Замислете во Крушево можете да бидете ЧОВЕК – ПТИЦА

Секое интересно место кое има што да понуди веќе е на мапата и на домашните, а многу повеќе на странските посетители . Така е и во Крушево, кое со многубројните содржини, а секако и со природата, ги одушевува туристите.


Крушево веќе пулсира 12 месеци во текот на годината како вистински туристички центар. Градот е преполн со гости. Прекрасната природа, параглајдингот, музеите, историјата се адутите на Крушево.

Мечкин Камен, Крушево. На 1420 метри надморска височина. Поглед на пелагониската рамнина што восхитува. Чувството е возвишено, се чини го имате просторот на дланка. Тоа е излетиштето на летачите, на „зависниците“ од адреналинот. На луѓето кои посакале и храбро го приграбуваат чувството да се биде човек-птица. Тоа се параглајдеристите. Македонските, европските, светските. Го пронајдоа своето идеално место за да се вивнат во височините, да остават сè приземно, да се доближат до небесните височини.

Пределите се фантастични за прецизното слетување и за долгите прелети во кои со часови трае уживањето. Небото над Крушево е полно со воздушни струења. Широките долини нудат повеќе места за сигурни и безбедни слетувања. Опкружено од сртови и ридови, Крушево нуди одлична инфраструктура за пристап до стартните места за полетувања, како и локации каде пилотите лесно можат да бидат соберени после подолги крос-кантри летови.

Во Крушево сезонски работат неколку параглајдинг клубови и нудат тандем параглајдинг летови по пристапни цени.