Запленети МЕРИОТ И ОФИЦEРСКИОТ ДОМ на ПЛОШТАД во истрагата за случајот „ИМПЕРИЈА“

Јавното обвинителство вчера соопшти дека поради основано сомневање дека имотот потекнува од кривично дело, побара од судот да ги замрзне уделите, акциите и недвижностите што се поврзуваат со Мијалков и Груевски во случајот Империја. Судот донесе позитивна одлука на ова барање.

„Судијата на претходна постапка ги прифати барањата и со решение определи привремени мерки со кои се забранува располагање, заложување и отуѓување на имотот по каков било правен основ. Привремените мерки согласно закон може да траат најдолго до завршување на кривичната постапка пред првостепениот суд или да бидат укинати по службена должност. Запленувањето не е конечно“, соопштија од Обвинителството.

Замрзнат е уделот од 67,5 % на Александар Ивановски во Дивелоп груп, поради индиции дека овој имот е поврзан со Никола Груевски и Сашо Мијалков. По истрагата постојат сомневања дека во овој удел учество имаат и Мијалков и Груевски.

Замрзнат е и уделот на фирмата Бест веј инвестмент на Јордан Мијалков, синот на Сашо Мијалков, поради сомневања дека имотот потекнува од кривично дело. Бест веј е и сопственик (32,5%) на Дивелоп груп и основач на Гранд М. Оваа фирма, Гранд М, преку Дивелоп го поседува луксузниот хотел Мериот во центарот на Скопје.

Замрзнат е и имотот на СИС инвест груп, фирма која го поседува поранешниот Офицерски дом на плоштадот во центарот на Скопје. Сопственик на оваа фирма е рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.

Акциите (7.213) на офшор компанијата Ексико во Стопанска Банка – Битола се исто така дел од ова судско решение. Номиналната вредност на овие акции е 21.639.000 денари.