Премиерот Христијан Мицкоски бара судскиот совет да го разгледа работењето на судијата Ељведин Ферати, кој вчера му досуди казна од две години затвор на возачот Менсур Пајазити, кој смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристевска на пешачки премин во Тетово.
Судот во Тетово вчера му досуди 2 години затвор на сторителот што одзеде недолжен човечки живот, 22 годишната Теодора Ристевска. Повторувам, судот во Тетово му досуди 2 години затвор на сторителот што смртно ја прегази 22 годишната Теодора Ристевска. Јавно да прашам, има ли некој во државава што смета дека тука имаме задоволена правда? Јас не само што не сметам дека правдата е задоволена, туку како претседател на владата и родител на две деца сум силно разочаран. Ова не е правда и тука имаме потфрлање на системот по повеќе основи. Знам дека некој ќе ми се налути. Ќе излезат и такви полноглавци кои ќе ме критикуваат после ова што ќе го кажам. Но јавно барам од Судскиот совет повторно да се разгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се анализира оваа пресуда. Ова не е партиска борба туку битка за вистината, одговорноста и правдата. Зашто ова е борба на луѓе и нелуѓе. Луѓето мора да победат, рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека вчера јавноста повторно се згрози за случајот во Тетово, но и дека на пресудата од 2 години затвор ѝ претходела подолга процедура.
Вчера јавноста најново се згрози за случајот во Тетово. Во сообраќајна несреќа во август 2022 година на првото судење во ноември 2023 година по признавање на вина сторителот кој одзеде млад живот беше осуден на 3 години и 6 месеци затвор. По жалба, Апелациониот суд ја намали казната, повторувам, ја намали на 2 години затвор. Па потоа Врховниот суд ги укина двете пресуди на основниот и на апелациониот суд и предметот го врати на повторно судење, посочи Мицкоски.
Мицкоски зборуваше за овој предмет во контекст на корупцијата нагласувајќи дека таа упорно ја разјадува довербата кај граѓаните и институциите.
Судски постапки што траат со години, обвиненија што никако не завршуваат со пресуда, истраги што се отвораат само кога ќе станат медиумска сензација. Сето тоа создаде чувство кај граѓаните дека правдата е селективна а корупцијата прифатена. Токму тоа е најголемата штета, не само изгубените пари туку изгубената верба. Корупцијата ја убива надежта, ги тера младите да си заминат, ги обесхрабрува чесните, го подрива општеството. Сакам да подвлечам дека корупцијата е најголема пречка за растот, развојот и иднината на една држава. Не смееме да делуваме отсутно и да не зборуваме за случаите кои силно удираат по правдата, смета премиерот.
Тој додаде дека ако овој систем не се ресетира сега тогаш бадијала ќе биде се бидејќи се работи за прашање на иднината. Мицкоски посочи дека лично ќе го следи предметот за младата Теодора и вети дека правдата ќе се истера до крај.
-Ова нема да биде уште еден случај што ќе се затвори без одговорност. Лично ќе го следам и јас ви ветувам дека правдата ќе ја истераме до крај. Ова е моментот кога мора да покажеме дека законите важат за сите, зашто можна следна жртва е секој еден од нас, додаде премиерот.