Connect with us

Инфо +

Денеска се празнува Преподобен Јован Рилски

Овој голем подвижник и светилник на Православната Црква се роди близу Софија во местото Скрина, во времето на царот Борис. Се роди од бедни, но благочестиви родители.

По смртта на родителите се замонаши и се оддалечи во една дива гора и таму во една пештера почна да се подвизува. Овде претрпе многу напади од демоните и од луѓето, од разбојници и од своите роднини. Потоа се пресели на Рилската Планина и се насели во едно шупливо дрво. Се хранеше само со трева и со грав, што по Божја Промисла почна да расте во близината.

Долги години тој не виде човечко лице, додека, повторно по Божја Промисла, не го открија овчари кои трагаа по своите изгубени овци. Така светителот се прочу меѓу луѓето и тие почнаа да му доаѓаат барајќи помош во болестите и во маките. Го посетуваше и самиот цар бугарски Петар и бараше совети од него. Мнозина ревнители во духовниот живот се населија близу Јован и таму наскоро подигнаа храм и манастир. Свети Јован се упокои во Господ мирно на 18 август 946 година, во седумдесеттата година од животот.

По смртта им се јави на своите ученици. Неговите мошти беа пренесени најнапред во Софија, па во Унгарија, потоа во Трново и најпосле во Рилскиот манастир, каде што и денес почиваат. Рилскиот манастир со векови беше светилник и место на чудотворна сила и духовна утеха за христијанскиот народ во Бугарија, особено во тешките времиња на турското ропство.

Балкан

Тајмс: Почина важен сведок во случајот за наводниот „Сараево сафари“

Клучен сведок во истрагата за наводните платени снајперски напади врз цивили за време на опсадата на Сараево ненадејно починал, објави британскиот весник „Тајмс“, а информацијата ја пренесоа и регионални медиуми.

Станува збор за Славко Алексиќ, поранешен водач на српска паравоена формација и самопрогласен четнички војвода, кој починал во Требиње на 69-годишна возраст. Според достапните информации, тој претходно немал сериозни здравствени проблеми. Неговата смрт се случува во чувствителен момент, откако во Италија беше отворена нова истрага за т.н. „Сараево сафари“ – наводи дека за време на војната во 1990-тите богати странци плаќале за да пукаат врз цивили во опколеното Сараево.

Според пишувањето на весникот, Алексиќ за време на опсадата ја контролирал зоната околу Еврејските гробишта над Сараево, една од најпознатите снајперски позиции од кои градот бил систематски гранатиран. Српскиот адвокат Чедомир Стојковиќ изјавил дека Алексиќ бил исклучително значаен сведок, бидејќи можел да открие кој ги извршувал нападите и кој стоел зад организирањето на целата мрежа.

Смртта на Алексиќ следи кратко по отворањето на истрага во Милано, насочена кон можни воени злосторства поврзани со т.н. „човечки сафари“. Овие наводи беа обработени и во документарниот филм „Sarajevo Safari“ од 2022 година, во кој се тврди дека странски „туристи“ од Русија, Канада и САД доаѓале на околните ридови и пукаале врз цивили, со посебни тарифи за гаѓање деца.

Адвокатот Стојковиќ изрази сомневање дека смртта на Алексиќ може да биде поврзана со тековната истрага, нагласувајќи дека тоа се негови лични проценки. Тој изјави дека, според него, постои разумна основа за сомнеж во можна вмешаност на српските безбедносни структури.

Кон крајот на ноември, Алексиќ дал интервју за српска телевизија во кое тврдел дека српскиот претседател Александар Вучиќ немал никаква поврзаност со снајперските дејства за време на опсадата на Сараево, демантирајќи ги претходните јавни обвинувања.

Истрагата во Италија е покрената по кривична пријава поднесена од италијански новинар и писател, кој тврди дека посетителите плаќале од 70.000 до 88.000 фунти за пристап до снајперски позиции за време на војната. Преживеаните од Сараево изразуваат надеж дека истрагата ќе доведе до целосно расветлување на една од најмрачните епизоди од војната во Босна и Херцеговина и до најстроги казни доколку наводите се потврдат.

Continue Reading

Балкан

Уште една земја го призна Косово

Бахамите официјално ја признаа Република Косово како независна и суверена држава и воспоставија дипломатски односи меѓу двете земји. Информацијата ја соопшти претседателката на Косово, Вјоса Османи, по потпишувањето на заедничкиот документ со премиерот на Бахамите, Филип Брејв Дејвис, во главниот град Насау.

Во заедничката изјава објавена по потпишувањето се наведува дека дипломатските односи стапуваат во сила веднаш, во согласност со меѓународното право и Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година.

Двете земји ја потврдија својата посветеност на принципите на Повелбата на Обединетите нации, вклучувајќи го почитувањето на суверенитетот, еднаквоста на државите и мирното решавање на споровите. Во документот се нагласува и намерата односите да се развиваат врз основа на меѓусебно почитување, реципроцитет и конструктивен ангажман.

Косово и Бахамите најавија продлабочување на соработката во повеќе области од заеднички интерес, меѓу кои политички консултации, трговија и инвестиции, туризам, образование и култура, технологија и иновации, како и соработка во јавниот сектор и размена меѓу граѓаните.

Во соопштението за медиумите се посочува дека двете страни очекуваат да изградат топло и продуктивно партнерство, кое ќе придонесе за интересите на двата народа, како и за меѓународниот мир и соработка.

Со признавањето од страна на Бахамите, Косово добива уште една поддршка на меѓународната сцена. Во текот на оваа година, неговата независност ја признаа и Сирија, Судан и Кенија. Вкупниот број на држави што ја признале независноста на Косово останува предмет на различни толкувања, при што косовските власти наведуваат 121 земја, додека српските претставници тврдат дека бројката е значително пониска.

Continue Reading

Свет

Бивш премиер и сопругата осудени на по 17 години затвор за корупција

Бившиот премиер на Пакистан, Имран Кан, и неговата сопруга Бушра Биби се осудени на по 17 години затвор поради корупција и злоупотреба на службената положба, соопшти пакистански суд, јавува Reuters.

Според пресудата, Кан и Биби се прогласени за виновни за незаконско купување луксузни подароци наменети за државата по значително намалени цени. Судот им изрече по 10 години затвор за нарушување на довербата и дополнителни седум години согласно антикорупциските закони, како и парични казни од по 16,4 милиони пакистански рупии, што изнесува околу 50.000 евра по лице.

Ова е последна во серијата судски постапки против Кан, кој е во притвор од август 2023 година и се соочува со повеќе обвиненија по неговото разрешување од премиерската функција во 2022 година, вклучително и за мито и злоупотреба на државни тајни.

Адвокатот на семејството Кан, Рана Мудасар Умер, изјави дека судот ја донел пресудата без да ѝ овозможи на одбраната целосно сослушување, нагласувајќи дека процесот бил неправеден. Кан ги негира сите обвиненија, а неговата партија тврди дека случаите против него се политички мотивирани.

Случајот се однесува на луксузни часовници и други вредни предмети што Кан ги добил како државни подароци за време на официјални посети, меѓу кои и од саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман. Според обвинителството, подароците подоцна биле откупени од државата по значително пониска цена, што е спротивно на пакистанските правила за управување со државен имот.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг