Денеска е Отсекување на главата на Св. Јован Крстител, строг пост за православните верници

Православните христијани денеска го одбележеуваат празникот Отсекување на главата на Свети Јован Крстител.

Празникот посветен на погубувањето на св. Јован Крстител што секоја година се празнува на 11 септември (н.с.) во народниот говор се среќава под различни имиња: Св. Јован Сечиглав, Св. Јован Отсечен, Св. Јован Опсечен итн. Поради значењето на овој светец црквата овој ден го прогласила за строг пост.

Последниот старозаветен пророк свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исус Христос во реката Јордан. Тој е наречен и Претеча што значи претходник, зашто со своето учење навистина му претходел на Исус, одел пред него, го повикувал народот на покајание и го најавувал доаѓањето на Спасителот. „Јас ве крштевам со вода, а тој што ќе дојде по мене ќе ве крсти со Дух Свети“, говорел свети Јован додека го покрстувал народот. Многумина Јудејци доаѓале кај него за да бидат крстени, а многумина го почитувале како вистинскиот Спасител.

Обичаи

На празникот Отсекување на главата, треба да се пости, и никогаш да не се јаде и да се пие нешто црвено, бидејќи тоа потсетува на пролеаната крв на Свети Јован Крстител. Исто така, не треба да се работи тешка работа.

На овој ден, треба да барате лековити растенија во природата, бидејќи ова е добар ден за берење.

За таинствената порака која ја црпиме од личноста на св. Јован Крстител

Црквата во личноста на св. Јован Крстител ги гледа сите небесни доблести, сите доблести на сите Пророци, на сите Апостоли, сите Ангели небесни, сите Маченици, сите Исповедници. Зашто Претечата најпрв од сите беше испратен од Бога да Го објави доаѓањето на Спасителот во светот. Прв Го виде Светиот Дух како од небото слегува на Христа, при Неговото Крштение; тој е првиот Евангелист кој ја објави благата вест за приближувањето на Царството Небесно; првиот проповедник кој на душите во адот им го проповедаше триумфалното Христово слегување во адските простори. Вистински земен ангел и небесен човек, за кого Самиот Господ рекол дека тој не е само пророк, туку и повеќе од пророк, ангел кој е испратен пред Него за да Му го подготви патот. Прв маченик и пример за сите идни маченици кој, како што се вели во тропарот, радосно пострада за вистината, знаејќи дека смртта е само капија што води кон вечноста. Првиот исповедник Божји, кој бестрашно го гледаше Ирод во очи, кажувајќи му дека заради гревот сите закони на небото и земјата се против него.

И ете, секогаш актуелната личност и проповед на најголемиот меѓу родените од жена продира длабоко во битието на секој човек и повикува на еден возвишен подвиг и мисија. Св. Јован, со својот громогласен повик оддекнува во пустината на современото привидно радосно живеење, повикувајќи го сиот човечки род, т.е сите нас, кон покајание, кон отворање на срцата за Бога, кон поголема близина со Него и со сите што нѐ опкружуваат. Секој е повикан на таква пророчка, маченичка, апостолска и ангелска служба. Така, современиот христијанин е човек како и сите други, но тој истовремено е и апостол кој Го прославува Бога на секое место, во секоја прилика и според своите дарови и можности. Апостолската дејност станува и негова дејност, која тој доброволно ја присвојува, зашто не може, а да не зборува за радоста која ја живее. Таа радост што го потресува неговото битие го поттикнува да излезе од себе самиот во служба на другите, во служба на вистината, и налик на св. Јован и на сите апостоли, да го освојува светот со добрата и радосна вест за Царството Божјо, за воскреснатиот Христос. Некои излегуваат на јавни места и отворено ја проповедаат Божествената спасителна наука, некои, пак, проповедаат со своето молчење кое зборува, некои предизвикуваат и потрес во современиот дух според кој се живее денес. Едните, сведочејќи ја вистината, ги приклонуваат главите под непријателскиот меч, другите, пак, се овенчуваат со мачеништво однатре, невидливо… Но, секогаш и во секој миг, христијанинот знае дека е повикан да живее ангелски живот: неговиот поглед, збор и делата негови се сведоци на Царството Божјо, кое веќе блеска во него. Тој ги пренесува на небото тежините, слабостите и гревовите човечки, а на земјата ја симнува насмевката на Отецот Небесен. И знае, дека не е доволно само да се проповеда за Христа, туку и да се работи на Неговата нива, од која како плод достоен за покајание ќе израсне љубовта кон Бога и пожртвуваноста за ближните.