Connect with us

Свет

Да се поклониме пред “кралот”: Реал Мадрид е шампион по 14-ти пат

Реал Мадрид е „кралот“ во Лигата на шампионите! Рекордерот по бројот на титули во најелитното натпреварување, над сите очекувања слави во финалето против Ливерпул со 0-1 (0-0). Херој на Реал на „Стад де Франс“ беше Винициус Жуниор кој го постигна единствениот погодок, меѓутоа вреди да се издвои и партијата на Тибо Куртоа кој блескаше меѓу стативите. „Црвените“ беа поконкретни и имаа повеќе шанси, ама „кралската“ мрежа остана недопрена. 

  • Извештај од натпреварот:

Анчелоти се реши за претпазлива варијанта, со четири играчи за врска, а само Винисиус и Бензема во нападот, додека Клоп спротивно на тоа од првата минута ги испрати Салах, Мане и Луис Диаз. Поради тоа, стартот на дуелот не беше изненадување. Ливерпул беше екипата која ја имаше топката, притискаше со висок пресинг и се обидуваше да пронајде простор низ одбраната на Реал. „Кралевите“ пак, трпеливо ја чекаа својата шанса преку транзиција или контра напади, но стартот беше мирен и без возбудувања. 

Првата посериозна можност дојде по 16 минути игра, откако Трент Александер Арнолд проби од десната страна, уфрли на петерецот, а од тешка позиција со пета се обиде Мохамед Салах кој изнуди одлична интервенција од Тибо Куртоа. Веќе во следните неколку акции, Ливерпул се закануваше со изненадни удари преку Тиаго Алкантара и Салах, но Белгиецот беше присебен. „Црвените“ се залетаа, па најголемата шанса во воведниот дел ја имаше Садио Мане. Сенегалецот биеше добро, ама Куртоа со парада ја одби топката во стативата.

„Кралевите“ се консолидираа по воведниот налет на Ливерпул, успеаја да ја задржат топката во своите нозе, ама и понатаму беа инфериорни. Во вториот дел на првото полувреме, вистинските шанси изостанаа и англиските фудбалери отстапија од целосната офанзива. Мрежата еднаш се тресеше во финишот на полувремето, откако по една мешаница погоди Карим Бензема. Сепак, ВАР собата утврди дека топката која се одби од Валверде преку Конате и Фабињо до Французинот е нерегуларна и голот не важеше.

Стартот на вториот дел беше одново мирен, Ливерпул пак се обиде да наметне темпо и ја имаше топката. Сепак, Реал Мадрид одигра според својот план и договор, дочека момент на невнимание и преку брза транзиција дојде до предност. Акцијата се одвиваше по десната страна, Феде Валверде ја префрли топката на втора статива, а таму Винициус Жуниор лесно погоди во мрежата на Алисон за 0-1 во 59. минута. 

Ливерпул фрли сè на карта напад, Клоп се обиде да освежи со Жота и Кеита, а неговите пулени притискаа. Сепак, како што одминуваше времето, растеше тензијата. Реал Мадрид по којзнае кој пат покажа искуство, присебност и смиреност во дефанзивата, ги затвори приодите кон својот гол и го бранеше стекнатото водство. Обрачот околу голот на Куртоа се стегаше, меѓутоа одличниот белгијски голман и неговите колегу од одбраната не дозволија израмнувачки погодок. Најблизу до гол за Ливерпул беше Салах, кој откосо не успеа да го матира Куртоа. 

Реал Мадрид 14. пат во својата историја го крена трофејот во Лигата на шампионите, а Ливерпул испушти шанса да се израмни на второто место со Милан и остана на шест титули.

Извор: Гол.мк

Свет

Украина добива 90 милијарди евра – ЕУ: Русија ќе ги плати парите

Лидерите на Европската Унија постигнаа договор за одобрување на бескаматен заем од 90 милијарди евра за Украина, со кој на Киев му се обезбедува финансиска стабилност за наредните две години. Според договорот, кредитот ќе започне да се враќа дури откако Русија ќе исплати репарации за штетите предизвикани од инвазијата.

Одлуката се толкува како јасна политичка и финансиска порака дека трошокот за обновата на Украина на крајот ќе падне врз агресорот, додека Европа презема улога на гарант за функционирањето на украинската држава во услови на војна.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, истакна дека договорот испраќа три јасни пораки: дека Русија не ги остварила своите цели, дека Европа останува цврсто со Украина и дека Москва мора да се врати на преговарачката маса. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, порача дека целта е постигнување праведен и траен мир, а средствата се наменети за покривање на најитните буџетски потреби на Киев.

Првичната идеја заемот директно да се финансира од замрзнатите руски средства беше изменета поради резервите на Белгија, каде што се чува најголемиот дел од тие пари. Белгискиот премиер Барт де Вевер изјави дека средствата остануваат замрзнати и дека на крајот ќе бидат искористени за обнова на Украина, нагласувајќи дека никој во ЕУ не сака тие пари повторно да се вратат во Москва.

За да се обезбеди консензус, Словачка, Унгарија и Чешка беа изземени од каква било одговорност поврзана со отплатата на заемот, со што беше избегната можна блокада на одлуката.

Паралелно со европските финансиски чекори, САД интензивираат дипломатски активности. Американскиот претседател Доналд Трамп ја повика Украина побрзо да се движи кон мировен договор, предупредувајќи дека одложувањата носат огромни човечки загуби. Тој изјави дека секој месец гинат илјадници војници и дека постои опасност Русија да ја смени позицијата доколку процесот се развлекува.

Во рамки на таканаречениот ревидиран мировен план, викендов во Мајами се очекува средба меѓу претставници на администрацијата на Трамп и советник на рускиот претседател, по неодамнешните разговори на американските пратеници со украински и европски претставници во Берлин.

Continue Reading

Свет

Рускиот гас под закана: Америка го движи енергетскиот курс на Балканот

Американскиот претседател Доналд Трамп го потпиша новиот закон, кој ја става енергетската независност на Западен Балкан од рускиот гас и нафта во центарот на националниот интерес на САД. Со потпишувањето на Законот за овластување за национална одбрана за фискалната 2026 година, Вашингтон јасно сигнализира дека зависноста од руските енергетски извори веќе не е прифатлива.

Станува збор за Законот за овластување за национална одбрана за фискалната 2026 година, кој директно ја адресира зависноста на земјите од регионот од рускиот гас и нафта – потег кој ќе има директно влијание врз Србија и соседните земји.

Според медиумските извештаи, законот во својата содржина го истакнува следново:

  • Во точка 16 се нагласува дека „зависноста на земјите од Западен Балкан од руски фосилни горива и природен гас ги врзува нивните економии и политики со Москва, попречувајќи ги нивните амбиции за приклучување кон Европската Унија“.

  • Точка 17 директно го декларира интересот на САД: „Намалувањето на зависноста од руски извори на енергија на земјите од Западен Балкан е од национален интерес за САД“.

  • Во точка 18 се предупредува дека „растечкото влијание на Кина во регионот може да има штетно влијание врз стратешката конкуренција, демократијата и економската интеграција на Европа“.

Со овој закон, Вашингтон испраќа јасна порака: енергетската независност на Западен Балкан од Русија и ограничувањето на кинеското влијание се прашања од висока геополитичка важност, кои директно ги засегаат интересите на САД во регионот.

Continue Reading

Свет

Меѓусебни напади со дронови меѓу Русија и Украина: Гори хемиска фабрика во Русија

Русија и Украина во текот на ноќта извршија масовни меѓусебни напади со беспилотни летала, при што во Русија беа пријавени пожари, прекини на струја и греење, а во Украина удари на повеќе локации.

Руските власти соопштија дека противвоздушната одбрана пресретнала и уништила 94 украински дронови над седум региони. Најголем дел од нив биле соборени над Ростовската, Белгородската и Воронешката област, како и над Самарската и Астраханската област, Каспиското и Азовското Море.

Во градот Орјол, според локални извори, дронови ја погодиле термоелектраната-топлана, што довело до прекини во снабдувањето со греење, струја и топла вода. Локалните власти потврдија дека поради ситуацијата е прекината наставата во училиштата и градинките во еден дел од градот.

По нападите избувна и пожар во хемиската фабрика „ТолјатиАзот“ во Самарската област, една од најголемите фабрики за производство на амонијак во светот. Пристапните патишта кон фабриката биле затворени, а причините за пожарот сè уште се утврдуваат.

Прекини на електричната енергија се пријавени и во Ростовската област, каде што, според регионалните власти, биле оштетени далекуводи и цивилни објекти во неколку населени места. Повредени лица, според официјалните информации, нема.

Истовремено, руските сили во текот на ноќта лансирале околу 160 беспилотни летала кон Украина, меѓу кои и дронови од типот „Шахед“. Украинската противвоздушна одбрана соопшти дека успеала да собори или електронски да онеспособи 108 дронови, но и покрај тоа биле регистрирани погодоци на 23 локации.

Украинските власти предупредија дека нападите продолжуваат и дека дел од руските дронови и понатаму се наоѓаат во воздушниот простор на земјата.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг