Путин: Сетете се на Југославија, се обидуваат да наметнат идеи за етика и култура кои ги доведуваат во прашање интегритетот и суверенитетот на државите

Претседателот на Руската Федерација Владимир Путин денеска им се обрати на гостите на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург и се осврна на санкциите воведени од Западот врз Русија, како и на севкупната економска ситуација во Русија.

На почетокот на своето обраќање на меѓународниот форум, Путин истакна дека настанот се случува во тешки времиња, особено ако се земат предвид санкциите што Западот ги воведе кон Русија.

„Лидерите на Запад се обидуваат да живеат во минатото и мислат дека доминацијата на западната политика е нешто што нема да се промени, тоа е вечно. Ништо не е вечно, но нашите колеги не сакаат да го прифатат тоа. Тие мислат дека е сè им е двор и ги третираат земјите како колонии, луѓето како пониска класа. Сакаат да вршат притисок на секој кој нема да ги послуша. Се обидуваат да наметнат идеи за етика и култура кои ги доведуваат во прашање интегритетот и суверенитетот на државите. Сетете се на Југославија, Сирија и Ирак“, рече Путин.

Потоа, тој нагласи дека Западот сака да ја урне руската економија.

„Тие сакаат да ја соборат руската економија со прекинување на дистрибутивните синџири, повлекување на западните компании од Русија и притисок врз рускиот финансиски систем, но нивниот план не успеа. Руската влада работеше професионално, граѓаните се однесуваа правилно. Чекор по чекор носиме повеќе стабилност на нашиот пазар, банкарскиот систем и имаме многу повеќе ликвидност со цел да ја развиеме стабилноста на компаниите и да отвориме многу повеќе работни места“, рече рускиот лидер.

Тој рече дека Русија, како и секогаш, ќе се извлече од секој проблем.

„Мислеа дека рубљата ќе ослабне. Сепак, ние се погриживме да биде поинаку. Сакам да кажам дека мора да бидеме искрени, отворени, независни и да веруваме во нашата сила. Ние сме силни луѓе и можеме, како и нашите предци, да се соочиме со сите проблеми.“

После тоа рече дека санкциите се меч со две острици и дека Европа веќе го чувствува тоа.

„Овие санкции, како што знаете, се покажаа дека одат во две насоки. Тие прават иста штета на оние кои ги воведуваат овие санкции. Зголемувањето на цените на енергијата, храната и сè друго, стандардот паѓа како и конкурентноста на компаниите. Ова е реалноста која е надвор од здравиот разум. Инфлацијата во одредени делови на ЕУ е повисока од 20 отсто, а тие немаат покренато никаква специјална операција“, изјави шефот на Руската Федерација.