Истрагата против лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер, Бојко Борисов за злоупотреба на 30 милиони евра е отпочната по пријава на бизнисменот Васил Бошков, порачаа властите во Софија.
Борисов синоќа беше приведен од бугарската полиција, денеска требаше да биде сослушан, тој е осомничен за проневера на средства од Европската Унија, но беше пуштен од притвор, јавија бугарските медиуми.
И додека членови и симпатизери на ГЕРБ денеска излегоа на протест во Софија на кој испорачаа три барања – итно ослободување на Борисов, оставка на владата и предвремени избори во Бугарија, премиерот Кирил Петков порача дека „никој не е над законите“ и го обвини бугарското обвинителство дека досега не преземало дејства.
„Ако европското Обвинителство прави проверки, време е и бугарското Обвинителство да си ја работи работата и да застане на страна на народот. Мислам оти сите знаеме дека има пријави кои Обвинителството очигледно не ги разгледува. Се надевам дека сега и тие, конечно, ќе сознаат каква е нивната улога“, рече Петков.
Бизнисменот Бошков, по чиј исказ бил инициран предметот, рече дека софиските обвинители не презеле ништо, па оттаму тој го контактирал европското Обвинителство. Апсењето на Борисов коинцидираше со вчерашната посета на главната европска обвинителка Лаура Ковеши во Софија.
„Владата ќе биде контактна точка со европското Обвинителство и тоа е јасен сигнал за силен ангажман на највисоко ниво. Тоа е во согласност со тоа што се обидува да го постигне европското Обвинителство во сите земји-членки“, рече Ковеши.
Од партијата на Борисов обвинија дека случајот претставува класична репресија кон политичките опоненти.
„Новата власт го покажа вистинското лице. Одмазничко и, зад насмевката, покажува заби“, изјави Томислав Дончев, партиски функционер во ГЕРБ.
Според изјавата на лидерот на политичката партија ГЕРБ, безбедносните сили кои извршиле претрес во неговата куќа пред апсењето не нашле ништо.
Борисов изрази незадоволство за тоа како биле извршени претресот и приведувањето. Тој тоа го нарече „враќање во комунизмот“. Поранешниот бугарски премиер кажа и дека еден ден минал во полиција, но дека не му било покажано обвинение.
Здружението како што пишува „Струма Бг“, било формирано на 3 декември минатата година, а десетина дена подоцна било поднесено барање за регистрација до надлежните бугарски органи, кои како што се наведува, ја одбиле регистрацијата поради неправилностиво документацијата.
Од здружението потоа поднеле жалба во која навеле дека причината според нив е поради македонската самосвест и самоопределување на основачите со што им се оневозможува правото на здружување и се нарушува член 11 од конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи.
Сепак, окружниот суд во Благоевград денеска потвторно ја одбил регистрацијата образложувајќи дека статутот на здружението не ги исполнувал условите, односно не содржел јасни правила за членство…
Ниските пензии вратија на работа најмалку 180.000 бугарски пензионери. Во Бугарија има околу 340.000 вработени стари лица, кои едноставно немаат доволно пари за живот. Останатите продолжуваат да работат, водени од други мотиви – дел од нив поради љубов кон професијата, други затоа што сакаат да продолжат да бидат активни и интегрирани во општеството.
Официјалните податоци на Евростат покажуваат дека приближно еден од шест пензионери во Бугарија продолжува да работи. Студијата на Европскиот завод за статистика од 2023 година, покажува дека уделот на работниците пензионери во земјата е 16,7 отсто, објави “Телеграф.бг“.
Нема официјална статистика која покажува колку постари луѓе ја дополнуваат пензијата работејќи на хонорарна основа или давајќи услуги, без да имаат договор. Според податоците за уделот на работниците пензионери, земјата е во остра контраст со соседните Романија и Грција. Таму уделот на лица кои примаат стаж и старосна пензија, а сепак одат на работа, е само 1,7 и 4,2 отсто.
Инаку Бугарија не се разликува многу од просечното европско ниво. Генерално, уделот на работниците пензионери во ЕУ е 13 проценти. Сепак, вкупната бројка е многу повисока од податоците за нордиските и балтичките земји. Во овие земји речиси секој втор возрасен избрал да продолжи да работи.
Но, главната причина за нив, за разлика од Бугарија, не е финансиска. Повеќето жители таму сакаат само да останат активни или премногу ја сакаат својата професија. Ова целосно се однесува на над 60% од вработените пензионери во Норвешка. Данците, Холанѓаните и Италијанците исто така премногу ја сакаат својата работа за да ја напуштат по пензионирањето.
Претпладнево меѓу серијата земјотреси беа регистрирани и три со јачина од 4,5, 4,3 и 4,1 степени.
Над 200 земјотреси во изминатите 48 часа биле регистрирани во морскиот дел меѓу грчките острови Санторини и Аморгос со максимална магнитуда од 4,5 степени, а по новиот состанок во Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција беа донесени превентивни мерки за граѓаните, меѓу кои и одлука училиштата на островите Санторини, Иос, Аморгос и Анафи утре да останат затворени, јави дописничката на МИА од Атина.
Претпладнево меѓу серијата земјотреси беа регистрирани и три со јачина од 4,5, 4,3 и 4,1 степени, грчките сеизмолози смируваат дека земјотресите на Санторини не се поврзани со вулканската активност на островот, додека премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис за вечерва закажа состанок за земјотресите.
Поради зголемената сеизмичката активност во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос, денеска се одржа нов состанок, втор за помалку од 24 часа на Комисијата за процена на сеизмичката опасност и Комисијата за следење на вулкански активности при Министерството за цивилна заштита и климатски кризи и откако ги разгледале податоците донеле неколку препораки и превентивни мерки.
Поконкретно, како што соопштија од Министерството, членовите на комисиите одлучиле училиштата на четири острови утре да останат затворени, а на граѓаните им препорачуваат да избегнуваат големи собири во затворени простори; да избегнуваат напуштени објекти; да избегнуваат пристап и престој во четирите пристаништа на Санторини; да ги отстранат опасните непотребни предмети на објектите и да ја испразнат водата од базените; да изберат безбедни рути при движењето по градските и локалните патни мрежа, особено на места каде што е веројатно да се појават одрони и итно да се евакуираат крајбрежните области во случај на силен земјотрес.
Дополнително, откако комисиите ги разгледале досегашните податоци едногласно констатирале дека „сеизмичката активност во калдерата е намалена“, дека „сеизмичката серија и понатаму е зголемена во последните 48 часа со над 200 земјотреси во делот меѓу Санторини и Аморгос (земјотреси со максимална магнитуда од 4,5 степени)“, но и дека тековната сеизмичка активност во конкретната област „се должи на подморски раседи со североисточен и југозападен правец и не е поврзана со вулканска активност“.
Од Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција, соопштија дека надлежните комисии утре напладне ќе одржат нов состанок.
Паралелно, грчкиот премиер за 19 часот по локално време закажа состанок во Премиерската палата.