16 часот, а потоа му се губи секаква трага. Го барале на сите места низ селото каде што најчесто си играло, но не го пронашле.

– Завртив каде што мислам дека оди по вода, викав по него, но не слушнав ништо, ни пискање ни викање ни плачење. Се вратив и ѝ реков на жената дека ќе земам некои палтенца и дека ќе го барам по патот накај реката, а таа, заедно со другото дете, поголемото, да бараат на другата страна – вели таткото на исчезнатото дете.

Спасе Чакрески, жител на село Витолиште, вели дека станува збор за екстремно опасен терен и дека ситуацијата дополнително ја усложнува тоа што детето е со посебни потреби. Времето е екстремно студено, а детето заминало без храна и само по една блуза. Спасителите велат дека детето не можело да замине далеку, но ги загрижува близината на Црна Река.

Во случајот се вклучи и Центарот за социјални работи, чии стручни лица треба да направат процена на социјалната состојба на семејството, како и капацитетите на родителите за да се грижат за другите деца во семејството.