Connect with us

Македонија

Христос Воскресе – Навистина Воскресе!

Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото Воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите.

Воскресението Христово на полноќ e објавено во сите храмови на Македонската православна црква.

Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли – христови ученици и нивните наследници. За тоа ни сведочи Светото предание.

Велигденското јајце е старо колку и Христијанството и црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото Воскресение.

Првите христијани и современици на апостолите почнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со радосниот поздрав Христос Воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина Воскресе!

Така поздравувајќи се, првиот ја соопштува веста за Христовото воскресение, додека вториот ја потврдува, а всушност и двајцата ја исповедуваат својата вера во Воскресението. Оваа практика и до ден денес е запазена во Светото Послание, па верниците со овој поздрав се поздравуваат се до Вознесението Христово, Спасовден.

Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта.

Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а водено ја симболизира и христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Така, бојата на јајцето не потсетува на крвта христова и спасението.

Според хронологијата на христовите настани забележани во Евангелието, се знае дека на Велики Четврток, Господ Исус Христос на Тајната вечера ја востановил Светата тајна причест (Евхаристија), земајќи ги за основа лебот и црвеното вино, кои се претвораат во христовото тело и крв. Оваа света тајна – Евхаристија е дадена за спасение на луѓето, а за основа ја има христовата крв.

Затоа црвената боја, симболизирајќи ја христовата крв од светата причест ги украсува велигденските јајца. Како што бојадисаните црвени јајца од Велики четврток се јасна најава за блискоста до Велигден, така и тогаш, на Велики четврток на Тајната вечера, Христос јасно најавил и кажал дека наскоро ќе биде предаден, ќе пострада и ќе воскресне.

Според Светото предание се смета дека Марија Магдалена, една од жените мироносци прва го започнала овој обичај за велигденските црвени јајца.

Се вели дека Марија Магдалена наскоро по Христовото вознесение (Спасовден) го напуштила Ерусалим и тргнала по светот да го проповеда Евангелието.

Во Рим таа побарала да појде и кај римскиот император Тивериј, со цел да му раскаже на царот за Господ Исус Христос. На средбата, таа на царот најнапред му подарила едно црвено јајце и го поздравила со зборовите Христос Воскресе.

Потоа му раскажала за се што учел Христос, за неговите добри дела и чуда што ги правел на луѓето.

Следејќи го нејзиниот пример, првите Христијани започнале да си подаруваат црвени јајца на празникот Велигден и притоа да се поздравуваат Христос Воскресе – Вистина Воскресе!

Македонија

Конгрес на ДУИ: Ахмети со нови барања

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на Петтиот конгрес на партијата денеска изнесе сет клучни политички барања што, според него, треба да ја гарантираат стабилноста и функционалноста на државата. Во фокусот се избор на Влада со двојно мнозинство, уставни измени поврзани со одлучувањето во Уставниот суд и целосен ветинг на сите јавни функционери во последните три децении, под меѓународен надзор.

Промовирајќи го новиот „Национален договор за напредок“, Ахмети побара воведување на т.н. „извршен Бадентер“, според кој секој иден владин состав ќе мора да ја добие довербата не само од мнозинството пратеници во Собранието, туку и од мнозинството пратеници кои ги претставуваат немнозинските заедници.

Тој истакна дека унитарната држава може да биде стабилна само доколку се темели на доверба и лојалност меѓу сите заедници, нагласувајќи дека двојното мнозинство е механизам што обезбедува инклузивност и политичка рамнотежа.

Во делот на судството, Ахмети предложи законите донесени со Бадентеров принцип во Собранието да не можат да бидат поништени од Уставниот суд без истото двојно мнозинство меѓу уставните судии. Според него, потребни се уставно-правни измени со кои одлуките што ги засегаат правата на немнозинските заедници ќе се носат само со заемна согласност.

Покрај уставните промени, лидерот на ДУИ инсистираше и на темелно „прочистување“ на политичката сцена. Тој побара целосен ветинг за сите носители на јавни функции во изминатите 34 години, вклучувајќи проверка на потеклото на имотот и процесите на приватизација, со јасен меѓународен надзор.

Continue Reading

Македонија

Македонските деца сè порано пробуваат цигари и алкохол: Првата цигара на 9 години, алкохол на 13

Резултатите од најновото истражување ЕСПАД 2024, презентирано од Институтот за јавно здравје, покажуваат загрижувачки тренд кај македонските ученици – дел од децата ја запалуваат првата цигара уште на деветгодишна возраст, додека првиот контакт со алкохол најчесто се случува околу 13 години.

Истражувањето било спроведено во 96 средни училишта со повеќе од 2.800 ученици и укажува и на значителен пораст на употребата на електронски цигари. Повеќе од една четвртина од учениците пробале е-цигари, а секој десетти ги користел во изминатиот месец.

Алкохолот останува најраспространета психоактивна супстанца меѓу адолесцентите, при што момчињата почесто пријавуваат рана употреба, интоксикација и тешко епизодно пиење. Речиси третина од учениците првпат консумирале алкохол на 13 години или помлади.

Иако помал обем се регистрира и употреба на седативи без рецепт, канабис и коцкање, овие појави се особено присутни кај машката популација. Надлежните институции предупредуваат дека овие трендови бараат засилени и современи превентивни мерки.

Од Министерството за образование и наука информираат дека училиштата веќе спроведуваат програми за превенција на злоупотреба на психоактивни супстанци, а од оваа учебна година е воведен и изборен предмет за здравствена писменост. Институтот за јавно здравје нагласува дека резултатите од ЕСПАД треба да послужат како основа за подобрување на политиките и заштита на здравјето на младите.

Continue Reading

Македонија

АХВ засилено ги контролира детските новогодишни пакетчиња: дел од нив повлечени поради неточни декларации

Во пресрет на новогодишните празници, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе 262 вонредни инспекциски надзори за да ја провери безбедноста на детските новогодишни пакетчиња. Контролите беа извршени во магацини за пакување, маркетите и продавниците кои ги пласираат овие производи.

Поради несовпаѓање на роковите на збирната декларација со поединечните рокови на производите и непотполни декларации, инспекциските служби издадоа 4 решенија за повлекување на пакетчиња од промет. Дополнително, двајца оператори со храна добија наредби за ставање на комплетни збирни декларации на пакетчињата.

Од спроведените 262 инспекциски надзори, не се изречени парични казни и не е поништена ниту една храна како небезбедна. Во споредба со ланската сезона, кога беа утврдени сериозни неправилности како погрешни ознаки, истечен рок на употреба и промени во својствата на производите, годинава се забележани само минимални недоследности кај операторите.

АХВ најавува дека контролните активности ќе продолжат и во наредниот период, особено пред и по новогодишните празници, со цел да се осигура безбедноста на детските пакетчиња.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг