44-годишниот К.К. започнал насилство кое траело цели два часа, напаѓајќи ги родителите, соседите и случајните минувачи. Во немилите настани, еден сосед завршил со повреди на главата, додека друг, од стресот, доживеал срцев удар.
Жителите на скопската населба Ченто се вознемирени по немилиот настан кој се случил на 22 јануари годинава, кога 44-годишниот К.К. започнал насилство кое траело цели два часа, напаѓајќи ги родителите, соседите и сите што ќе ги сретнел на улица.
Како резултат на неговото дивеење, еден сосед завршил со повреди на главата, додека друг, поради големиот стрес и страв, доживеал срцев удар, сведочат граѓани кои биле сведоци на двочасовното насилство.
Инцидентот започнал рано наутро, околу 8 часот, кога К.К. прво ги нападнал своите родители во нивниот дом. Потоа, продолжил со дивеење низ зградата каде што живее, влегувајќи во домовите на двајца соседи и напаѓајќи други жители.
„Додека напаѓачот дивеел низ зградата и надвор од неа, биле нападнати околу 15 лица, од кои 10 поднеле пријави до полицијата. Еден од жителите бил удрен со шише по главата, додека друг доживеал срцев удар од силниот стрес“, раскажува скопјанка чие живеалиште се наоѓа во близина на местото каде што се случувало насилството.
Таа вели дека од тој момент живее во постојан страв.
„Нам ни рекоа да си ги држиме вратите заклучени и тоа е тоа. Таков е законот, велат. Но што ако утре се повтори? Живееме во страв“.
Од полицијата за Плусинфо ни одговорија дека се запознаени со случајот кој бил пријавен во полициската станица Гази Баба и веднаш било интервенирано.
„Ве известуваме дека на 22.01.2025 во Полициската станица Гази Баба, четири лица пријавиле дека нивен сосед упатувал закани, тропал по врати и ги вознемирувал. Веднаш по пријавување на настанот, полициски службеници излегле на местото и го лишиле од слобода лицето, кое подоцна било пренесено во здравствена установа“, велат од Министерството за внатрешни работи (МВР) за Плусинфо.
Оттаму додаваат дека со ваквото однесување лицето сторило прекршок по Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.
„Лицето и претходно престојувало во здравствена установата, а по барање на семејството и даден извештај од лекар повторно било вратено во установата“, ни рекоа од полицијата.
Извор: Plusinfo.mk