Во ниту едно училиште нема сексуално образование. Пробно се предаваше лани во две училишта и покажа дека уште е табу, но има и голема заинтересираност. Бројот на малолетнички породувања во Македонија е три пати поголем отколку во замјите на ЕУ.
Воведувањето на сексуалното образование како изборен предмет во училиштата беше најавено како дел од новата концепција во образованието.
Минатата година во дел од училиштата низ земјава се воведе како пробен проект.
Меѓу нив беа основното училиште „Јан Амос Коменски“ од Скопје и основното училиште „Братство Миѓени“ во Тетово, каде учениците во деветто одделение го изучуваа предметот како изборен во првото полугодие.
Какво е искуството на училиштата ?
Иако наставниците се согласни дека изучувањето на предметот како изборен треба да продолжи, сепак искуствата се различни.
Стравот и сомнеж за начинот како ќе се изведува и што ќе вклучува наставата се уште се проблем со кој се соочуваатучилиштата.
Директорот на ОУ „Братство Миѓени“ во Тетово вели дека најавата дека ќе се изучува сексуално образование во неговото училиште прво била прифатена со одбивност кај голем дел од родителите.
„На улица дури ме стопираа родители кои ми велеа како смеете да дозволите такво нешто, но без да ја знаат содржината на темите кои се изучуваа. Овие работи се уште се табу кај нас“, вели директорот Риза
Бидејќи ова е се уште табу тема во општеството, заинтересираноста од страна на родителите и учениците не беше на задоволително ниво, вели наставничката Катерина Цветкоска, која што е една од наставниците кои го предавале овој предмет.
„Од севкупниот број на ученици кои требаше да бидат вклучени, учествуваа околу 10 %“, објаснува наставничката.
Директорот на тетовското училиште сепак потенцира дека потребна е поголема информираност околу тоа што всушност значи изучувањето на предметот.
„Морам да кажам дека темите беа многу корисни, како заштита од несакана бременост, насилство врз жените, сексуално преносливи болести… Информации кои наместо да ги добиваат на социјалните мрежи и Интернет, подобро е да ги добијат во училиштата од соодветни едукатори“ , објаснува директорот Етеми.
Искуството во ОУ „Јан Амос Коменски“ пак е поразлично. Директорката Маја Старова вели дека кај нив биле формирани дури две паралелки.
Имало заинтересираност и кај учениците и кај родителите.
„Ние дури имавме реакции од родителите зошто да не се продолжи и да стане дел од новата концепција и да биде можност за учениците да се избира како изборен предемет“, вели директорката Старова.
Наставната програма била подготвена заедно со експерти и со Бирото за развој на образованието, а биле формирани две паралелки.
Извор: Радио Слободна Европа