Казна по 100 евра за учество на протестот поради францускиот предлог за бугаризација на Македонија!

Во Струмичко по 100 евра казна за учесници на вчерашните блокади, во време кога цените растат и секој денар ни е важен за преживување, реагираат граѓани на социјалните мрежи, пренесува Денешен.мк.

Во врска со ефикасноста на администрацијата на премиерот Димитар Ковачевски и МВР на Оливер Спасовски, во целост го објавуваме прилогот од еден од учесниците на протестот од Струмичко, што го објавува на Фејсбук:

ЕФЕКТИВНА, ЕКСПЕДИТИВНА И ЕКСПРЕСНА АДМИНИСТРАЦИЈА

Е ова е за пофалба!

Денес, околу 10 часот, во дворот, ме посетија неколку службеници на МВР – Струмица (полицајци во униформа, со паркирано возило на патот пред влезот на дворот, како да сум криминалец!), со цел да ми врачат казнени „честитки“. За волја на вистината, беа коректни, па на моето прашање зошто се тука, учтиво ми објаснија дека мојот автомобил незаконски бил паркиран на вчерашната протест-блокада на магистралниот пат Струмица – Радовиш (кај Василево), и поради тоа треба да платам казна во висина од 50 евра. И плус казна за моето лично присуство на блокадата, исто околу 50 евра. И, се разбира, дека ако платам во рок од 8 дена или веднаш, казната ќе биде на половина. Иако тоа, принципно, немаше да ја промени мојата одлука да бидам таму, никој од стотината полицајци што беа таму, не кажа дека тоа што се случува е противзаконски и дека за тоа следуваат казни.