Последниот бран на поскапувања на прехранбените производи донесе голем револт кај граѓаните. Врие на социјалните мрежи, се објавуваат сметки од маркети, производи на рафтови кои до вчера имале далеку пониска цена од денешната. Прва и главна тема на граѓаните по парковите, и улиците каде се сретнуваат им е токму секојдневниот раст на цените на храната. Ваквиот тренд е неодржлив пред се за ранливите категории, но од ден на ден се потешко и за сите останати категории на граѓани. Инспекциите се на терен и редовно вршат контрола низ маркетите. Споредбата со цените од пред само неколку месеци е зачудувачка. Доколку не се стави крај на ваквите состојби, претстојнава зима ќе биде драматична.
За активистите и синдикалците нејасно како во Македонија има поголемо зголемување на цените на храната во споредба со земјите од регионот, но и од многу поразвиени европски држави каде стандардот за живеење е многу повисок од македонскиот. Кристина Ампева од здружението „Гласен текстилец“ за Денар вели дека тоа што може сите да го видиме на социјалните мрежи но и како граѓани да го почувствуваме по џебот кога пазаруваме, а ценовните шокови се секојдневни и според неа ситуацијата е без никаква контрола или заштита на населението од злоупотреби на трговците.
„Конкретно кај мене како активист е предност што сум постојано на патување во земјите од регионот и имам контакти со добар дел од работници кои заминале од државава и сме останале во контакт. Па така можам кога одам надвор од Македонија да видам и чујам од моите колеги синдикалци и активисти што се случува во Србија, Албанија, Косово, но и во земјите на Европска Унија, како се справуваат земјите со покачувањата на енергенси, продукти, но и им олеснат на граѓаните да ги поднесат овие ценовни шокови. Секаде е исто, има покачувања на струја, на храна, на горива, се најавува за криза со струја, гас, но можеме да видиме и да чуеме дека другите држави носат мерки, внимаваат на импламентацијата на истите, планирањето им започна многу поодамна и веќе знаат во кој месец што треба да прават“, вели Кристина Ампева.
Ампева стравува од негативните влијанија во стопанството кои може да се прелеат врз работниците. Поскапувањето е како ланец кој го чуствуваат и фирмите, нивните трошоци за струја, транспорт, набавка на суровини веќе одамна се драстично зголемени. Но Ампева апелира државата да ги заостри контролите, и да ги лови профитерите кои на нефер начин ја користат оваа криза.
„Нема никаква контрола, нема никакви сериозни мерки, нема никаква грижа за граѓаните ниту за економијата. Освен што постојано слушаме дека граѓаните се жалат и се незадоволни, последно време и компаниите (малите, микро и средни фирми) велат дека дневната политика ни се сведува на дебати ВМРО-СДСМ-ДУИ а никој не мисли дека наскоро фирмите нема да можат да плаќаат толкави цени за струја и илјадници работници ќе завршат на улица. Ќе биде далеку полошо од 2020 година кога корона вирусот само во текстилниот сектор отпушти 7000 луѓе. Ќе биде далеку полошо поради тоа што нема никаква реална грижа како ова ќе влијае на економијата, на невработеноста, на новите луѓе кои ќе завршат на центрите за социјална грижа, а тие поупорните ќе се иселат од тука“, вели за Денар Кристина Ампева од „Гласен текстилец.“
Информациите кои Денар ги доби од Државниот пазарен инспекторат се дека во последниве неколку дена граѓани се жалеле во оваа институција од како забележале неусогласени цени на дел од производи во маркетите кои се наоѓале на рафтовите и по купувањето на фискалната сметка. Инспекторите тврдат дека веднаш реагираат, но кога ќе дојдат на лице место, трговците веќе ја корегирале цената.
„Имаме зачестени поплаки од граѓани кои пријавуваат маркети кои повлекуваат производи и следниот ден ги продаваат по нова повисока цена. Конкретно, најмногу случаи од ваков тип во последниве денови има за млекото. Инспекторите се секојдневно на терен и се работи на овие пријави. Освен за прехранбени производи голем број на пријави од граѓани има и за трговци кои продаваат пелети и дрва“, велат од ДПИ
Најголем раст на цените на храната се забележува кај лебот, млекото, маслото за јадење, млечните производи, сувомеснатите производи, кондиторските производи, но по повисока цена се продава и овошјето и зеленчукот.