Димитров: Оваа антимакедонска и непријателска изјава на Радев е врвен скандал!!!

Поранешниот шеф на македонската дипломатија, Никола Димитров, смета дека денешната изјава на бугарскиот претседател Румен Радев за македонскиот идентитет е е дрска, безобразна и непристојна.

Да се тврди дека нечиј идентитет е вештачки, фалсификат, е неписмено. Сите нации на светот се општествени творби, општествени конструкции. Резултат на конкретен и сложен сплет на историски настани и процеси. Бидејќи тука не се работи за гените, тука се работи за чувство на заедништво. Поделбата на природни и вештачки од природните науки оттука е неприменлива во овој контекст, вели Димитров.

За поранешниот министер, изјавата на Радев е навреда и говор на омраза.

-Тоа што оваа изјава доаѓа од државниот врв во Софија е врвен скандал. Изјавата очигледно е антимакедонска и непријателска. За да зборуваме за некаква антибугарска политика кај нас, треба да зборуваме за Бугарите. Ние немаме ама баш никакво барање кон Бугарија, освен да не’ почитува. Овде се работи за нас, ние сме предмет на изјавата, како што впрочем ние сме предмет и на антиевропскиот спор. Таа се бави со македонскиот идентитет, го нарекува фалсификат на комунистичката интернационала. Ова е крајно опасен наратив, незамислив во демократска Европа. За жал, идентичен на наративот на Путин кон соседна Украина. Замислете комшии, претседател на соседна земја да ви каже дека бугарскиот идентитет ви е нечиј фалсификат. Ставете се на наше место, макар за миг, колку и тоа да ви е незамисливо. Исто толку ни е незамисливо и нам, потенцира Димитров.