На споменикот во месноста Моклиште кај Ваташа, беа одбележани 79 години од убиството на 12 ваташки младинци. Натка Китева, кустос историчар при Музеј галеријата во Кавадарци, рече дека во текот на бурната историја, кавадаречкото село Ваташа даде плејада револуционери и борци за слобода, како од постарата историја, така и од времето на НОВ и Револуцијата 1941-1945 година.
-Во долгата и тешка борба на македонскиот народ, многу настани останаа длабоко врежани во свеста и паметењето на луѓето. Настан кој никогаш не може да биде избришан од меморијата на народот од овој крај е и масакрот на 12 младинци од селото Ваташа, извршен на 16 јуни 1943 година на ова место, нагласи Китева.
Меѓу другото, таа потсети дека од младинците се барало да одговорат за целта на првомајскиот собир, за врските со партизаните и за криењето илегалци.
-Младинците погодени од рафалите на пушкомитролезот и куршумите од пушките паѓале како покосено класје, еден до друг. Насекаде во воздухот, се чувствувал силен мирис на барут. По претрпениот шок, следел силен писок на девојчињата, од кои три ги изгубиле своите браќа. Војниците како по заповед ги извадиле бајонетите и да бидат сигурни дека успешно ја завршиле работата, започнале со нив да ги бодат телата на младинците кои се уште покажувале знаци на живот. Тоа не било се. По извршениот масакр, војниците започнале да им пребаруваат по џебовите, а на неколкумина им ги одзеле часовниците од рацете, раскажа Китева.
Масакрот во Ваташа бил запишан и во билтенот на ГШ на НОВ и ПОМ од септември 1943 година.
-Ниту еден злостор во историјата не останал неказнет. Заслужената казна ги стигнала сите актери од овој масакр, кој остана забележан како едно од најголемите злосторства што окупаторот го извршил во Македонија, за време на Втората светска војна. Песните „Ми заплакало селото Ваташа“ од Лазар Манчевски и „Цветови” од Славко Јаневски, секогаш ќе не потсетуваат на една младост, на 12 скоевци, коишто своите животи ги положија за слободата за која мечтаеја. Злочинот направен врз нив, беше истовремено и злочин врз човештвото и злочин спрема слободата, рече Китева.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која ја информираше за економските состојби и очекувања, согласно макроекономските проекции на Народната банка.
На средбата беше констатирано дека ценовната и финансиската стабилност се темелите на здравата економија, во која инвестициите и бизнисите можат да напредуваат и дека без нив економијата е чувствителна на шокови коишто го нарушуваат растот и ја намалуваат довербата на јавноста во финансиските системи. Во таа насока, беше истакнато дека преку политиките и мерките на Народната банка за задржување на ценовната и финансиската стабилност, се обезбедува одржлив економски раст.
Имајќи ја предвид клучната улога на Народната банка во заштитата на овие фундаменти, како суштински за создавање на стабилна и предвидлива средина за бизнисите, инвеститорите и домаќинствата, претседателката Сиљановска-Давкова изрази поддршка на нејзината посветеност за одржување на здрави монетарни и финансиски политики, отпорна економија и просперитетна иднина.
На средбата, гувернерката посочи дека просечната инфлација во 2024 година беше 3,5%, што е во согласност со проекциите на Народната банка, а се очекува намалување на околу 2,5% во 2025 година и враќање на историскиот просек од 2% на среден рок. Во однос на економскиот раст, се предвидува умерено забрзување, односно закрепнување на економската активност. Економијата ќе биде поддржана со кредитна активност, натамошно проширување на депозитната база и со стабилен банкарски систем. Сепак, поради постојните ризици од особена важност е да се водат внимателни макроекономски политики. Во таа насока, гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека Народната банка ќе продолжи со спроведување на добро осмислени политики, коишто ќе обезбедат долгорочна макроекономска стабилност и ќе гарантираат одржлив економски раст.
Соговорничките разменија мислења и за можните влијанија на глобалните економски случувања и геополитиката врз македонската економија, причините за чувствителноста на надворешни шокови, факторите што влијаат врз зголемување на странските директни инвестиции, како и за неопходните мерки за фискална консолидација.
Во разговорот беше изразено очекување дека Планот за раст за Западен Балкан на Европската Унија ќе има позитивно влијание врз економијата и спроведувањето на Реформската агенда на државата.
На крајот, гувернерката ја запозна претседателката Сиљановска-Давкова со нивните напори и заложби за што е можно побрзо вклучување на државата во Европската област за плаќања во евра (СЕПА) со цел зголемување на ефикасноста на плаќањата во еврa и натамошен развој и интегрирање во заедничкиот европски пазар.
Полициски службеници од СВР Куманово утринава привеле 28-годишен жител на селото Отља, општина Липково, затоа што ограбил таксист.
„Тој се сомничи дека со закана со огнено оружје одзел пари од такси возач од Куманово, кој го превезувал од Куманово до с.Отља. Разбојникот бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава“, соопшти МВР.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднесе кривична пријава против А.Д. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в став 4 од Кривичниот законик.
На 31.12.2024, комисија формирана за вршење годишен попис во ЕВР Карпош извршила попис и броење на оружјето во магацините за оружје, за кои била задолжена полициската службеничка А.Д.. По извршениот попис, било констатирано дека недостасува една автоматска пушка од главниот магацин за оружје во Полициската станица Карпош, сопственост на Министерството за внатрешни работи. Исто така, на 11.01.2025 повторно била извршена контрола во магацинските простории во Полициската станица Карпош во присуство на раководните полициски службеници во станицата и од Одделот за внатрешна контрола, при што повторно било констатирано дека недостасувала една автоматска пушка и дека пристап до клучот за магацинот имала само ракувачот со материјално -технички средства на Полициската станица Карпош, пријавената А.Д.
Со овие дејствија пријавената го сторила делото за кое е поднесена пријавата.