Кој троши повеќе струја, ЌЕ ПЛАЌА ПОСКАПО?

За евтината струја нема да има блок тарифи односно таа ќе остане иста, а блок тарифите ќе бидат за скапата струја. Немаме проблем со граѓаните кои многу трошат, но ќе платат за тоа повеќе. Со оваа измена ќе придонесеме да се намали потрошувачката на струја, вели претседателот на Регулаторната комисија Марко Бислимоски

Според него  во моментов се работи на измените на тарифниот систем со што ќе се воведат три или четири блокови.

Според анализите на Регулаторна, во земјава има 660.000 домаќинства, просечната потрошувачка е 400 киловат-часови. Најголем е процентот на домаќинста кои трошат до 100 киловат-часови струја и тоа 21.49 проценти.

Седумнаесет семејства трошат 10 отсто од струјата во земјава, велат од Регулаторната комисија за енергетика, која подготвува нов тарифник за цената на струјата според кој, оние кој повеќе трошат ќе плаќаат по поскапа тарифа.

Ценовникот се прави бидејќи, како што велат од Регулаторна, не може домаќинства кои трошат струја за греење на базени кои ги имаат дома да плаќаат исто со социјални случаи или граѓани со ниски примања.

Новиот тарифник се очекува да стартува во јули заедно и со новиот ценовник на струја, за кој компаниите веќе доставуваат пресметки. Колкави ќе бидат лимитите за блок-тарифите, Бислимоски рече дека ќе се обелодени кога ќе се донесе конечната одлука, но ќе се внимава на тоа домаќинствата што се греат на струја, затоа што реално немаат друг избор, да бидат заштитени.

– Размислуваме за тоа да постои можност за почесто менување на цените во рамките на блоковите. Така, во еден блок, да има пониска цена на струја во зима, а повисока во лето – вели Бислимоски.

Тој објасни и дека секое домаќинство е потенцијален корисник на сите 3, или 4 блока.

– Дури и да е во највисоката тарифа, потрошувачот ќе си плати најниска цена за оние киловати што влегуваат во првата тарифа, потоа по втора цена ќе му се пресметуваат оние киловати што влегуваат во вториот блок, а по трета, и евентуално четврта, оние во третиот и во четвртиот блок – рече Бислимоски.

Од Регулаторната комисија велат дека 53 отсто од потрошената струја е во скапа тарифа, а 47 отсто во евтина.