До крајот на овој месец сите градоначалници треба да обезбедат записници за безбедноста за училиштата, градинките, спортските сали и за сите културни установи под нивна надлежност и тие да ги споделиме со Владата, на заеднички координативен состанок и со јавноста, информира вечерва градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) Орце Ѓорѓиевски.
Во однос на контролите во објектите што стартуваа по трагедијата во Кочани, во делот на безбедноста, дали поседуваат хидрантска мрежа, Ѓорѓиевски рече дека дел од општините веќе постапуваат.
– Сите оние кои се утврди дека имаат неисправна мрежа, но не беа огромен број на такви објекти, имаше одредени кои не исполнуваа, и заклучокот на ЗЕЛС е дека во најголем број случаи, ја земам предвид и мојата општина, со потписи е потврдено од сите стручни лица кои учествувале во процесот дека има целосна документација, противпожарните апарати и хидрантите се на број, дека сите се исправни. Вакви записници треба да обезбедат сите градоначалници до крајот на овој месец, и за училиштата, и за градинките, и за спортските сали и за сите културни установи кои ги имаат под нивна надлежност и тие да ги споделиме со Владата, на еден заеднички координативен состанок и со јавноста – образложи вечерва Ѓорѓиевски во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма.
Информира дека се утврдени одредени аномалии, кои, како што рече, не се од невидени размери, кои не можат да се адаптираат во наредните неколку дена.
– Најчесто станува збор за објекти кои се градени по едни стандарди. Како на пр. во Општина Центар градинките се градени по стандарди од СФРЈ, каде се препорачувало јаслите да бидат на вториот кат, а по новите правилници јаслите треба да се на првиот кат. Сето тоа се смета како еден од условите кои во моментов треба да ги исполни градинката. Во наредниот период ќе треба градоначалниците да ги адаптираат, односно да интервенираат во оние делови каде не се исполнуваат условите- подвлече Ѓорѓиевски.
Утврдени се, како што рече, аномалии и во домовите за стари лица и додаде дека ќе треба наредниот период да се постапува и таму, да има период на адаптација во кој ќе треба да ги исполнат условите.
Ѓорѓиевски предупреди дека постојниот систем се базира на дискрециско право на инспекторите, наместо на законски дефинирани рокови за постапување. Тој потенцира дека е потребна законска промена што ќе наложи задолжителни инспекциски контроли, особено за објектите од јавен интерес како градинки, училишта и спортски сали.
– Кај нас она што недостасува, според мене, е промени во законот во делот секој законски мора да постапува во одреден период. Тоа се однесува и на инспекциските служби. Сега е за жал оставено на добрата волја на инспекторот. Кој со кого се познава, и кој колку побрзо може да добие одредена потврда одобрение итн. Многу често се дискутира околу тоа изминатиов период, дали требало да се случи ваква ситуација за да излеземе ние во вондредни контроли, во сите објекти од јавен карактер- додаде Ѓорѓиевски.
Според него, безбедноста на јавните објекти не смее да зависи од добра волја, туку од системски дефинирани обврски.