Генерал-мајор Конашенков: Русија не започнува војни, Русија ги завршува

Русија не започна воени операции во Украина, туку ги завршува. Војната во Донбас траеше осум години, при што загинаа повеќе од 14.000 луѓе, меѓу кои и деца. Ова го соопшти официјалниот претставник на руското Министерство за одбрана, генерал-мајор Игор Конашенков.

Русија не започнува војни. Русија ги завршува. Воените акции на режимот во Киев и систематското истребување на жителите на Донбас траат веќе осум години“, рече тој.

Според генерал-мајорот, неопходно било да се стави крај на бескрајните закани од режимот на Киев против Русија.

Уште денеска „замрзнати“ цени на основните прехранбени производи, од утре покачување

Денеска е последен ден од мерката за замрзнати цени на основните прехранбени производи, од утре се замрзнуваат трговските маржи. Со новата мерка се ограничуваат трговската заработувачка во трговијата на големо да биде 5 отсто, додека во малопродажбата највисоката заработувачка на овие производи може да изнесува 10 отсто.

Ова, според властите, ќе придонесе да не доаѓа до раст на цените. Мерката ќе важи до крајот на мај.

И оваа недела повторно имаме покачување на цените на горивата. Од полноќ ќе плаќаме повисоки цени.

Сите горива поскапеа за 1,5 денари.

Новите цени од полноќ ќе изнесуваат:

– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 84,00 (денари/литар)

– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 86,00 (денари/литар)

– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 75,50 (денари/литар)

– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 74,50 (денари/литар)

– Мазут М-1 НС – 48,170 (денари/килограм.

Малопродажните цени на нафтените деривати согласно Методологијата за формирање на цените, се зголемуваат во просек за 1,93%.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на ЕУРОДИЗЕЛ (ДЕ V) се зголемуваат за 1,50 денари/литар, во однос на малопродажните цени утврдени со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 21.02.2022 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 84,00 ден/лит, малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 86,00 ден/лит, додека малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 75,50 ден/лит.

Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се зголемува за 1,00 денари/литар, во однос на малопродажната цена утврдена со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 21.02.2022 година и со тоа малопродажната цена Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) изнесува 74,50 ден/лит.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,249 денар/килограм, во однос на малопродажната цена утврдена со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 21.02.2022 година и со тоа малопродажната цена на Мазутот М-1 НС изнесува 48,170 ден/кг.

НЕМА ВЕЌЕ РУСКИ ТЕЛЕВИЗИСКИ КАНАЛИ ВО МАКЕДОНИЈА – еве ја последната одлука!

Во известувањето до кабелските оператори, Агенцијата се повикува на препораката од Владата која се однесува на „каналите во кои како основач се јавува Руската Федерација или приватни, физички или правни лица со потекло од Руската Федерација“.

Препораката потенцијално се однесува на четири канали што се реемитуваат во земјава – дел на англиски, дел на руски јазик

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), по препорака на Владата усвоена вчера, им укажува на кабелските оператори да ги исклучат руските канали што се реемитуваат во Северна Македонија.

Препораката доаѓа по одлуката на земјите членки на Европската Унија да ги забранат „Раша тудеј“ и „Спутник“ на територијата на ЕУ.

Во известувањето до кабелските оператори, Агенцијата се повикува на препораката од Владата која се однесува на „каналите во кои како основач се јавува Руската Федерација или приватни, физички или правни лица со потекло од Руската Федерација“.

Операторите имаат рок од три дена да ја известат Агенцијата за преземените активности.

Препораката потенцијално се однесува на четири канали што се реемитуваат во земјава – дел на англиски, дел на руски јазик.

(Видео) Огромна експлозија во Киев: За што станува збор?

Огромна експлозија се случи во Киев вечерва, а причините за истата се уште не се познати.

На видеото може да се види дека станува збор за експлозија од огромни размери, а се уште нема информации за повредени или жртви од експлозијата.

Видео:

Граѓаните во паника ги празнат полиците во маркетите, од утре поскапува лебот

Граѓаните масовно прават залихи на храна.

Руско-украинската криза ги преплаши македонците. На социјалните мрежи кружат фотографии на кои се гледаат празни рафтови во повеќе маркети низ државава. Масовно се купува леб, брашно, сол, шеќер, тестенини….

Дел од граѓаните кои ги анкетиравме, велат дека стравуваат од високите цени, но не можат да се остават со празни трпези. Велат, ќе купува кој колку може.

Од утре нема веќе замрзнати цени – туку намалена заработувачка за трговците. Сепак тоа нема да го спречи растот на цените. Пекарската индустрија иако јавно не потврди сепак според информациите на Канал 5, веќе ги стокмиле новите ценовници и лебот од утре ќе се продава со цена повисока за 5 денари. За други производи засега нема најава дека ќе поскапат.

Но, од кризата и намалените маржи најголем удар ќе претрпат овошјето и зеленчукот. Трговците кои имаат магацини на Кванташкиот пазар утре излегуваат на предупредувачки протест. Велат маркетите веќе им ги откажуваат набавките поради мерката и робата им стои во магацините. Доколку државата не ја укине, најавуваат и порадикални чекори.

„Овие штрајкови ќе траат се додека не се промени одлуката и за два три дена доколку нема мерки министерството, ние ќе преземеме и радикални чекори. Камионите со се скапаната роба ќе ги однесеме пред Влада па тие да видат што ќе им прават. Затоа што нема да ја земе никој, ни се јавија маркетите и фирмите дека ќе ја прекинат набавката. За контењер ќе биде робата се.“ изјави Џемаил Садики, Кванташки

Министерот за економија Крешник Бектеши викендов на средба ги покани претседателите на трите најголеми комори, но состанок немаше. Од економија велат дека средбата најверојатно ќе биде во текот на неделава…

А, освен храната нови повисоки цени од утре ќе добијат и горивата. По руско-украинската криза цената на гасот и нафтата на светските берзи вртоглаво пораснаа, па така македонците од утре ќе точат горива поскапи за денар и половина.

ЦЕНИ НА ГОРИВА ОД 01.03.2022:

Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 84 (денари/литар)

Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 86 (денари/литар)

Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 75,50 (денари/литар)

Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 74,50 (денари/литар)

Мазут М-1 НС – 48,170 (денари/килограм)

Канал 5тв

Министерот Сали му помогна на човек кој доби епилептичен напад (ФОТО)

Министерот за здравство Беким Сали вчера вечер во трговскиот центар „Ист Гејт“ му помогнал на човек со епилептичен напад.

Веднаш била повикана и Брзата помош.

Според очевидци, извесно време никој не му пришол на граѓанинот да му помогне.

Пациентот бил пренесен во медицинска установа.

Тетовци возат без возачка – Полицијата фатила повеќе од 300 возачи без дозвола

Во првите два месеци од оваа година, во јануари и во февруари, заклучно со денеска на подрачјето на СВР Тетово вкупно откриени и со соодветни поднесоци санкционирани се 332 поединци-возачи кои ги управувале возилата без положен возачки испит и без возачка дозвола.

Поголемиот број од санкционираните биле регистрирани во текот на минатиот месец.

– Претежно станува збор за возачи на возраст од 17 до 40 години, кои без возачки дозволи управувале сопствени или возила на други лица, најчесто од нивни најблиски или роднини. Секторот за внатрешни работи Тетово со апел посебно до младите, но и сите други, да не седнуваат зад волан без положен испит и да ја доведуваат во прашање сопствената и безбедноста на другите учесници во сообраќајот.Зашто, нивната необученост и неискуство можат да бидат причина за несакани сообраќајни проблеми, неретко и со најсериозни последици – информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Сите веднаш биле исклучени од сообраќај и изготвени им се поднесоци, така што ќе се соочат со предвидените парични глоби кои за овој вид сообраќаен прекршок согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, изнесуваат 250 евра во денарска противвредност, а парични глоби во тој износ ги очекуваат и сопствениците на возилата кои им ги дале да ги управуваат, иако знаеле дека немаат положено возачки испит.

Евровизиската претставничка Андреа дел од кампањата „Нашите миленици се наше семејство, не ги напуштајте!“ (Видео)

Зоолошката градина „Скопје“ и ЈП „Лајка“ со поддршка од Град Скопје почнаа заедничка кампања „Нашите миленици се наше семејство, не ги напуштајте!“.

Како што информираат од ЗОО Скопје, кампањата е со цел подигање на свеста против напуштање на милениците и одговорно сопствеништво. Во оваа кампања, се вклучија и наши познати личности кои се љубители на животните.

Прва која сними видео со поддршка е македонската евровизиска претставничка Андреа Коевска, која заедно со својот долгогодишен миленик Лео низ прошетка во Градскиот парк порача да ги сакаме животните и никогаш да не ги напуштаме милениците, бидејќи и тие се дел од семејството.

Ни трага ни абер од младиот Петар: Го бараат над 100 полицајци, хеликоптер и доброволци

Голема потрага се спроведува во прилепско Мариово, кај селото Врбско, каде што полицајци, доброволци, војници и спасувачки екипи со кучиња, кои имаат и хеликоптерска поддршка, четврти ден трагаат по исчезнатото 10-годишно момче Петар Џобески.

Петар е дете со посебни потреби, кое тешко комуницира. Неговите најблиски велат дека ако го повикаш, нема да дојде, туку ќе се исплаши и ќе побегне.

Кога исчезнал, бил во лесна облека. Мајката и таткото на Петар се исплашени и вознемирени и се молат момчето што побргу да се најде. Во потрагата се вклучени членови на Територијалната противпожарна единица Прилеп, членови на спасителната служба „Златоврв“, ловното друштво „Мукос“ – Прилеп, жители на околните села, како и граѓани доброволци од неколку градови.

Според таткото Стојо Џобески, детето последен пат било забележано во дворот на куќата пред три дена околу 16 часот, а потоа му се губи секаква трага. Го барале на сите места низ селото каде што најчесто си играло, но не го пронашле.

– Завртив каде што мислам дека оди по вода, викав по него, но не слушнав ништо, ни пискање ни викање ни плачење. Се вратив и ѝ реков на жената дека ќе земам некои палтенца и дека ќе го барам по патот накај реката, а таа, заедно со другото дете, поголемото, да бараат на другата страна – вели таткото на исчезнатото дете.

Спасе Чакрески, жител на село Витолиште, вели дека станува збор за екстремно опасен терен и дека ситуацијата дополнително ја усложнува тоа што детето е со посебни потреби. Времето е екстремно студено, а детето заминало без храна и само по една блуза. Спасителите велат дека детето не можело да замине далеку, но ги загрижува близината на Црна Река.

Во случајот се вклучи и Центарот за социјални работи, чии стручни лица треба да направат процена на социјалната состојба на семејството, како и капацитетите на родителите за да се грижат за другите деца во семејството.

18-годишниот син на Заев, Душко Заев стана сопственик на фирма за електрична енергија

Душко Заев, синот на поранешниот премиер Зоран Заев, како сопственик основаше претпријатие за производство на електрична енергија, пренесува „Фактор“.

Синот на Заев е 18-годишен тинејџер, а компанијата која ќе ја раководи го носи името Тотал Енерџи со седиште во Струмица.

Колку што е познато, фамилијата Заеви поседува бизниси во повеќе дејности, но ова е прв пат да бидат поврзани со производство на електрична енергија.

Префиксот „Тотал“ го носат уште две компании во кои стонастотен сопственик е Вице Заев, братот на поранешниот премиер, а тоа се Тотал инженеринг и Тотал електрик. Најпозната компанија на Заеви е Тргопродукт и фирмата-ќерка Мамас.