НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Загинал најопеаниот епски народен јунак на Балканот Крали Марко, во Македонија многу места поврзани со неговото име

Речиси да нема место во Македонија, кое нема назив поврзан со епскиот јунак Крале или Крали Марко, кој е најопеан во народното творештво и кој загинал на 17 мај 1395 година во битката на Ровина против влашкиот војвода Мирче.

Често месности добивале назив Марков таму каде што има големи камења, со вдлабнати стапки од неговиот коњ Шарец или без нив, познати како Марков камен. Народот величејќи ја неговата јунаштина, во преданија, пренесувал дека тоа е Марков камен, затоа што само јунак како Марко можел да го подигне или да го фрлил од некој рид. Има и други називи, како што е Марков манастир, Маркова нога итн.

Наспроти народните преданија за Крали Марко, кого го присвојуваат како јунак повеќе балкански народи, за него има доста сиромашни историски податоци.

Без наследник

По погубувањето на неговиот татко Волкашин во 1371 година во битката против Турците на реката Марица, продолжил да владее со областите околу Прилеп, Скопје и Призрен. Епската поезија го идеализира како пример за храброст, витештво и чесност и како заштитник на послабите. Тој е еден од најопеаните личности не само во македонските народните песни, туку и кај други народи на Балканот.

Се смета дека е роден околу 1335 година во Прилеп и дека е последниот крал што владеел со поголемиот дел од Македонија пред повеќевековната власт на Османлиите. Кралството на Марко било со средиште во Македонија, со Прилеп како главен град и затоа се смета за македонски крал.Крал Марко бил еден од четирите синови на кралот Волкашин и неговата сопруга Евросима (Елена). Освен браќата Андреаш, Иваниш и Димитри, Марко имал и сестри, а имал две жени, Елена и Теодора, но не е познато дали имал наследник.

Мал крал или престолонаследник

Во времето на владеењето на неговиот татко Волкашин, Марко ја имал титулата „млад крал“, односно престолонаследник. Кога татко му Волкашин заминал да се бори против Османлиите во Маричката битка во 1371 година, Марко останал да управува со територијата на земјите на неговиот татко и на чичко му. По нивното загинување, Марко станал крал и формално-правно совладетел на царот Урош.

Во периодот од владеењето на кралот Марко тој се соочувал со постојани притисоци од страна на српските големци како и од Османлиите, кои постепено завладувале со Балканот. Набргу, некои територии му биле одземени од кнезот Лазар, Никола Алтомановиќ, Балша и Турците. Тоа било време кога многу од владетелите склучувале мир со Османлиите, станувајќи нивни вазали. Така, и Марко ја признал врховната власт на Мурат I, се обврзал да му плаќа данок и да и служи на турската војска во нејзините воени походи.

Границите на Марковата држава биле: Вардар на исток, Шар Планина на север, Охридското Езеро и градот Костур на југозапад, а престолнина Прилеп.

Има различни претпоставки кога кралот Марко станал турски вазал. Некои сметаат дека тоа се случило во 1371 година, веднаш по Маричката битка, но постојат записи кои кажуваат за турските опсади на Прилеп и Битола во 1385 година, што го дефинира Mарковото кралство како независна територија во однос на турската држава.