Пречекан првиот лет од Софија со воден мост во форма на виножито

На Меѓународниот аеродром Скопје, утринава во 5 часот и 48 минути, со воден мост во форма на виножито, ТАВ Македонија го пречека првиот лет од Софија на бугарската авиокомпанија „Гуливер”.

Со авион од типот ATR 72 – 600 , којшто може да превезе 70 патници, авиокомпанијата го имаше својот прв редовен лет на Меѓународниот аеродром Скопје, означувајќи го почетокот на нивното официјално комерцијално работење на македонскиот пазар.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски утрово ги пречека патниците кои пристигнаа со првиот комерцијален лет на релација Софија – Скопје, со што започна да се реализира редовната авиолинија Софија – Скопје што произлезе од договорот меѓу мешовитите владини комисии на двете земји.

-Ме радува што во многу брзо време најдовме согласност и заеднички со Република Бугарија ја воспоставивме оваа линија. Работите се движат во посакуваниот правец и веќе ги гледаме резултатите од работењето на мешовитите групи со колегите од Бугарија. Летот Софија – Скопје од денеска почнува да сообраќа и првите патници веќе пристигнаа во Скопје. Им посакувам добредојде во нашата држава и испраќам порака дека нашата земја има што да понуди во делот на туризмот. Остануваме посветени со нашите пријатели и во наредниот период во изнаѓање на решенија со кои ќе ги зацврстиме пријателските односи и кои ќе донесат економски бенефит за двете држави, изјави министерот Бочварски од аеродромот во Скопје.