Македонец е еден од загинатите во експлозијата во Словенија

Македонски државјанин е меѓу загинатите во експлозијата во фабриката во Кочевје во Словенија.

Меѓу петте загинати во вчерашната експлозија во Фабриката за хемиски производи „Меламин“ во словенечкиот град Кочевје, има и еден државјанин на Македонија, објавија денеска словенечките медиуми.

Полициската управа на Љубљана, соопшти дека од останатите четворица загинати, двајца се Словенци, а двајца државјани на БиХ.

Началникот на Одделението за општ криминал при СВР Љубљана, Валтер Зрински изјави дека засега се уште не може да потврди дали причина за експлозијата е човечка грешка.

Експлозијата во Кочевје, гратче со околу 8.000 жители во јужна Словенија, се случи вчера околу 8.30 часот.

Фабриката „Меламин“ е основана во 1954 година и вработува околу 200 работници, а името го носи по хемикалијата што ја произведува наменета за покривање на подови и мебел.