Вечен непребол и незаборав: 15 години од загинувањето на Тоше Проески

Македонија и Балканот се сеќаваат на Тоше Проески кој на денешен ден пред петнаесет години трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб. Веста за неговата смрт го потресе целиот Балкан, а многумина и денес, 15 години подоцна, не можат да се помират со големата загуба. Семејството, пријателите, фановите и бројните колеги на Тоше од година во година со емотивни зборови ја одбележуваат годишнината од неговата смрт и ја искажуваат својата тага за прекумерната загуба.

И годинава една од централните манифестации ќе биде одржувањето на ултрамаратонот од 1.100 километри во чест на Тоше Проески. Маратонот почна завчера од Нова Градишка, пред неговото спомен обележје, а денеска, на годишнината од неговото загинување, ќе пристигнат во Крушево. Маратоците ќе бидат пречекани во Крушево со 500 црвени рози, кои ќе бидат оставени покрај патот по кој тие ќе трчаат до вечното почивалиште на Тоше. На маратонците ќе им биде предаден букет со 26 црвени рози, колку што имаше години Тоше кога згасна неговиот живот во сообраќајната несреќа. Потоа тие ќе се упатат на Гумење, каде што се наоѓа вечното почивалиште на Проески и каде што ученици од основните и од средните училишта ќе ги пеат песните на Тоше во акустична придружба на гитари. Потоа, во спомен-куќата на маратонците ќе им бидат врачени благодарници за нивниот подвиг во чест на Тоше Проески.

Од отворањето во 2011 година, Спомен-куќата на Тоше, имала повеќе од 650.000 посетители од кои, според раководството, една третина се од странство, пред сè од балканските земји.

Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче” (1992) каде испеал песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест” во Прилеп, во 1997 година, и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот, а во 2004 ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.

Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот – „Игри без граници” беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт, кој беше хуманитарен и за подобрување на условите во образованието во Македонија, го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007.