Народниот правобранител ќе гради зграда со шест ката во Маврово

Откако во неколку наврати не добивале никаков одговор од надлежните во Општина Маврово Ростуше, претставници на Месната заедница Маврово се обратиле и до Народниот правобранител и добија некаков одговор. Се работи за планирана нова зграда, шестокатница, пред училиштето во селото. Мештаните добија само ветување дека инвеститорот ќе мора да направи одредени корекции. Мештаните се незадоволни.  

Во одговорот од Народниот правобранител до МЗ Маврово се вели дека од Одделението за урбанизам при Општина Маврово Ростуше биле известени за околностите за овој случај. На 1 јули добиено е известување во кое се вели дека „постапката за донесување нова планска документација е запрена, а инвеститорот е задолжен да направи одредени корекции. Инвеститорот треба да постапи согласно Законот за урбанистичко планирање. Укажано му е на недостатоците и забелешките кои треба да ги отстрани“, се вели во одговорот на правобранителот.  

Ова значи дека Архитектонско урбанистичкиот план (АУП) се враќа на корекција кај истата комисија која и го донесе првичниот план. Мештаните се незадоволни и од односот на градоначалникот Медат Куртовски кој долго време не одговарал на писмото на МЗ Маврово, а сега бара поддршка на локалните избори во општината закажани за 20 август.

Лани во невообичаено експресна постапка, градоначалникот Куртовски ја потпиша документацијата за изградба на уште една повеќекатница во село Маврово, на самиот пат во близина на училиштето. Месната заедница Маврово уште лани на 8 март реагираше на ова, се работи за нелегална постапка, велат тие, и на градоначалникот тогаш му дадоа рок од седум дена да ја поништи планската документација.