Вучиќ и Орбан згазија на изборите

Според последните информации, на изборите во Унгарија се преброени голем број гласови, а актуелниот премиер Виктор Орбан освоил двотретинско мнозинство. Фидес на Орбан доби 54,36 отсто од гласовите, опозициската Обединети 33,36 отсто и Наша Татковина 6,44 отсто.

„Никогаш не сме се претставиле толку добро како вечерва“, рече Виктор Орбан во своето обраќање пред гласачите, додавајќи: „Почитувани пријатели, извојувавме голема победа, стопроцентно да се гледа од Месечината и од Брисел“, рече тој и се заблагодари за поддршката и помошта.

„Победивме во 2010 и 2014 година кога не’ предизвикаа, потоа во 2018 кога беа против нас и во 2022 година кога сите се обединија против нас. Ќе треба да проучуваат и ако не го најдат одговорот, треба да го прашаат Бога како го постигнавме овој резултат кога сите беа против нас. Оваа победа значи дека над залудните тактики и задкулисни игри победува срцето. Тоа е победа на унгарското срце“, рече Орбан.

Обраќајќи се кон големите меѓународни организации тој рече: секој денар за левицата беше залудно фрлање пари.

„Победата ќе се памети до крајот на нашите животи затоа што сега беше неопходно да се победат најкомплексните непријатели – левицата во земјата, левицата во странство, институциите на Сорос, меѓународните медиуми, дури и украинскиот претседател. Никогаш не сме имале толку непријатели на избори. И покрај многуте пари, не можеа да не спречат. Не дозволивме да се врати минатото, ја браневме слободата на Унгарија и обезбедивме безбедност и мир во Унгарија и нашите деца и нашите семејства“, порача Орбан.

ИЗБОРИ ВО СРБИЈА

„Успеав да направам нешто што никој во Србија досега не успеал да го направи. Јас сум единствениот што победил двапати во првиот круг“, рече вечерва српскиот претседател Александар Вучиќ по првите информации дека убедливо води на денешните избори во Србија.

„На претседателските избори освоив меѓу 59,9 и 60,1 отсто, а Понош (кандидатот на здружената опозиција) 17,7 отсто“, рече Вучиќ во јавното обраќање.

По Никола Пашиќ, јас сум Србинот што е најдолго на власт“, рече Вучиќ.

„Се обидувам да ги сокријам солзите радосници бидејќи сум престар за да плачам“, рече тој.

Тој додаде дека „ова се бројки што не може да се променат“.

„Влијанието на украинската криза беше многу поврзано со изборите, Србија отиде десно, јас сум виновен, некои наши листи имаат нешто помалку гласови, тоа ќе го земеме предвид при формирањето на владата. Ова ви го кажувам затоа што Србија ќе мора да се определи“, рече Вучиќ.