По 5 дена „хакнатиот“ сајт на Бирото за јавни набавки во функција, но набавките се уште во застој

Техничкиот проблем кој доведе до недостапност на ЕСЈН е целосно надминат, известија од Бирото за јавни набавки и тврдат дека интегритетот на системот не е загрозен.

Проблемот за кој нема подетално објаснување дали станува збор за хакерски напад или друг вид на информатички проблем, предизвика одложување на многу тендерски постапки. Тој застој во јавните набавки ќе потрае до првиот работен ден после Велигден.

-Од денес, овозможен е пристап до сите податоци кои беа на располагање на јавната страна. Очекуваме од вторник, системот да е целосно функционален, при што ќе можат да продолжат сите започнати постапки без ограничување и да се спроведуваат нови согласно законските одредби. Во моментот се работи на продолжување на роковите на сите тековни постапки, поради што е оневозможено најавување на ЕСЈН. Наредните денови очекуваме целосно нормализирање на сите функции на системот, соопштија од БЈН.

Системот падна минатиот викенд и цела работна недела не можеше да се вршат јавни набавки, што предизвика особен проблем при интервентните јавни набавки.