Од денеска капење и перење по потреба – Стапува на сила кризната состојба со електрична енергија

Одлуките на Владата за кризната состојба во снабдувањето со електрична енергија низ државата и топлинска енергија во Скопје денеска стапија на сила и ќе важат 30 дена.

Тие две одлуки владата на Димитар Ковачевски ги донесе на 25 август, како што беше објаснето, поради недостигот на струја и состојбата на пазарот на електрична енергија и немањето топлинска енергија, можноста за користење алтернативно гориво.

Тие се усвоени на предлог на Управниот комитет за координација во системот за управување со кризи на Македонија.

Претходно, во ноември минатата година, во земјава беше прогласена кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија, за да може државата да интервенира од буџетот за да се зголеми ликвидноста на енергетските компании за производство и пренос на електрична енергија, ЕМС и МЕПСО, како и за увоз на електрична енергија во случај на евентуални дефекти во електраните.

Тогаш, на 9 ноември 2021 година, владата на Зоран Заев прогласи криза во снабдувањето со електрична енергија за 30 дена, по што истата беше продолжена до 9 јуни 2022 година, поради „недостигот на струја и состојбата на пазарот на електрична енергија“.