Ковачевски: Се вратив во Македонија оти си реков ако сите заминеме, кој ќе ја изгради земјата за да стане подобра

Премиерот Димитар Ковачевски вечерва одржа предавање на Колумбија Универзитетот во САД. Тој во своето обраќање до медиумите информира дека земјава спровела успешна политика за привлекување странски инвестиции и дека во моментов има повеќе од 60.000 работни позиции од вкупно 600.000 кои се создадени од странски компании.

-Поради пониското ниво на плати во државата, многу софтветски компании доаѓаат во Македонија. Најсреќен сум што овој јуни кога ги видов бројките на запишани студенти на факултетите за програмирање и електронски комуникации. Тоа дава можност да привлечете нови компании кои ќе дојдат во земјата, рече Ковачевски.

На едно од прашањата на присутните студенти во однос на одливот на мозоци од Северна Македонија, премиерот вели имал такво искуство кога завршил средно училиште во САД.

-Тогаш отидов со југословенски пасош, немаше македонски пасош и ги имав сите можности да останам во САД, затоа што земјата ми беше во војна и имав можности да останам. Не знам зошто одлучив да се вратам дома. Веројатно затоа што си реков ако сите заминеме, тогаш кој ќе ја изгради оваа земја за да стане подобра. Вложив лични напори за да имплементирам. Секогаш има личен поттик. Државата мора да обезбеди владеење на право и еднакви можности за сите, одговори меѓу другото Ковачевски.