НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Бугарските окупатори во Софија ги стрелаа македонските поети и патриоти Никола Јонков Вапцаров и Антон Попов

На денешен ден пред 80 години на Гарнизонското стрелиште во Софија стрелани се Никола Јонков Вапцаров и Антон Попов, македонски интелектуалци и патриоти.

Вапцаров бил поет, есеист, новинар и револуционер и еден од основачите на Македонскиот литературен кружок во Софија (1938-1941). Роден е на 7 декември 1909 година во Банско, во Пиринска Македонија, каде го минал и  детството.

Вапцаров учи гимназија во Разлог, Пиринска Македонија, но поради тешката материјална состојба го прекинува образованието и потоа завршува воено поморско- машинско училиште во Варна. Поради условите во кои живеел, Вапцаров се школувал, а подоцна и пишувал на туѓ јазик, но никогаш нема да заборави дека е Македонец.

Првата своја песна „Кон светлите идеали“ ја објавува во весникот „Борба“ во 1926 год. Наредните две години своите творби ги објавува објавува во списанието „Родина“.

Се жени со Бојка, ќерка на Македонци, доселеници од Егејска Македонија. Во 1935 година Бугарија ја зафаќа економска криза. За да преживее Вапцаров работи како физички работник во фабрика во Софија во многу тешки услови. Борејќи се со сиромаштијата, ќе доживее лична трагедија – ќе му почине синот единец Јонко. И покрај невремето во кое живеел, не престанал да пишува.

Станал член на тамошното антифашистичко движење и еден од организаторите на протестите кои ќе започнат по затворањето на фабриката во која работи. Фабриката повторно проработува, но Вапцаров е веќе трн во окото на власта и останува без работа.

Неговиот талент за пишување е неспорен. Со една негова песна победува на анонимен конкурс на списанието „Летец“. Победува и на натпревар за радио-драма, но откако организаторите дознаваат за кого се работи, неговата драма не е поставена ниту емитувана.

Во 1940 година Вапцаров ја издава својата единствена стихозбирка „Моторни песни“.

Заедно со Михаил Сматракалев и Антон Попов во октомври 1938-ма е еден од основачите на Македонскиот литературен кружок во Софија, во кој подоцна се вклучуваат и Коле Неделковски, Венко Марковски, Ѓорги Абаџиев и други.

Во реферат по повод основањето на кружокот, Вапцаров напишал:

„На нас, како Македонци што пишуваат, ни е неопходна една правична емоционална сила, што ќе ни ја раздвижи крвта, ќе ни раздвижи многу претопени чувства, многу спомени… Зашто ако последните години македонската револуционерна борба тапка во место, ми се чини дека причината е во недостигот на жива творечка сила… Се случи така што во српска и грчка Македонија (Вардарска и Егејска) – великобугарските утопии се оладуваат и јакне едно поколение инспирирано од лозунгот „Слободна и независна Македонија“.

Вапцаров натаму вели:

„Тоа е најважната етапа од македонското прашање кое навреме не го забележавме и за чие преспивање носиме одговорност… Ако тагуваме за својата Татковина, ако во нас има капка македонска крв, ако во нас останала капка благодарен патриотизам, овојпат треба да се впрегнеме, ропски да се впрегнеме, за да понесеме дел од одговорноста на едно дело и жестоко величие на една епоха… Ние треба да ја познаваме македонската историја и најмногу историјата на национално-револуционерното движење – Илинден, Гоце, Даме… Ние сме Македонци. Затоа и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза…“

Овие зборови на Вапцаров доволно кажуваат каков Македонец бил тој.

Во април 1939 година е донесен Статут на кружокот, во кој јасно се нагласува дека: „Кружокот е самостојна, независна група од македонски поети и писатели, обединети од заедничка цел да работат за создавање на македонска уметничка литература.“

Освен рефератот на Вапцаров, зачувани се и други написи, статии и реферати на членовите на кружокот, кои на своите собири ги читале своите дела и меѓусебно си давале критики за напишаните творби. Зачуван е и текстот на Антон Попов „За македонската нација“.