Што министерство за образование беше, една веб-страница не може да оправат

Веб-страницата на Министерството за образование и наука сѐ уште не е во функција откако на 9 септември беше хакирана. Во изминатите две недели таа е целосно исклучена и до неа сеуште граѓаните немаат пристап.

Беше соопштено дека страницата (www.mon.gov.mk) била нападната од грчки хакерски тим „Netwatchers”. МОН тогаш соопшти дека е во комуникација со Националниот ЦИРТ-центар за компјутерски инциденти при Агенцијата за електронски комуникации, каде што е пријавен случајот и од каде очекуваат, со поддршка на МВР, да се преземат конкретни активности за пронаоѓање на локацијата и изворот на нападите.

-Во меѓувреме, ИТ-службата на МОН со поддршка од надворешни соработници презема дејствија за зајакнување на безбедноста на веб-страницата, по што повторно ќе биде активирана, соопшти МОН на 10 септември.

Министерството тогаш укажа и дека нема потреба од грижи за наводно преземање бази на податоци на граѓаните, затоа што на веб-èстраницата, како што беше соопштено – „не постојат такви позадински бази и таа има информативен карактер”.

Во меѓувреме, информации за активности на Министерството може да се следат на неговата фејсбук-страницата.