Connect with us

Македонија

Штрајкот ставен во мирување: Вработените во Управата за водење матични книги од утре на работа

Published

on

Вработените во Управата за водење матични книги и нејзините подрачни одделенија од утре редовно ќе ги извршуваат работните обврски, откако денеска е потпишан Колективниот договор за што независниот синдикат на Управата штрајкуваше во изминатите седум недели.

Директорот на Управата, Блерим Абази за медиумите изјави дека со договорот, кој денеска бил потпишан по неколку средби на штрајкувачкиот одбор, дополнително се унапредени правата на вработените во Управата. Тој се заблагодари на Министерството за правда и министерот Никола Тупанчески за поддршката и на граѓаните кои во изминатиот период, како што рече, имале разбирање за прекинот на работата на вработените во Управата.

– Со колективниот договор се утврдуваат критериумите за годишен одмор, платените и неплатените отсуства, надоместоци на плата и други примања, исплата на регрес за годишен одмор, додаток на плата, исплата на јубилејна награда итн. Синдикатот и работодавачот во договорот го утврдија правото минималната плата да биде основна плата, изјави Абази.

Тој додаде дека како директор ќе се заложи во Предлог-буџетот за 2023 да бидат предвидени повисоки плати за Управата, а за покачување на платите во оваа година пратил иницијатива до Владата да се најде решение во најбрз рок.

Претседателот на независниот синдикат на Управата Тони Милошевски истакна дека првпат е потпишан Колективен договор, кој уредува многу досега недефинирани прашања, но нагласи дека штрајкот не е прекинат туку го ставаат во мирување до 20 јули 2022 додека не се реши и финансискиот дел.

– Потоа ќе одлучиме како ќе го изразиме незадоволството ако не ни се реши финансискиот дел во колективниот договор што остана и кој Владата треба да го реши, додаде Милошевски.

Претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), Марјан Ристески во однос на финансиите рече дека контактираат со Владата и очекува да се реализира инцијативата на ССМ за зголемување на платите за 2.806 денари уште во јули и дека тоа ќе им следува и на вработените во Управата.

– Така што, ќе остане уште мал процент до оној што го бараат вработените и по пратената иницијатива од директорот, се надевам дека следната недела ќе имаме разговори во Министерството за финансии. Кога ќе се одземат тие 2.806 денари што ќе ги добијат сите јавни службеници, остануваат уште до 10-15 проценти што мислам дека не е огромна сума за државата, изјави Ристески.

Тој рече дека е среќен што со потпишаниот Колективен договор конечно се нашол заеднички јазик и дека е тоа голем чин по речиси два месеца штрајк и „игра на нерви“. Ристески ги охрабри и останатите вработени во државните управи, агенции и фондови да си формираат свои синдикати за да може да потпишат вакви договори

Македонија

Апел на Панче Ќумбев: „Доколку е потребна помош на семејствата од Кочани, чии деца се лекуваат во странство, пишете ми на мојот Фејсбук профил“ (видео)

Published

on

Додека македонските државни и медицински власти се бореа да најдат решение за потребното лекување на повредените млади луѓе во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани и да им обезбедат навремено и соодветно лекување во болници и клинички центри надвор од Македонија, еден велешанец, исто така, неуморно споделуваше статуси на својот ФБ профил и правеше обиди да помогне во обезбедувањето на помош во сместување, транспорт и се што им е потребно на семејствата за да бидат со и покрај своите деца таму каде што државата ги транспортираше.

Панче Ќумбев, македонската фудбалска легенда, велешанецот кој фудбалската кариера ја започна во својот роден град а ја продолжи во клубови во државата и надвор од неа, за шест дена сподели  статуси на личниот профил во кој објави дека комлетна помош веќе понудија негови пријатели, актуелни или поранешни фудбалери како што се Емир Ракович во Љубљана и  Виктор Треневски во Марибор, во Словенија, Јовица Јаневски кој живее во близина на Малме, Небојша Младенович во Стокхолм, и Диме Лефков во Стокхолм во Шведска, потоа Лазе Донев во Инсбург и Иле Стојанов во Салзбург во Австрија, Влатко Стефановски во Варагем и Јованче Крстевски во Брисел, во Белгија како и поранешниот македонски репрезентативец Милан Стојановски кои живее во Белград, Србија.

Дума.мк разговараше со Ќумбев на кого потребна помош за семејствата на тешко повредените во пожарот во дискотеката во Кочани му понудија и други негови пријатели низ Европа и светот. Ќумбев го прашавме на што се должи понудената помош од страна на неговите пријатели за македонските повредени деца и нивните семејства и дали емпатијата која ја покажа овие луѓе можеме да ја разбереме како „враќање на вистинските човечки вредности“ меѓу кои секако приоритетна е „ да му се помогне на секој човек во невоља“. Еве што Ќумбев ни одговори во разговорот.

Во овие моменти на колективна македонска тага се што е потребно само да го заследите личниот профил на Kumbev Panche (Kumbev) сите вие почитувани семејства од Кочани и доколку ви е потребна помош само да му пишете. Ако оваа информација ја прочитаат роднини или пријатели на повредените млади луѓе кои се лекуваат во клиники и болници во соседството или низ европските држави тогаш пренесете ја на нивните родители кои сеуште не нашле каде да се сместат за да бидат покрај своите најмили. Ќумбев порачува дека ќе се обиде да му помогне на секој од нив бидејќи има добри луѓе со кој контактира и му понудиле да помогнат во невоља.

Видеото може да го погледнете тука

Continue Reading

Македонија

Откриена е причината за смртта кај сите 59 жртви од „Пулс“

Published

on

Причината за смртта на сите 59 загинати во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани е насилно задушување во директна поврзаност со пожарот, изјави професор доктор Александар Станков, раководител на Институтот за судска медицина. Тој објасни дека кај четворица од загинатите постоеле повреди односно скршеници на ребрата и се задушиле заради притисок што се случува во стампедо (компресивна асфиксија).

-Обдуцирани се 59 лица. Најголем дел од нив, односно 70 проценти од нив се на возраст меѓу 16 и 29 години. Од починатите 16 лица се од женски пол, а 43 мажи. Причината за смрт кај сите 59 настрадани е насилна и е настаната заради насилно задушување и е во директна поврзаност со пожарот во дискотеката „Пулс“. Кај дел од нив се пронајдени изгореници од прв и втор степен, кај три лица имаше изгореници од четврти степен. Причината за смрт е задушување. Во наредниот период, во текот на март, очекуваме да се завршат сите извештаи во врска со направените обдукции. Можеби ќе ни треба повеќе време за да се изработат токсиколошките анализи кои што, реално бараат време за извршување. Се што ќе сработиме, ќе доставиме до Обвинителството. Облеката и личните премдети од починатите кои се најдени за време на обдукциите се на Институтот и тие се во надлежност на Јавното Обвинителство. Што ќе се случува со нив ќе одлучи Јавното Обвинителство, бидејќи може да бидат земени во судска постапка како докази, изјави професор доктор Станков.

Тој заедно со деканот на Медицинскиот факултет професор доктор Светозар Антовиќ изрази сочувство за семејствата на загинатите и изрази желба за брзо закрепнување на повредените.

На Институтот за судска медицина му припадна најтажната и една од најодговорните задачи во најкраток рок да изврши 59 обдукции од кои ќе се утврди причината за смрт, а воедно и идентификација, рече професор доктор Антовиќ.

Идентификацијата на загинатите е направена со помош на ДНК метода и со помош на дактилоскопи.

-Се проверуваа идентификациите неколку пати, затоа што во вакви услови не можеме да си дозволиме да направиме некаква грешка. Моравме да се провериме неколку пати заедно со МВР за да се избегнат било какви грешки и во доволно брз период ја завршивме нашата работа, рече професорот Станков.

Во најголем број случаи при пожари, најчест гас е јаглерод моноксид. Може да се јави и цијан водород и сулфур водород.

-Сега ги работиме токсиколошките анализи за да утврдиме што е присутно во крвта, меѓутоа според макроскопскиот наод за време на обдукциите кај најголем број од нив има јаглерод моноксид, додаде Станков, посочувајќи дека јаглерод моноксидот е многу опасен гас без мирис и без вкус, а кој делува на централниот нервен систем и ги онеспособува жртвите по што смртта може да настапи многу брзо, за неколку минути зависно од концентрацијата. 

Професорот посочи дека во тој простор, во таков чад, многу брзо делува јаглерод моноксидот и ги онеспособил жртвите да избегаат. Главоболка, повраќање, вртоглавица, бессознание, дезориентираност, парализа на мускулите за неможност за движењето се последиците од овој гас.

-Но тука треба да земете предвид и другите работи, како амбиенталното задушување, бидејќи пламенот кој гори го троши кислородот па покрај влијанието на јаглерод моноксидот имаме и намалено количество на кислород, одговори професор Станков.

Тој објасни дека обдукциите претставуваат еден вид собирање на материјални докази за да се одреди причината за смрт, ќе се одреди дали постојат други повреди, дали причината за смртта е поврзана со настанот и што е многу важно кај вакви масовни несреќи – се врши идентификација на жртвите. Еден дел од нив, објасни Станков имале лични документи, но на починатите девојки личните документи им биле во ташните и изгореле. Идентификациите со лични документи се само ориентациона метода и затоа обдукцијата е битна.

-За да излезе правдината на виделина, за да имаме еден комплетен судски процес, за да се покажеме и како држава која е правна држава, мора да се почитуваат одредени правила. Ние тие правила ги почитуваме. Не можеме да вршиме идентификации и да одредуваме причина за смрт само со преглед, мора да се направи комплетна обдукција и позитивна идентификација, за утре достојно да излеземе пред судот каде ќе имаме многу прашања за да може да ги одговориме, рече директорот на Институтот за судската медицина.

Continue Reading

Македонија

Николоски: Ќе бидат одземени 97 градежни лиценци

Published

on

Министерот за транспорт Александар Николоски објави дека била организирана масовна проверка на лиценците за работа на градежни оператори и консултанти,при што било утврдено дека 97 од нив не ги исполнуваат условите за работа.

На 13 изведувачи од А категорија и на 34 изведувачи од Б категорија ќе им биде одземена лиценцата, на 6 надзорници од А и Б категорија, на 23 проектанти, на два субјекти за ревизија на проект на документација,на еден управител за одржување и на 16 лица за изработка на урбанистички планови.

„Во тек е контрола на сите лиценци од Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање. По завршувањето, ќе следат законски измени на секои шест месеци да се врши контрола на се што е издадено од институциите

Од 1.100 лиценци, додега се проверени 643 и до вторник ќе се заврши. Кај 97 лиценци, по издавањето, правните лица престанале да ги исполнуваат условите по што ќе се донесе репение за одземање на лиценците, а при тоа не го информирале министерството дека ги промениле условите“,нагласи Николоски.

Николоски најави дека ќе следува и проверка на лиценците во патниот превоз.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк