Нема рецепти, нема упати – Од понеделник штрајк на матичните лекари

Нема да има издавање на упати и пропишување на рецепти на 5, 6 и на 7 септември, најавија матичните лекари кои со протест на работните места планираат да искажат револт, поради повеќемесечно неисполнување на нивните барања. Ова претставува одлука на Управниот одбор на Здружението на приватни лекари.

Незадоволните лекари уште во февруари побараа зголемување на капитациониот бод и на пациенти на ПЗУ. Тие очекуваат примарното здравство да биде прва точка на владина седница и да се изнајдат конкретни решенија, со што им оставија неколку дена на здравствените власти за повторно да ги разгледаат нивните барања 

Министерот за здравство Беким Сали вчера изјави дека не го поддржува најавениот штрајк на матичните лекари од 5 до 7 септември, бидејќи, според него не може преку пациенти да се бојкотира работа и да се даваат повици за масовно земање упати и терапии. 

Денеска преку соопштение известија и членовите на Здружението на лекари по семејна медицина дека не го подржуваат и нема да учествуваат на најавениот штрајк на матични лекари поради несогласување со дел од барањата кои биле наведени како причини за штрајкот.