На денешен ден пред 80 години на Гарнизонското стрелиште во Софија стрелани се Никола Јонков Вапцаров и Антон Попов, македонски интелектуалци и патриоти.
Вапцаров бил поет, есеист, новинар и револуционер и еден од основачите на Македонскиот литературен кружок во Софија (1938-1941). Роден е на 7 декември 1909 година во Банско, во Пиринска Македонија, каде го минал и детството.
Вапцаров учи гимназија во Разлог, Пиринска Македонија, но поради тешката материјална состојба го прекинува образованието и потоа завршува воено поморско- машинско училиште во Варна. Поради условите во кои живеел, Вапцаров се школувал, а подоцна и пишувал на туѓ јазик, но никогаш нема да заборави дека е Македонец.
Првата своја песна „Кон светлите идеали“ ја објавува во весникот „Борба“ во 1926 год. Наредните две години своите творби ги објавува објавува во списанието „Родина“.
Се жени со Бојка, ќерка на Македонци, доселеници од Егејска Македонија. Во 1935 година Бугарија ја зафаќа економска криза. За да преживее Вапцаров работи како физички работник во фабрика во Софија во многу тешки услови. Борејќи се со сиромаштијата, ќе доживее лична трагедија – ќе му почине синот единец Јонко. И покрај невремето во кое живеел, не престанал да пишува.
Станал член на тамошното антифашистичко движење и еден од организаторите на протестите кои ќе започнат по затворањето на фабриката во која работи. Фабриката повторно проработува, но Вапцаров е веќе трн во окото на власта и останува без работа.
Неговиот талент за пишување е неспорен. Со една негова песна победува на анонимен конкурс на списанието „Летец“. Победува и на натпревар за радио-драма, но откако организаторите дознаваат за кого се работи, неговата драма не е поставена ниту емитувана.
Во 1940 година Вапцаров ја издава својата единствена стихозбирка „Моторни песни“.
Заедно со Михаил Сматракалев и Антон Попов во октомври 1938-ма е еден од основачите на Македонскиот литературен кружок во Софија, во кој подоцна се вклучуваат и Коле Неделковски, Венко Марковски, Ѓорги Абаџиев и други.
Во реферат по повод основањето на кружокот, Вапцаров напишал:
„На нас, како Македонци што пишуваат, ни е неопходна една правична емоционална сила, што ќе ни ја раздвижи крвта, ќе ни раздвижи многу претопени чувства, многу спомени… Зашто ако последните години македонската револуционерна борба тапка во место, ми се чини дека причината е во недостигот на жива творечка сила… Се случи така што во српска и грчка Македонија (Вардарска и Егејска) – великобугарските утопии се оладуваат и јакне едно поколение инспирирано од лозунгот „Слободна и независна Македонија“.
Вапцаров натаму вели:
„Тоа е најважната етапа од македонското прашање кое навреме не го забележавме и за чие преспивање носиме одговорност… Ако тагуваме за својата Татковина, ако во нас има капка македонска крв, ако во нас останала капка благодарен патриотизам, овојпат треба да се впрегнеме, ропски да се впрегнеме, за да понесеме дел од одговорноста на едно дело и жестоко величие на една епоха… Ние треба да ја познаваме македонската историја и најмногу историјата на национално-револуционерното движење – Илинден, Гоце, Даме… Ние сме Македонци. Затоа и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза…“
Овие зборови на Вапцаров доволно кажуваат каков Македонец бил тој.
Во април 1939 година е донесен Статут на кружокот, во кој јасно се нагласува дека: „Кружокот е самостојна, независна група од македонски поети и писатели, обединети од заедничка цел да работат за создавање на македонска уметничка литература.“
Освен рефератот на Вапцаров, зачувани се и други написи, статии и реферати на членовите на кружокот, кои на своите собири ги читале своите дела и меѓусебно си давале критики за напишаните творби. Зачуван е и текстот на Антон Попов „За македонската нација“.
Ќе се формира програма за менторство за млади во рударството и енергетиката, Македонија е позитивен пример за бизнис заедницата и меѓународните партнери
На денешниот поткаст „ВМРО-ДПМНЕ зборува” – Унија на жени, насловен „Жените во енергетиката”, гостуваше министерката Сања Божиновска. Божиновска во поткастот најави четири нови закони за енергетика, обновливи извори и рударство, поддржани од ЕУ. Таа зборуваше за долгорочните планови за развој на секторот и програма за менторство на млади стручњаци, и се осврна на процесот на формирање на ново министерство.
„Формирањето на ново министерство е огромен предизвик, бидејќи почнувате од нула, што значи од простории, од вработувања, од интерни акти и прописи, од отварање на сметка за соработка со државни институции. Тоа се почетоците каде што вие почнувате од 0 и мора да се приспособите на се што значи државна администрација. Нашата систематизација ја направивме и тоа беше сериозен проект. Гледавме по пример на ЕУ државите да биде и нашата, и сега ги правиме законите. Моментално сме во процес на изработка на четири многу важни закони: првиот е Закон за енергетика, на кој работат експерти со помош од ЕУ и Енергетската заедница во Виена. Работиме и на Законот за обновливи извори, бидејќи ние сме држава со многу сончеви денови и сакаме да имаме зелена транзиција. Работиме и на Законот за минерални суровини и на Законот за геологија. Што значи дека најпрво ја правиме законската рамка, а во исто време сме во контакт со приватни инвеститори кои сакаат да инвестираат тука. Секако, сме и во контакт со МЕПСО и со ЕСМ, и правиме стратегија како ќе се одвива енергетиката во краткорочен и долгорочен период”, истакна Божиновска.
Божиновска истакна дека ќе се формира програма за менторство, каде искусни стручњаци ќе ги поддржат младите кои сакаат да се развиваат во рударството, минералните суровини и енергетиката. Оваа иницијатива ќе им помогне на студентите да се насочат кон овие области и да ги подготви за иднината.
„Контактиравме и со Рударскиот факултет во Штип, и со Електротехничкиот факултет. Исто така побарав список на оние кои сега завршуваат факултет, или кои се на магистерски студии, а се од Македонија. Планирам да организирам некое дружење и да ги повикам сите тие што се во рударството, минералните суровини и во нашите енергетски институции. Планирам и програми за менторство, и јас и останатите на клучни позиции да бидеме ментори на младите студентки кои сакаат да се насочат кон оваа област”, изјави Божиновска.
Божиновска истакна дека плановите за енергетиката се долгорочни и дека со новите закони ќе се постави основата за развој на секторот. Скопје ќе биде домаќин на светски настан со 500 енергетски професионалци, на кој ќе се одржи панел за жените во енергетиката, со цел промоција на жените лидери во оваа област.
„Ние сме ново министерство, и во енергетиката се се планира долгорочно. За да се направи некој енергетски објект, потребни се повеќе години. Со донесување на законите ќе ја поставиме основата за енергетика. Засега имаме голема поддршка од енергетската заедница во Виена и редовно комуницирам со претседателот на енергетската заедница. Добивме право да бидеме домаќини на светски настан, на кој ќе учествуваат 500 професионалци од енергетиката, и таму ќе има панел, посветен на жени лидери во енергетиката. Ние како домаќини ќе имаме можност да се промовираме и да покажеме што правиме во оваа област”, кажа Божиновска.
Божиновска нагласи дека министерството ги следи светските трендови, а вработените учествуваат на обуки и семинари во странство за размена на искуства. Македонија е позитивен пример за бизнис заедницата и меѓународните партнери.
„Ние се трудиме да ги следиме светските трендови. Се што е актуелно, ние се обидуваме да имплементираме. Имаме различни сектори во министерството, и сектор за меѓународна соработка. Во контакт сме и јас инсистирам вработените да присуствуваат на обуки и семинари во странство, бидејќи тоа е можноста да се дружиме со нашите соработници од министерствата на ниво на Европа и подоцна да ги имплементираме сите тие работи во Македонија. Македонија моментално е позитивен пример за бизнис заедницата и меѓународните партнери”, заклучи Божиновска.
Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „360 степени“ емитувано на МРТ во понеделникот, во однос на македонското членство во ЕУ и конечното формирање на политичка влада во Бугарија истакна дека македонската Влада останува на своите позиции дека членството треба да се исполни според постигнувања, не според билатерални спорови, а тој е подготвен да разговара за надминување на проблемот со бугарските власти.
„Немам проблем да иницирам средба со Бугарија, ние сме соседи и логично е да иницираме таква средба, да се запознаеме, колеги сме, соработуваме, заедно сме во НАТО. Апсолутно ќе побарам средба“, потенцираше премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски додаде дека на таа средна треба да се види дали можеме да ги надминеме разликите околу тоа како ние го гледаме патот на Македонија до полноправно членство во Европската Унија и како тие го гледаат.
„Тука е разликата генерално, затоа што ние секако за иста тема имаме различни гледишта. Ние имаме наша стратегија, суштината една, а тоа дали нас после две децении ќе ни биде дозволено да го почнеме процесот на преговори и истиот да се вреднува според постигнување, а не билатерални спорови. Да видиме дали тука можеме да се најдеме, па потоа да бараме решение за се останато“, изјави премиерот Мицкоски.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во неговото гостување во емисијата „360 степени” говорејќи околу посетата на САД по повод инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп истакна дека карактерот на средбите остварени за време на оваа посета беше на највисоко ниво досега.
„Делегацијата беше најскромна што е можно и ако ги споредите со делегации во минатото, навистина е најскромна што е можно. Квалитетот на средбите е највисок споредено со било кога. Зборам ако се земе во предвид карактерот на посетата содржината, но и луѓето со коишто имав средби и тоа се покажува и докажува не само за време на посетата, туку и периодот потоа“, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека за него лично преставува огромна чест што процесот на инаугурацијата го следеше заедно со претседателот на Републиканската партија на САД кој во хиерархијата во моментов е втор човек по влијание, веднаш после претседателот Трамп.
„За мене претставува чест што овој процес го следев заедно со претседателот на Републиканската партија, којшто патем речено, ме покани следната моја посета којашто и како државник, но и како претседател на партија ќе се случи во САД да заедно имаме состанок што за мене, би рекол за една малку бројна држава како нашата, па би рекол и географски, геостратешки ќе има можност да оствари една таква комуникација“, потенцираше Мицкоски.
Тој исто така додаде дека на реализираните средби во Вашингтон се зборуваше за продлабочување на билатералната соработка со САД, инвестирање во нашата земја, како и амбицијата да бидеме дел од европското семејство.
„Во Вашингтон ние зборувавме за значајноста на Македонија како држава во регионот, зборувавме за нашите амбиции како Влада, за нашите проекти, зборуваме за продлабочување на билатералната соработка САД, можноста за инвестирање кај нас, се разбира евроинтегративниот пат и нашата амбиција да бидеме дел од европското семејство, предизвиците со коишто сме се соочувале и со коишто се соочуваме. Така што мислам дека немаме втора шанса за прв впечаток, а најдобро е да имате прв впечаток кога една администрација го започнува својот мандат“, потенцираше Мицкоски и додаде:
„Создаваме навистина силни врски, пријателства кои што верувајте се многу значајни за иднината на државата.“
За тоа дали очекува од тимот околу американскиот претседател поддршка за евроинтегративниот пат на Македонија во ЕУ, премиерот Мицкоски одговори дека апсолутно очекува поддршка и во таа насока се сите овие средби.
„Апсолутно, токму тоа и го кажувам дека очекуваме конкретна поддршка со вистински политички потези, па да видиме. Ако не пробаме нема да знаеме. Наше е да пробаме, да одиме насекаде во светот да бараме поддршка, да создаваме пријатели, да создаваме сојузници. Тоа е нашата цел“, заклучи Мицкоски.