Македонија се запиша во книгата на рекорди по спелеологија

Дарко Неданоски од Прилеп ја запиша Македонија во книгата на рекорди и го постави новиот државен рекорд во слегување во некоја пропаст. Неданоски како дел од меѓународната експедиција, која се одвиваше на Канин планина, која што се наоѓа на границата помеѓу Словенија и Италија ја истражуваше пропаста „Скраљево брезло“ и се спушти да длабочина од – 1.200 метри.

„Огромна чест и задоволство ми претставува да ви соопштам дека Македонија офиициијално за прв пат во историјата на македонската спелеологија се наоѓа во книигата на рекорди. После 6 денови поминати во мрак, влага, ниски температури и екстремно тешки услови за работа ја завршивме една од попредизвикувачките, ако не и најпредизвикувачката експедиција од сите во моето досегашно искуство во подземниот свет со која успеав да поставам и нов државен рекорд како единствен Македонец, спелеолог, кој се спушти на – 1.200 метри под земја“, вели Дарко Неданоски, претседател на Спелеолошката федерација на Македонија.

Пропаста „Скраљево брезло“ досега е истражена до 1.200 метри, а се претпоставува дека е длабока 1.900 метри и целта на оваа мисија беше да се пробијат тие преостанати 700 метри. Во оваа експедиција се потврдило дека каналите продолжуваат и под 1.200 метри, дел од нив се отвориле, што се уште ја држи отворена тезата дека ова е потенцијално најдлабоката пропаст во Европа. Неданоски опишува колку било тешко истражувањето внатре во екстремно тешки услови 6 дена без воопшто да излегуваат на површината.

„Мрак, ниски температури, кога мислам ниски, мислам на температура која што е континуирано од 1,5 до 2,5 целзиусови степени, облеката ни е константно мокра, храната ладна, но сепак ја загреваме. Спијаме, но условите за спиење се тешки, бидејќи времето не ни е ориентација, спиеме тогаш кога се чувствуваме премногу заморени и тоа само по неколку часови. Но сепак енергијата беше на високо ниво, и сите имаме иста цел да се истражуваме и да се спуштиме што е можно подлабоко“, додаде Неданоски.

Неданоски се надева дека повторно ќе има прилика да оди на експедиција „Скраљево брезло“ и да се се спушти на длабочина од 1.900 метри.